// Google analytics code

ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ДИОНИСИЈ АРЕОПАГИТ

~+~

„Учејќи ја длабочината на духот во морето на премудроста, преподобен, ти си го проповедал едното Божество на Света Троица, откако ги опиша сите ангелски чинови и сите нивни таинствени светлини, богомудар. Затоа, опишувајќи ја и земната ерархија, сите си ги издигнал кон единственото единство ерарху Дионисије…“

(Седален од утрената на св. Дионисиј Ареопагит)

St Dionysios Arepegite

Неговото раѓање и образование

Роден е и воспитуван во благородничко незнабожечко семејство во знаменитиот град Атина, во 9-та година од првиот век по Христа. Од рана младост бил даден да ја изучува елинската мудрост, во што покажувал голем успех. Толку многу напредувал што сите свои врсници ги надминал во философијата.

Сакајќи уште повеќе да се усоврши во световните науки, заедно со својот другар Аполофан, заминуваат во Египет, во градот Хелиополис. Во тоа време таму живееле многу познати учители, и кај нив Дионисиј ја изучувал астрономијата.

Уште на почетокот од неговиот тамошен престој, бил сведок на несекојдневна појава на необично затемнување на сонцето. Тоа било истиот тој ден кога, заради нашето спасение, Господ Исус Христос беше распнат на Крстот и сонцето се помрачило. Според сведоштвото на Евангелистите (Марко 15, 33; Лука 23, 44-45), таа темнина ја зафатила целата земја, цели три часа, спротивно на сите закони на природата.

Запрашани за необичната појава, неговите учители не можеле да му ја објаснат поинаку, освен како знак за промени во божествените работи.

А и самиот Дионосиј, сакајќи да си даде рационален одговор рекол: „Или Бог, Творецот на целиот свет, страда, или овој видлив свет завршува!“

Овој настан оставил длабоки траги во потсвеста на овој млад човек. За него подоцна, во писмо упатено до св. Поликарп Смирнски, ќе напише: „Што имаш да кажеш за затемнувањето на сонцето што се случи кога Спасителот беше ставен на Крстот? Во времето кога бевме во Хелиополис и двајцата бевме сведоци на извонредниот феномен на месечината што го сокри сонцето, во време надвор од сезоната за нивно заедничко доаѓање… Видовме како месечината почнува да го крие сонцето од исток, како патува на другата страна, за потоа да се врати по својот пат, така што затемнувањето и повторното објавување на светлината не се случи во иста насока, туку во дијаметрално спротивни насоки…“

Дека во тоа време не можело да се случи природно затемнување на сонцето укажува и фактот дека Пасха е настан кој секогаш се случува на полна месечина, а помрачувањата на сонцето е при млада месечина.

Атински ареопагит

По враќањето од Египет во Атина, за Дионисиј се вели дека, како прв меѓу граѓаните по благородност, разум и честитост, станал член на Ареопагот.

Локацијата каде се наоѓала оваа институција била наречена Ареопагус, како комбинација од грчките зборови за „бог на војната“ и „камен“. Ареопагот буквално значи: „Карпа на Арес“.

Во античка Атина, Ареопагот имал многу важна улога во општествениот живот на граѓаните и имал многу висока репутација. Се користел како форум за владетелите во Атина да одржуваат судења, да дебатираат и да разговараат за важни работи.

Целта на атинскиот Ареопаг, всушност, била слична на онаа на еврејскиот Синедрион, каде што се дискутирале и истражувале сите тогашни религиозни или философски идеи. Се сметал за „конзервативен“, во смисла на прифаќање на нови идеи и општествени појави. Сепак, атинскиот Ареопаг првенствено бил заинтересиран да го брани грчкиот концепт на нивните „богови“ и ја имал улогата на судилиште за решавање на спорови и на други одредени случаи.

