// Google analytics code

ЖИТИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА – Отец Гаврил (Галев)

ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

ИЗВОРОТ НА ЖИВОТОТ

 ~+~

image00027

Особено за Пресветата, Пречиста, Преблагословена

славна Владичица наша Богородица и Секогашдева Марија[1]

Достојно е навистина

блажена да Те нарекуваме Тебе, Богородице,

секогаш блажена и пренепорочна,

и Мајко на нашиот Бог.

Почесна од Херувимите и

неспоредливо пославна од Серафимите,

Бога Словото девствено што Го роди,

Тебе, Која навистина си Богородица,

Те величаме.

Кога сакаме да зборуваме за Онаа преку Која дојде спасението на светот и се удостои да стане Мајка Божја, и сакаме да го опишеме Нејзиниот живот, подобро да замолчиме, оти нема да најдеме соодветни зборови што можат да Ја опишат. Затоа и не можеме да направиме подобар вовед за Неа освен литургискиот возглас – дека е пренепорочна, почесна и пославна од секое создание.

Нашиот Митрополит Струмички Наум, со особен восхит кон Неа, ќе напише: „Она нѐ научи што е (Кој Е) смислата на нашиот живот. Она нѐ научи што е (Кој Е) вистинска вера. Она нѐ научи што е (Кој Е) апсолутно послушание. Она нѐ научи што е (Кој Е) одрекување од овој свет. Она нѐ научи што е (Кој Е) крајно туѓинување. Она нѐ научи што е (Кој Е) небесно смирение. Она нѐ научи што е (Кој Е) непрелестно кружно движење на умот во Бог, односно благодатна умно-срдечна молитва. Она нѐ научи што е (Кој Е) љубов. Она нѐ научи што е (Кој Е) совршена заедница со Бог. Она е совршен сад на Божјото Предание. Она дозволи да се воплоти Единородниот Син Божји во Неа – од Светиот Дух. Она Го роди нашиот Господ, Богочовекот Исус Христос. Она пострада неволно под Крстот, како никој од човечкиот род – кога било. Она, од сите нас, прва воскресна. Она е граница меѓу несоздаденото и создаденото. Преку Неа го добиваме секој дар Божји. Секој наш дар на Бог, Он преку Неа го добива. Она е Црквородица. Она е нашата Мајка, а ние сме Нејзини деца. Она е нашата Владичица Богородица и Секогашдева Марија“[2].

За Пресвета Богородица многу малку е напишано во Евангелието. Таа се спомнува во најбитните моменти од Христовиот живот и Неговиот спасителен домострој. Без Нејзино учество, домостројот на спасението би бил невозможен, и преку Неа единствено се исполни. Таа е Онаа што сиот род човечки Ја чекаше да се роди, за да ни Го роди Спасителот, и да се избавиме од гревот, смртта и вечната пропадливост. Затоа и ние толку Ја почитуваме и спомнуваме и на секој возглас од Литургијата: „Пресвета Богородице, спаси нè“, и тој спасителен восклик го чуваме над светите двери од иконостасот во црквите.

 

Рождество на Пресвета Богородица

 IMG_4647

Твоето раѓање, Богородице Дево,

радост му возвести на целиот свет,

зашто од Тебе изгреа Сонцето на правдата – Христос, нашиот Бог;

и откако ја разруши клетвата, ни даде благослов;

откако ја победи смртта, ни дарува живот вечен.

(тропар на Рождество Богородично)

Joakim i Ana 1Родителите на Пресвета Богородица се викале Јоаким и Ана, и тие биле од царска лоза. Но, со текот на времето, силата на нивната царска лоза се изгубила и тие биле само обични луѓе, непрепознатливи меѓу народот. Јоаким бил од родот на Авраам и Давид, а света Ана била од свештеничкиот род Аронов. Така, Марија пo таткo била oд царски рoд, а пo мајка oд архиeрeјски рoд, и сo тoа вeќe Гo прeтскажувала Oнoј што oд Нeа ќe сe рoди какo Цар и Првoсвeштeник.