 

Свети апостол Павле го објавува „Непознатиот Бог“

Во такви услови се појавил св. апостол Павле и среде Атинскиот Аеропаг ја изрекол многу позната негова проповед „за непознатиот Бог“. На чуден начин, еден обичен Евреин, кој по ништо не оставал надворешен впечаток на авторитет, но многу храбар, итар, прониклив и исполнет со Светиот Дух, направил сите да се возмутат и размислат, а некои од нив и да поверуваат во Христос, Распнатиот и Воскреснатот.

За ова светиот апостол Лука во Делата Апостолски пишува: „И додека ги чекаше нив во Атина, Павле се возмутуваше во духот, гледајќи во градот, полн со идоли. И тој беседеше во синагогата со Јудејците и побожните, и секој ден на плоштадот со кого ќе се сретнеше. А некои епикурејски и стоички философи почнаа да се препираат со него; едни велеа: „што сака да каже овој празнословец?“ а други: „се гледа, тој проповеда туѓи божества“, зашто им благовестеше за Исуса и за воскресението. И зедоа, та го одведоа во Ареопагот, велејќи: „ќе можеме ли да знаеме какво е тоа учење, што го проповедаш? Оти нешто непознато внесуваш во ушите наши. Затоа сакаме да знаеме што е тоа“. А, пак, сите атињани, како и туѓинците, кои живееја при нив, во ништо друго не сакаа да го поминуваат времето освен во тоа – да зборуваат или да слушаат за нешто ново. Тогаш Павле застана среде Ареопагот и рече: „луѓе атињани, по сѐ гледам дека сте побожни. Зашто, кога минував и ги разгледував светилиштата ваши, најдов и жртвеник, на кој беше напишано: ‚на непознатиот Бог‘. За Него, пак, Кого вие не Го знаете, а Кого Го почитувате, за Него јас ви проповедам“. Така, св. ап. Павле проповедајќи, дошол и до воскресението на мртвите: „кога чуја за воскресението од мртвите, едни се насмеаја, а други рекоа: „другпат сакаме да послушаме за тоа“. А некои луѓе се присоединија кон него и поверуваа. Меѓу нив беше Дионисиј Ареопагит и една жена, по име Дамара, и други со нив. (Дела 17, 16-34).

 

Вистински философ, кој ја љуби Премудроста

Дионисиј внимателно ги слушал тие негови зборови и сакал подетално да дознае повеќе, и како помудар од останатите, започнал насамо да расправа со св. ап. Павле. Откако длабоко навлегле во дискусија, апостолот мудро му поставил едно прашање:

– Кој бог го почитувате вие овде?

Дионисиј му ги покажал грчите богови: Хронос, Афродита, Зевс, Хефест, Хермес, Дионис, Артемида и многу други. Разгледувајќи ги заедно со Дионисиј овие нивни богови, апостол Павле дошол до едно идолиште на кое пишувало: „на непознатиот Бог“, па го запрашал:

-Кој е тој „непознат Бог?“

Дионисиј му одговорил дека е Оној, Кој сѐ уште не се јавил меѓу боговите, но дека во свое време ќе дојде. Тоа е Оној Бог, Кој ќе царува над небото и земјата и Неговото царство не ќе има крај. Откако го слушнал, апостолот започнал да му објаснува на Дионисиј:

– Тој Бог е веќе дојден, се роди од Пресвета Приснодева Марија и прикован на Крст пострада, заради спасението на луѓето. Сонцето не можеше да Го гледа Неговото страдање и затоа се помрачи, и цели три часа не ја даваше својата светлина на вселената. Истиот Тој Бог воскресна од мртвите и се вознесе на небото. Затоа, во вистинскиот Бог Исус Христос верувај, Него познај Го и вистински служи Му!

Тогаш на Дионисиј му дошла пред очи сета слика од некогаш во Египет и на темнината која настанала по целата земја. Се сетил и на неговите, тогаш боговдахновени зборови, и веднаш поверувал дека навистина во тоа време страдал Бог во човечко тело. Тогаш го осветлила светлината на благодатта Божја, Го познал единствено вистинскиот Господ Исус Христос и поверувал во Него. Го замолил апостолот да се помоли за него, за Бог да биде милостив кон него и да го вброи во своите слуги.