Овие сопружници, живеејќи според Законот Господов, биле праведни пред Бог. Од својата заработувачка една третина употребувале за себе, а другото го раздавале на сиромаси и го принесувале како жртва во храмот. Во тоа време, на земјата немало побогоугодни луѓе од Јоаким и Ана, и затоа Бог ги удостоил да бидат родители на Пресветата Дева, однапред избрана за Мајка Божја. Но овие свети сопружници, по Божја волја, долго време биле бездетни, за во самото зачнување и раѓање на таква ќерка да се покаже и силата на благодатта Божја, и честа на Раѓањето, и достоинството на родителите.

Јоаким и Ана долго време тагувале што немаат деца. Еднаш, на еден голем празник, благочестивиот Јоаким, според обичајот, пристапил да принесе две грлици како жртва на Бог. Но, тогашниот првосвештеник Исахар не сакал да ги прими неговите дарови и му рекол: „Не си достоен од твои раце да се прими дар, бидејќи си бездетен и го немаш благословот Божји поради некои твои тајни гревови“.

Тоа многу го натажило Јоаким, и тој заминал од храмот посрамен и понижен; празникот му се претворил во плач, а радоста во тага. Од голема тага тој не се вратил дома, туку се упатил кон далечната пустина, каде што овчарите ги паселе неговите стада, и таму плачел поради својата бездетност. Почнал усрдно да Му се моли на Бог да биде благословен со дете, како некогаш Авраам, за и тој да може да се нарече татко. Освен молитвата, Јоаким четириесет дена постел, без да вкуси леб, и говорел: „Нема да јадам и нема да се вратам во својот дом, туку солзите ќе ми бидат храна и пустината – куќа, додека не ме услиши и посети Господ Бог Израилев“.

Во меѓувреме, гласот за тоа што се случило со Јоаким во Ерусалим допрел до благочестивата Ана, која останала во домот во Назарет. Тогаш, таа почнала да плаче со неутешни солзи и да говори: „Сега сум најнесреќна од сите: Бог ме отфрли, луѓето ме укоруваат, мојот сопруг не е крај мене! За што повеќе да плачам: поради вдовството или бездетноста? Поради тоа што не се удостоив да се наречам мајка или поради тоа што сум сама?“ Непрестајно леела солзи, не вкусувала храна и, слично на мајката на пророк Самоил, во голема тага Го молела Бог да ја ослободи од бездетноста.

Така, еднаш, само што ја завршила својата усрдна молитва, пред неа застанал ангел Божји и ѝ рекол: „Ана, твојата молитва е услишена; твоите воздишки ги преминаа облаците и твоите солзи излегоа пред Господ. Ете, ќе зачнеш и ќе родиш ќерка преблагословена, со која ќе се благословат сите народи на земјата, и преку неа ќе дојде спасението на светот. Таа ќе се вика Марија!“ Кога ги слушнала тие зборови, света Ана брзо се упатила кон Ерусалим за да Му заблагодари на Бог во светиот храм.

Во исто време, ангел му се јавил и на свети Јоаким, и му рекол: „Јоакиме, Јоакиме! Бог ја услиша твојата молитва и благоволи да ја излее врз тебе Својата благодат: ете, жена ти Ана ќе зачне и ќе роди ќерка, која ќе биде радост за сиот свет. Еве ти знак за вистинитоста на моите зборови: појди во Ерусалим и таму, пред златните двери, ќе ја најдеш својата сопруга, на која ѝ е јавено истото!“

И зачнала света Ана во деветтиот ден од месец декември, а на осми септември родила ќерка, Преблагословената Дева Марија, почетокот и посредничката на нашето спасение, и за Неа се израдувале и небото и земјата.