Бог, Кој секогаш човекољубиво ја покажува Својата сила и премудро сѐ уредува, устроил така што кога апостол Павле заминувал од Атина, еден слеп, за кого сите знаеле дека се родил слеп, се нашол на тоа место и го замолил апостолот да му подари вид. Светиот апостол ги осенил со крсниот знак очите на слепиот и рекол: „мојот Господ и учител Христос, Кој направи кал од плунка и ги помаза со таа кал очите на слепиот и му дари вид, и тебе нека те просвети со силата Своја. И веднаш слепиот прогледал. Тогаш, за да ја утврди верата кај Дионосиј и да пробуди во него ревност, му наредил да појде кај Дионисиј и да му рече: „Павле, слугата на Исус Христос, ме испрати кај тебе да ти пренесам, според своето ветување, да отидеш кај него и откако ќе се крстиш да добиеш отпуштање на гревовите“. Слепиот постапил според кажаното и отишол. Кога Дионисиј видел дека слепиот прогледал многу се восхитил и уште повеќе зајакнала неговата вера во Христа.

Убеден дека Павле ја зборува вистината и дека неговото учење е вистинската вера, Дионисиј одлучил да се крсти во 54-та година по Христа. Се крстил со своето семејство, заедно со својата сопруга Дамара и со своите синови.

 

„Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме последува!“ 

Веднаш потоа, Дионисиј го оставил домот и му се придружил на свети апостол Павле, со кого бил постојано три години. А на што Дионисиј се научил од апостол Павле и на какви тајни Божји се удостоил, за тоа ни сведочат неговите списи. Но, Дионисиј имал слушано проповеди, не само на св. ап. Павле, туку и на повеќето од врховните апостоли. Самиот пишува за себе, во своите книги, дека бил во Ерусалим на гробот Господов, каде што го видел и слушал Јаков, братот Божји и првоврховниот Петар и Јован Богослов со Еротеј и Тимотеј, и со многу други браќа, кога тие проповедале таму за тајните на верата. Тој станал близок пријател и соработник со свети Јован и се допишувал со него. Се допишувал и со свети Тимотеј, свети Тит, свети Поликарп и со други од наследниците на апостолите.

Кога со св. ап. Павле биле во Солун, од самиот Павле бил упатен во Атина и бил поставен за епископ. Во својот роден град, каде што имал голема чест и углед, за да проповеда за „непознатиот Бог“ и да им го направи познат и приемчив на сите. Свети Дионисиј бил втор епископ, после Еротеј, на Атина. Свети Дионисиј останал тука долго време, за после да биде упатен на нова мисија.

 

Пред лицето на Пресвета Богородица

За време на животот на Богородица, свети Дионисиј отпатувал од Атина во Ерусалим за да ја сретне лично. По неговата средба со Пресветата му напишал на својот учител апостол Павле: „сведочам по Бога, дека освен самиот Бог, нема ништо друго исполнето со таква божествена сила и благодат. Никој не може целосно да го разбере она што го видов. Се исповедам пред Бога: кога бев со Јован, кој сјаеше меѓу апостолите како сонце на небото, кога бев изведен пред лицето на Пресвета Богородица, доживеав неискажлива возбуда. Пред мене блесна еден вид божествено зрачење што го измести мојот дух. Го сетив мирисот на неописливи мириси и се исполнив со таква радост што моето тело стана слабо и мојот дух тешко можеше да ги издржи овие знаци на вечна величественост и небесна моќ. Благодатта од неа го обзема моето срце и го потресе мојот дух. Ако не ги имав предвид вашите упатства, требаше да ја помешам за самиот Бог. Невозможно е да се застане пред поголем благослов од овој што го видов“.

Тој направил голем број патувања надвор од Атина, уште еднаш бил во Ерусалим и присуствувал и на погребението на Пресветата Владичица наша Богородица, во 57 година, кога заедно со сите апостоли на чудесен начин беа пренесени на облаци и собрани сите заедно на Елеонската Гора во Ерусалим.

 

Апостол, епископ, исповедник и маченик

Црквата во Атина, основана од апостол Павле, значително ја утврдил и проширил. Па, како и другите свети апостоли, посакал да го проповеда Евангелието и во други земји и да пострада за името Христово, како и својот учител Павле, за кого што беше слушнал дека во Рим пострадал за Христа од Нерон.

Се чини дека по разговорот со свети апостол Јован и по смртта на св. апостол Павле, свети Дионисиј, веќе во доцните шеесетти години, одлучил да оди на Запад за да им проповеда на незнабошците на тие страни. Откако го поставил свети Паблиј како негов наследник во Атина, заминал за Рим придружуван од презвитерот Рустик и ѓаконот Елефтериј, каде со радост го примил свети Климент, епископот Римски. Со него поживеал кратко време, и заедно со епископот Лукијан, свештеникот Рустик, ѓаконот Елефтериј и останатите браќа, уште најмалку десет свештеници, од страна на свети Климент беше испратен во Галија (денешна Франција), за таму да го проповеда словото Божјо на незнабошците.

Преку него и неговите ученици, кои ги испрати да ја шират благата вест за Христос Спасителот, се основани нови цркви и престоли во Руан, Шарт, Евр, Вердун и Бове. Тие претходно обратиле многумина во Христа и во Рим, а потоа во Германија и во Шпанија.

Со своите двајца први придружници, Елефтериј и Рустик, свети Дионисиј отишол и во Париз. Му се молел на Бога да му дарува сила и благодат за да ги привлече луѓето кон Црквата. Затоа Бог му ја дал Неговата благодат и го направил благоухан мирис за спасение, па неговата проповед била плодоносна. Многумина го прифаќале Христос како свој Бог и се крштевале. Тука изградил и четири оратории каде што се собирале верните и служеле литургија.

Додека на таков начин се ширело словото Божјо, настапило ново гонење на христијаните, покренато од страна на царот Домитијан. Овој цар го испратил во Галија игемонот Сисиниј за да ги гони христијаните. Тогаш им се даде власт и на обичните граѓани за да можат да ги пријавуваат и прогонуваат христијаните.

Така загинал и првиот крстен христијанин, кој ги примил апостолите во својата куќа, и бил предаден на римскиот службеник од неговата сопствена паганска сопруга, а, исто така, и нивните тројца гости како соучесници. Тогаш тројцата мисионери биле фатени и врзани во окови и фрлени во затвор.

 

Христијани сме, имаме еден Бог, Кој е на небото, Него Го почитуваме, Нему му се поклонуваме, а на царската наредба нема да се покориме.

Штом дошол во Париз, Сисиниј наредил најпрво да му го доведат на мачење Дионисиј, познат по чудесата и мудроста Божја, а со него и Рустик и Елефтериј. Останатите браќа беа заминале на проповед во други краеви и на тој начин се спасија од прогонството. Во тоа време свети Дионисиј веќе беше многу стар, приближно 90 години и преморен од трудовите во проповедањето на Евангелието. Слабодушните идолокпоклоници се беа толку испашиле од овој изнемоштен старец, што бил изведен цврсто врзан пред царскиот намесник. Тој, исполнет со горчина и зло, гневно го прашал:

– Ти ли си тој зол старец Дионисиј, кој хули на нашите богови и се противи на царските наредби? Светиот старец смирено му одговорил:

– Иако сум веќе стар со телото, како што и самиот гледаш, мојата вера цвета во младост и исповедањето мое насекаде раѓа нови деца Христови.