Miluvanje

Родителите Ја чувале како зеница во окото и необично будно Ја воспитувале, онака како што Ѝ доликува на Онаа што требало да биде Мајка на нашиот Спасител. Тие Ја љубеле не само како ќерка, толку долгоочекувана, туку и како своја Владичица, спомнувајќи си за зборовите на ангелот. А Таа, преисполнета со благодатта Божја, таинствено ги збогатувала со истата благодат и Своите родители.

 

 

Воведение на Пресвета Богородица

 Entry

Ангелите, гледајќи го влегувањето на Пречистата,

се восхитуваа како Дева влегува во Светињата на светињите.

(стихира од празникот на Голема вечерна)

Така, кога наполнила три години од раѓањето, Нејзините свети праведни родители Јоаким и Ана одлучиле да Ја предадат на служба на Бог според своето ветување. Ги повикале сите свои роднини од царски и архиерејски род, како и хор од беспрекорни девици. Во име на праведната Ана, свети Герман, Патријарх Цариградски, говори: „Го исполнувам пред Господ заветот што го кажа устата моја во мојата тага, и поради тоа собрав хор од девици со свеќи, повикав свештеници, ги собрав роднините, на сите говорејќи им: ’Радувајте се со мене сите, зашто денес се покажав и како мајка и како родителка, приведувајќи Ја својата Ќерка не кон земен цар, туку кон Бог, Царот Небесен‘“.

Така тргнале на тридневно патување од Назарет до Ерусалим. А кога дошле во Ерусалим, тие свечено влегле во храмот и во него го вовеле одуховениот храм Божји, тригодишното девојче, Пречистата Дева Марија. Светите родители, таткото од една и мајката од другата страна, нежно Ја воделе својата богодарувана Ќерка. Свети Теофилакт, Архиепископ Охридски, тоа вака го опишува: „Ќерката заборава на домот на таткото и се приведува кон Царот, Кој копнее по Нејзината убавина. Се приведува не без чест и слава, туку со свечена свита… Сиот Ерусалим се собра да го гледа ова чудесно испраќање, и Ја гледа тригодишната Дева, опкружена со толкава слава и чествувана од таква свита. И не само жителите на земниот Ерусалим, туку и на небесниот Ерусалим, светите ангели, притекнаа за да го видат преславното воведение на Пречистата Дева Марија“.

Спојувајќи се со видливиот хор на чисти девици, хор од Бестелесни Умови невидливо бил присутен, соводејќи Ја Пречистата Дева Марија во Светињата на светињите, и по наредба Господова Ја опкружувале како избран сад Божји. За тоа свети Григориј, Архиепископ Никомидиски, вели: „Родителите веќе Ја воделе кон дверите на храмот, опкружена со ангели, со заедничко радување на сите Небесни Сили. Зашто ангелите, иако не ја знаеле силата на тајната, сепак, како слуги, по наредба Господова, тие служеле при Нејзиното влегување во храмот. Значи, тие прво се восхитувале гледајќи дека Таа е скапоцен сад на добродетели, дека носи знаци на вечна чистота и дека има такво тело до кое никогаш нема да се приближи никаква гревовна нечистотија; и второ, исполнувајќи ја волјата Господова, тие ја вршеле службата што им била доверена“.

При внесувањето на старозаветниот Ковчег во храмот Господов пред него одел земен цар кој тогаш царувал над Израил, богоотецот Давид, а при воведувањето во храмот Божји на овој одуховен ковчег, Пречистата Дева, пред Неа одел не земен, туку Небесниот Цар, Кому секој ден Му се молиме: „Цару Небесен, Утешителу, Духу на вистината…“ За тоа сведочи и светата Црква: „Во Светињата на светињите со Светиот Дух се воведува Светата и Пренепорочната“[3]. Самите, пак, свети праведни родители Јоаким и Ана, според сведоштвото на свети Тарасиј, ја пееле песната на праотецот Давид: „Чуј, ќерко, види, приклони го увото свое и заборави го твојот народ и домот на таткото твој. Зашто Царот ја посака твојата убавина“ (Псал. 44, 11–12).