Запрашан кој бог го почитува, свети Дионисиј му го објавил словото на вистината и Го исповедал големото име на Пресвета Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух. Но игемонот, како глува аспида, не сакал ни да ја сослуша спасоносната благовест на апостолот. Тогаш ги праша тројцата, заедно со Елефтериј и Рустик, дали ќе му се покорат на царот и ќе им принесат жртви на неговите богови, на што тие како со една уста одговориле:

– Христијани сме, имаме еден Бог, Кој е на небото, Него Го почитуваме, Нему му се поклонуваме, а на царската наредба нема да се покориме.

Тогаш намесникот наредил Дионисиј да го соблечат гол и немилосрдно да го тепаат со јажиња. Светителот го поднесувал тоа со благодарност кон Христос, што го удостоил на своето тело да ги носи раните Негови. На ист начин ги мачеле и св. Рустик и св. Елефтериј. Исто и тие како нивниот учител, крепени првенствено од самиот Бог, трпеле и Го прославувале Христа. Беа смислени и други маки, но Бог го сочува епископот и неговите ученици. Кога ја видел нивната храброст и невидена отпорност, се исплашил дека не им може ништо и дека попрво ќе малаксаат рацете на џелатите отколку што ќе изнемоштат мачениците, па наредил повторно да ги затворат и утредента пак да продложат со нови измачувања.

Утредента, со наредба на мачителот, го положиле на жежок железен одар, а тој го пеел псалмот: „Твоето слово е многу чисто, и Твојот слуга го сака“ (Пс. 118, 140). И Бог го заштитувал. Слично како некогаш пророкот Даниил и сега св. Дионисиј, напрво го фрлиле на ѕверовите, но тие не го повредиле, зашто Бог им ги затворил устите. Потоа го фрлиле и во силен оган, но, и таму останал здрав, недопрен од огнот. Немоќни да го усмртат, повторно го вратиле во темницата кај Рустик и Елефтериј. Кај него во темницата доаѓале многу христијани, и светителот, покрај тешките измачувања и неговата старост, наоѓал сили на затворениците да им служи божествена литургија и ги причестувал со Светите тајни на телото и крвта Христови. Додека служел божествена литургија, верните гледале неискажлива светлина над блажениот Дионисиј. Со војски од ангели се јавувал Царот на славата, и достојните гледале во Него колку што тоа им било овозможено за телесните очи. По некое време, тројцата повторно биле изведени од темницата пред игемонот, кој повторно ги наговараше да им принесат жртва на идолите, но тие не сакаа ни да слушнат, туку Го исповедале Христос, вистинскиот Бог.

 

Достојно е закланото јагне…

Мачителот разлутено наредил да ги тепаат по лице јавно, и на крајот ги осудил на посекување со меч. Кога ги воделе од градот кон планината, наречена Арејева, Дионисиј се молел, говорејќи: „Боже, Боже мој, Ти си ме створил и научил на вечната мудрост Своја. Ти си ми ги открил тајните Свои и секаде каде што бев Ти беше со мене. Ти благодарам за сѐ што стори со мене во слава на пресветото име Свое, и што мојата намачена старост која чезнее да Те созерцува ја посети, повикувајќи ме кај Себеси со пријателите мои. Те молам, прими ме заедно со нив, и биди милостив спрема оние што со крвта Своја си ги стекнал и со нашето служење на Тебе Си ги призвал кај Себе, зашто е Твоја силата и моќта со Отецот и Светиот Дух низ сите векови.“ А кога завршил со молитвата и рекол „Амин“, ја приклонил својата глава за пресветото име Христово и бил посечен со тапа секира. Исто така, заедно со него ги положиле своите глави за Христа и свети Рустик и свети Елефтериј.

Биле масакрирани и голема група христијани со нив. А сопругата на првиот париски христијанин и маченик, откако ги видела храбрите подвизи на овие свети маченици, увидела дека згрешила и се покајала. Па и таа го исповедала Исуса Христа за вистински Бог и Спасител и заедно со другите загинала маченички.

Тоа се случилово 96-та година, за време на прогонот од римскиот император Домитијан, при крајот од неговото владеење.