Според блажен Ероним, пред храмот имало петнаесет скали. Праведните родители Ја подигнале Дева на првата скала, а Таа самата брзо дошла до врвот, укрепена со невидлива сила Божја. На врвот ја пречекал великиот првосвештеник Захариј, таткото на свети Јован Предвесник. Како пророк, по откровение Божјо, тој однапред ја проѕрел иднината на оваа Дева и, како што вели свети Теофилакт Охридски, тој бил „обземен од Духот“. Според свети Герман, тој вака Ѝ говорел: „Оди, најбожествен и најнов дару! Влези во радост, во храмот на Твојот Господ: во долниот дел од храмот, достапен за луѓето, а за кратко време и во недостапниот за нив!“

И Девата, веселејќи се и радувајќи се, влегла во домот Господов како во дворец: зашто иако била мала по возраст и имала само три години, Таа сепак, била совршена со благодатта Божја, како однапред позната и избрана од Бог пред создавањето на светот. Родителите на Дева Марија, пак, според Законот, Му принеле жртви на Бог, примиле благослов од свештеникот и се вратиле дома.

Така Пречистата и Преблагословена Дева Марија била воведена во храмот Господов. Притоа, првосвештеникот Захариј направил необична и чудесна работа: тој Ја вовел Девата во самата скинија, односно во Светињата на светињите, која се наоѓала зад втората завеса, во која бил Ковчегот на заветот, окован отсекаде со злато, а херувими на славата го осенувале олтарот, каде што не било допуштено да влегуваат не само жени, туку и свештеници, а можел да влезе само првосвештеник, и тоа еднаш годишно. Таму првосвештеникот Захариј Ѝ доделил на Пречистата Дева место за молитва.

На другите девици, кои живееле во храмот до одредена возраст, според сведоштвото на свети Кирил Александриски и свети Григориј Ниски, им се доделувало место за молитва помеѓу црквата и олтарот. Ниедна од тие девици никако не смеела да пристапи кон олтарот, зашто тоа најстрого било забрането од страна на првосвештеникот. На Пречистата Дева, пак, од Нејзиното воведение во ниту еден миг не Ѝ било забрането да влегува во внатрешниот олтар зад втората завеса и таму да се моли.

Блажената Дева уште од Своето детство, кога била во храмот со останатите девици, Свои врснички, животот го поминувала по строг ред: од рано наутро до девет часот Таа стоела на молитва; од девет до три часот попладне Таа се занимавала со рачна работа или читање книги, а од три часот попладне Таа повторно ја почнувала Својата молитва, и не престанувала да се моли сè додека не Ѝ се јавил ангел, од чии раце Таа навикнала да прима храна.

Свети Григориј Палама во беседата за Воведение ќе рече: „Пресветата Дева, престојувајќи во храмот, се ослободи од сите тварни окови и ги отфрли сите врски, истовремено воздигнувајќи се над сожалувањето кон сопственото тело и собирајќи го умот во сосредоточеност кон него самиот, со внимание и во непрестајна божествена молитва. И преку молитвата, Таа целата Своја стана и се воздигна над разнородното мноштво помисли, воспостави нов и неискажлив пат кон Небото, којшто јас ќе го наречам молчание на умот. И предавајќи го Својот ум на ова молчание, ја наткрили сета твар, и подобро од Мојсеј ја виде славата Божја, и беше посветена во божествената благодат, која никако не е подложна само на силата на чувствата, туку претставува прекрасно и свештено созерцание, својствено за непорочните души и умови. Бидејќи причесна на ова созерцание, Пречистата – како што пеат црковните химни – стана светлоносен облак на навистина живата вода, зора на таинствениот ден и огнена кочија на Логосот“.

Според блажен Ероним, „Неа секој ден Ја посетувале ангели. И ако некој би ме прашал како Пречистата Дева го поминувала времето на Својата младост, јас би му одговорил: тоа Му е познато само на Бог, и недостапно е и за Нејзиниот чувар, светиот архангел Гаврил, кој со другите ангели често доаѓал и со љубов разговарал со Неа. Живеејќи така со ангелите во Светињата на светињите, Пречистата Дева посакала вечно да живее во ангелска чистота и целомудрие“. Таа Му ја заветила Својата девственост на Бог, зашто во Стариот Завет било необично девојки да не стапуваат во брак, бидејќи бракот повеќе се почитувал од девственоста[4]. Но, Пречистата Дева е првата што ја претпочитала девственоста пред бракот, и ветувајќи се Себеси на Бог, Му служела деноноќно во чиста девственост, а Пресветиот Дух, по благоволение на Бог Отецот, подготвувал во Неа живеалиште за Бог Словото.

 

 

Благовештение

 IMG_2438 (2)

Денес е почеток на нашето спасение и откривање на вечната тајна:

Синот Божји станува Син на Дева и Гаврил објавува блага вест.

Затоа и ние да повикаме кон Богородица:

Радувај се, Благодатна, Господ е со Тебе!

(тропар на Благовештение)

Кога навршиле единаесет години од пребивањето и служењето на Пресветата Дева во Ерусалимскиот храм, и четиринаесет години од раѓањето, односно кога стапила во петнаесеттата година од животот, свештениците Ѝ соопштиле дека, според Законот, Таа веќе не може да остане во храмот, туку треба да се вери и да стапи во брак. Но, на големо изненадување за сите свештеници Пресветата Дева одговорила дека Таа се посветила на Бог и дека сака да остане девојка до смртта, без да стапи во брак со кого било. Тогаш, по промисла и вдахновение Божјо, првосвештеникот Захариј, таткото на свети Јован Предвесник, заедно со останатите свештеници, собрал дванаесет неоженети луѓе од Давидовото племе, за на еден од нив да му се довери Дева Марија на чување на Нејзиното девојчинство и на грижа за Неа. Таа му била врачена на стариот и праведен Јосиф од Назарет, кој Ѝ бил и роднина. Во домот на Јосиф, Пресветата Дева продолжила да живее исто како и во Соломоновиот храм.

Но, кога навршило времето пророкувано од пророкот Даниил, и кога Бог благоволил да го исполни Своето ветување на Адам и на пророците, се јавил великиот архангел Гаврил во одајата на Пресветата Дева, и тоа, како што пишуваат некои свети писатели, токму во мигот кога Таа ја држела книгата отворена на пророкот Исаија и размислувала за неговото големо пророштво: „Ете, Девица ќе зачне и ќе роди син!“ (Иса. 7, 14). Архангел Гаврил Ѝ се јавил во архангелска светлина и Ѝ рекол: „’Радувај се, благодатна! Господ е со Тебе!‘, Оној Кој е пред Тебе, сега е со Тебе, и малку подоцна ќе се роди од Тебе. Он Кој е пред секоја вечност, сега е под времето. О неизмерно човекољубие! О неискажливо милосрдие!“

IMG_7814

Слушнувајќи го овој поздрав, Пресветата Дева се збунила за тоа каков е тој чудесен поздрав. Се збунила и зачудила, бидејќи порано ангелот никогаш не дошол во таква голема небесна слава и со толку радосен поздрав, а Ја збунила и новината на поздравот, тоа што Таа, девојка, е вброена меѓу жените. Ангелот продолжил: „И ете, ќе зачнеш и ќе родиш Син, и ќе Му го дадеш името Исус. Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот. И Господ Бог ќе Му го даде престолот на Неговиот татко Давид, и ќе царува над Јакововиот дом довека, и Неговото Царство не ќе има крај“ (Лука 1, 30–33).