 

Ученик на апостолот кој го достигна третото небо, се збогати со секакво знаење на неискажливите тајни и ги просветли оние што седеа во мракот на незнаењето

Свети Дионисиј бил и плодоносен црковен писател кој оставил огромна трага за православната теологија. Записите на свети Дионисиј Ареопагит имаат големо значење за Православната црква.

Пишаните дела на свети Дионисиј Ареопагит се од извонредно значење во теологијата на Православната црква, а, исто така, и за доцно-средновековната западна теологија. Скоро четири века, до почетокот на шестиот век, делата на овој свет отец на Црквата биле зачувани во нејасна ракописна традиција, првенствено од теолози на Александриската црква. Концептите во овие дела биле познати и искористени од Климент Александриски, Ориген, св. Дионисиј Велики, од најистакнатите фигури на катихетската школа во Александрија, како и од свети Григориј Богослов. Свети Дионисиј Александриски му напишал на свети Григориј Богослов коментар за „Ареопагитумот“. Делата на свети Дионисиј Ареопагит добиле општо признание од Црквата во текот на шестиот и седмиот век, после Халкидонскиот Вселенски Собор. Свети Максим Исповедник бил под силно влијание на св. Дионисиј во неговите теолошки списи, а за нашиот св. Кирил Солунски се вели дека наизуст ги знаел сите негови дела.

Откако влегол во внатрешниот мрак на непристапната светлина и ги научил божествените недостижни тајни на Словото, св. Дионисиј ни оставил познание за небесната и земната (црковна) ерархија и устројство. А исто и како својот учител Павле, воздигнат со умот до небеста на престолот Божји, и нам ни ја објави мистичната теологија и ни ги откри имињата Божји.

Зачувани се четири негови книги и повеќе помали трактати и писма. Четирите зачувани негови книги се:

– За небесната ерархија

– За црковната ерархија

– За Божјите имиња

– За мистичната теологија

Дополнително, има уште десет писма до разни луѓе. Свети Дионисиј е автор на уште неколку пократки трактати: „Теолошки контури“; „Свети химни“; „Символичка теологија“; и трактати на тема: „Праведниот суд на Бога“; „Душата“; и „Предметите на интелектот и чувството“. Меѓутоа, за ниту една од овие списи не е откриена сигурна трага.

Самите списи формираат збирка од четири трактати и десет писма. Првиот трактат, кој исто така е најважен по обем и содржина, претставува објаснување за Божествените имиња, во тринаесет поглавја. Поаѓајќи од принципот дека имињата Божји треба да се научат само од Светото Писмо, и дека тие ни овозможуваат само несовршено знаење за Бога, божествениот Дионисиј, меѓу другите теми, разговара и за Божјата добрина, битие, живот, мудрост, моќ и правда.

Во втората книга зборува за целта на божествено воспоставената ангелска ерархија, што е и искачување кон побожноста преку очистување, просветлување и совршенство. Највисоките ангелски чинови се носители на божествена светлина и божествен живот за пониските чинови. И не само чувствителните, бестелесни ангелски војски учествуваат во духовната светлоносна ерархија, туку и човечкиот род, пресоздаден и осветен во Црквата Христова.

Небесната ерархија опфаќа девет ангелски чинови, кои се поделени во поблиски групи од по три реда. Имињата на деветте чинови се земени од канонските книги и се наредени по следниот редослед:

Прва ерархија:

Серафими – разгоруваат огнена љубов кон Бога.

Херувими – просветуваат со премудрост и богопознание.

Престоли – разумни и според благодатта богоносни, им даваат сила на правосудност на престолите на земните судии и владетели.

Втора ерархија:

Господства – господарат со пониските чинови кои не им се робови, туку служат со радост, им даваат сила и мудрост на земните господства, нè учaт да владееме со волјата и чувствата.

Сили – даваат сила за чудотворства и им помагаат на послушниците и слабите.

Власти – ги смируваат демоните, одбиваат искушенија, им помагаат на подвижниците.

Трета ерархија:

Начела – началствуваат со пониските чинови, се грижат за државите, народите, племињата, нè учат да ги почитуваме старешините, и ги поставуваат достојните на старешинство.

Архангели – благовестат, пророкуваат, ја закрепнуваат верата.

Ангели – ги пренесуваат Божјите тајни и намери, поттикнуваат на добродетел.

Третиот трактат е само продолжение на другите два, бидејќи се базира на истите водечки идеи. Се занимава со природата и оценките на црковната ерархија. Се дискутира за Божјата намера во воспоставувањето на ерархијата на Црквата, и го прикажува Христос како нивна света и врховна Глава. Црквата Христова, како и ангелските чинови, во својата универзална служба, е поставена врз основа на свештеничките принципи утврдени од Бога.

Во земниот свет, за децата на Црквата, божествената благодат слегува неописливо преку Светите тајни на Црквата, кои се духовни по природа, иако приемчиви во видлив облик. Малкумина, дури и меѓу светите подвижници, се во можност да ја видат со своите земни очи светлечката визија на Светите Божји Тајни. Но, надвор од Светите тајни на Црквата, надвор од Крштението и Евхаристијата, светлоносечката спасителна Божја благодат не може да се најде, ниту божественото знаење, ниту пак обожението.

Четвртата книга со наслов „Мистична теологија“, во пет поглавја го изложува учењето за божественото знаење и мистичното соединување со Бога, што е целосно надвор од можноста за сетилна или интелектуална перцепција. Теологијата на Православната црква е целосно заснована на искуството од божественото знаење. За да се спознае Бог, да се приближиме до некаде до Него, неопходно е да се биде во Негова близина и да се постигне заедница со Бога и обожение. Оваа состојба се постигнува со молитва. Ова не е затоа што молитвата самата по себе нѐ носи и приближува до неспознатливиот Бог, туку преку молитвата ја достигнуваме чистотата на срцето и на тој начин таа нѐ приближува до Бога.

Шаблонизирана по оригиналот на божествената љубов, праведност и мир, е хармонијата што ја опфаќа вселената. Сите нешта се стремат кон Бога и во Него се спојуваат и завршуваат, исто како што кругот се враќа во себе, како што радиусите се споени во центарот.

 

Некои нејаснотии околу идентитетот на св. Дионисиј Ареопагит и неговите пишани дела – Дионсиј или Денис

Околу името на св. ап. Дионисиј Ареопагит се врзани и некои дилеми и нејаснотии. Најпрво, околу неговиот идентитет и мачеништво, а потоа и околу неговите пишани трактати.

Имено, според една традиција, тој бил убиен кај Лутетија (старото име Париз).

Во црковната агиографија постои една конфузија околу овој св. Дионисиј Ареопагит и уште eден св. Дионисиј (Денис) Париски. И двајцата истоименици биле епископи во Париз, а и двајцата на ист начин завршиле маченички за Христа во време на римската империја, само што едниот во првиот век, а другиот во третиот век. Иако житијата им се слични и се преклопуваат, сепак треба да се прави разлика, бидејќи се работи за две различни личности. Има и еден настан од житието на св. Дионисиј (Денис) Париски, кој од невнимание се провлекува и во житието на св. Дионисиј Ареопагит. Имено, св. Денис бил обезглавен на највисокиот рид Монмартр во Париз, и откако му ја отсекле главата, Бог направил преславно чудо, кога со силата Божја св. Денис ја зел својата отсечена глвава и со неа отишол неколку километри од врвот на ридот проповедајќи целиот пат, и потоа ја предал својата глава на една благочестива жена Катула. Потоа паднал на земјата и го предал својот дух на Бога.

За тоа дека се работи за различни житија и личности сведочи и иконографската традиција на Црквата. Св. Дионисиј Ареопагит најчесто се прикажува како епископ (интресно е што не и како апостол), а св. Денис, обезглавен и со отсечената глава во рацете.