На тоа Пресветата Дева Марија му рекла на ангелот: „Како ќе биде тоа, кога не знам за маж?“ (Лука 1, 34). Тоа не значи дека Пресветата Дева не верувала на зборовите на ангелот, туку Таа, исполнета со благодатта Божја, точно знаела дека ќе Го роди Благовестениот, зашто тоа го дознала од Самиот Бог во храмот; Таа само не знаела на кој начин ќе се случи тоа, кога е девојка што не познала маж. Свети Григориј Ниски вели како Пресвета Богородица да му вели на ангелот: „Кажи ми го начинот на Раѓањето, о ангеле! И ќе го најдеш срцето Мое подготвено за Божјата намера. Зашто сакам таков плод, но без повреда на девственоста“.

А ангелот Ѝ одговорил: „Светиот Дух ќе дојде на Тебе и силата на Севишниот ќе Те осени; затоа Светото што ќе биде родено од Тебе – ќе се нарече Син Божји“ (Лука 1, 35). „Од Него ќе зачнеш во утробата; Он ќе изврши во Тебе надумно зачнување. Светиот Дух, Кој сè чини, ќе го направи тоа во Тебе, о Пресвета Дево, во пречистата Твоја утроба бессемено ќе устрои од телото Твое тело за бесплотниот Бог Словото. Зашто низ Тебе, врата запечатена со чистота и со девственост чувана, Господ ќе помине како што сончев зрак поминува низ стакло и кристал, осветувајќи и просветлувајќи Те со Својата божествена слава, за да станеш вистинска Мајка Божја, раѓајќи совршен Бог и совршен Човек, и останувајќи и при раѓањето девствена како што си била и пред раѓањето“, вели свети Амвросиј.

Слушнувајќи ја оваа благовест, Пречистата со најдлабоко смирение одговорила: „Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според твоите зборови“ (Лука 1, 38). И веднаш во Нејзината утроба, со дејство на Светиот Дух, се извршило зачнување на неискажлив начин, без телесна наслада, но не и без духовна наслада. Зашто тогаш особено се топело срцето на Пречистата Дева од божествен копнеж, и со пламен на серафимска љубов горел Нејзиниот дух, а сиот Нејзин ум се вдлабочувал во Бог и се насладувал со Неговата љубов на неискажлив начин. И во тоа Нејзино духовно насладување, со слатко богољубие и умно боговидение, се зачнал Синот Божји, и Словото станало тело и воплотувајќи се, се всели меѓу нас.

„Царот на сите ја посака таинствената убавина на Секогашдева, како што Давид прорекол (Псал. 44, 11). ’Ги приклони Он небесата и слезе‘ (Псал. 17, 9), и Ја осени (Лука 1, 35), односно силата на Севишниот дојде за да пребива во Неа во самата Негова Ипостас. Тој не го откри Своето присуство преку темнина и оган, како што направи со Мојсеј (2 Мој. 19, 16; 18), ниту преку бура и облак, како со Илија (1 Цар. 18, 45), туку откриената сила на Севишниот директно ја осени совршено чистата утроба на Дева без ништо да посредува, ниту воздухот на земјата или небото, ниту нешто видливо или невидливо. Зашто, тоа не било осенување, туку совршена заедница“, вели свети Григориј Палама.

 

Рождество Христово

 Raganje Hristovo 1

Раѓањето Твое, Христе Боже наш,

го озари светот со светлината на познанието;

во неа, пак, оние што на ѕвездите им служеа

од ѕвездата се учеа Тебе да Ти се поклонуваат,

Сонце на правдата, и да Те познаат Тебе,

Исток од висините, Господи, слава Ти.