 

Св Дионисиј или Псевдо Дионисиј

И втората дилема околу името на св. Дионисиј Ареопагит е поврзана со неговите пишани дела. Сѐ до скоро тие дела априори му се припишуваа на овој светител од првиот век. Но, во поново време, некои учени, наидоа на некои нејаснотии во врска со стилот, времето, теолошко-философското влијание, и го оспорија тврдењето дека овие списи се сигурно на св. Дионисиј Ареопагит, па затоа претпоставија дека се работи за некоја друга личност од Сирија од V век, кој пак бил инспириран од св. Дионисиј и го зел неговото име како псевдоним, па затоа го нарекоа Псевдо Дионисиј Ареопагит.

Главно сомневањата се базираат на стилот, времето, теолошко-философското влијание. Тие сметаат дека делата на апостолските мажи (тоа се учениците на апостолите Христови, во кои фактички спаѓа и св. Дионисиј), како и сите други дела што се однесуваат на најстариот период на христијанската литература, се карактеризираат со неуметничка форма, отсуство на било какви философски влијанија и со чисто библиски карактер на содржината.

Списите содржат теми и термини кои не се карактеристични за првите векови и за првпат, целосно во оваа форма која што денес ја имаме, се појавуваат дури во IV век, кај монофизитите.

Деталните научни истражувања ја утврдија големата зависност на ареопагетиката во списите на неоплатонистот Прокло (485 г.), од кои авторот буквално транскрибира одредени делови, но без да споменува од каде ги цитира.

Меѓутоа има и друга група на учени, кои со свои аргументи ја докажуваат авентичноста на списите и дека св. Дионисиј е вистинскиот автор. Оваа страна и ние ја застапуваме и стоиме зад тоа дека делата познати како „Corpus Arеopagitum“ се дела на св. Дионисиј Ареопагит.

Ништо не е спорно еден врвен философ да отстапува пред времето, надвор од својата околина, и да напише дела како што се „Corpus Arеopagitum“. Да не заборавиме дека свети Дионисиј бил многу интелегентен и многу голем познавач на елинската философија. Негов учител бил св. ап. Павле, кој најмногу од сите апостоли се потрудил и ги достигнал небесните височини и познанието на божествените тајни како никој друг. Тој бил вознесен до третото небо, каде што го видел она што око човечко не може да го види, го слушнал она што уво човечко не може да го слушне и на ум човечки не може да му дојде. А токму за тоа пишува св. Дионисиј во неговите списи.

Исто така, тој комуницирал и учел од св. Јован Богослов, оној кој најмногу продрел во познавањето на неспознатливите божествени тајни, а и не само тоа, туку и самиот св. Дионисиј се покажал како извонреден познавач на неискажливите тајни Божји.

Може да се каже дека списите имаат додавки кои даваат сомнежи, но, сепак, стилот, теолошкото учење, јазикот и алузиите, докажуваат дека списите се напишани по апостолската ера од светител и философ каков што бил св. Дионисиј Ареопагит. И зар еден таков врвен философ и богослов би можел да мирува нетворејќи и зарем за него е тешко да напише дела како овие?

Другиот нивни аргумент, дека овие дела во целост не се знаеле до петтиот век, се побива со фактот дека многу автори, како што се Дионисиј Александриски, Климент Александриски, Ориген и други, цитирале делови од овие списи.

 

Во длабока старост му го предаде на Бога својот дух

Свети Дионисиј пострадал во 96 година, во длабока старост од својот живот, за време на прогонот од римскиот император Домитијан. Неговиот спомен се слави на 3/16 октомври. Од неговите мошти се излева голема благодат, а на неговиот гроб се случуваат многу чудеса во слава на нашиот Христос, славениот со Отецот и Светиот Дух за навек. Амин!

 

 

подготви: о. Гаврил,

игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“

Кинглејк, Мелбурн, Австралија

 

 


About The Author