(тропар на Рождество Христово)

Кога праведниот Јосиф видел дека Таа е тешка, потонал во голема недоумица и тага, бидејќи мислел дека Таа го погазила заветот на девственост. Според свети Атанасиј Александриски, Јосиф, сиот смутен, вака Ѝ говорел на Пресветата Дева: „Што се случи со Тебе, Марија? Нели си Ти чесна Девојка, воспитана во свештените дворови на храмот? Нели си Ти онаа Марија која не сакаше ниту да погледне во лице на маж? Каде е палатата на Твојата целомудреност? Каде е Твоето срамежливо лице? Јас се срамам, а Ти си смела оти го покривам Твојот грев“. Но, Таа му одговорила: „Ако самата зборувам за себе, тогаш ќе испаднам суетна. Стрпи се малку, Јосифе, па пастирите ќе ти објават за мене“. И ништо друго не зборувала освен: „Жив е Господ, Кој досега ме чуваше во беспрекорна девственост, та не познав грев и никој не се допре до мене, а тоа што е во мене е по Божја волја и дејство“.

Јосиф, сепак, намислил тајно да Ја напушти. Но, ноќта пред да замине, на сон му се јавил ангел Господов и му рекол: „’Јосифе, син Давидов, не бој се да ја примиш Марија, жената своја, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух; Таа ќе роди Син и ќе Му ставиш име Исус, зашто Он ќе го спаси народот Свој од неговите гревови‘. А сето тоа стана за да се исполни кажаното од Господ преку пророкот, кој вели: И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог! Штом се разбуди Јосиф од сонот, направи така како што му беше заповедал ангелот Господов и ја прими жената своја“ (Матеј 1, 20–24).

Исто така, познато е и следното: во времето кога Пресвета Дева Марија била бремена, првосвештеникот и целиот синедрион дознале за тоа. Тогаш ги довеле Пресветата Дева и праведниот Јосиф пред првосвештеникот и синедрионот. Првосвештеникот Ѝ рекол на Дева Марија: „Го заборави ли Бог, Ти Која си воспитана во Светињата на светињите, Ти Која примаше храна од ангелски раце и слушаше ангелско пеење. Што си направила?“ А Таа плачејќи говорела: „Жив Господ Бог Мој, чиста сум и не знам за маж“. Тогаш првосвештеникот му се обратил на Јосиф: „Што си направил?“ Јосиф одговорил: „Жив Господ Бог Мој, чист сум од Неа“. На тоа првосвештеникот рекол: „Бидејќи не ја приклони главата под крепката десница Божја за да биде благословено твоето потомство, и тајно од синовите Израилеви си се сретнал со Дева, посветена на Господ на дар, затоа и двајцата сте должни да ја испиете водата на разобличувањето, за Господ да го обелодени вашиот грев пред сите“.

Таков суд Бог востановил преку Мојсеј, опишан во Четвртата книга Мојсеева: ако постоел сомнеж дека некој направил прељуба, а не ја кажува вистината за тоа, тогаш на тој човек му се давало вода што носи проклетство со посебно свештенодејство и посебен чин. И по судот Божји, по пиењето на таа вода настанувало некакво изобличување кај човекот што извршил прељуба, после што се обелоденувало беззаконието. Првосвештеникот прво го напоил Јосиф, а потоа и Марија, но не се случило никакво изобличување. Тогаш првосвештеникот им рекол: „Штом Господ не го објави вашиот грев, одете со мир“. А Јосиф, земајќи Ја Дева Марија, се вратил во својата куќа, славејќи Го Бог Израилев.

Кога се исполниле девет месеци од благовеста, што ја јавил архангел Гаврил, во тие дни излегла заповед од ќесарот Август за попис на сите жители во Римското Царство. „Тоа беше прв попис за управувањето на Квириниј во Сирија. И отидоа сите да се запишат, секој во својот град. Отиде и Јосиф од Галилеја, од градот Назарет, во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово, за да се запише со Марија, свршената за него жена, која не беше празна. А кога беа таму, Нејзе Ѝ дојде времето да роди. Го роди Својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, оти за нив немаше место во гостилница“ (Лука 2, 1–7).

Бидејќи за нив немало место во гостилница поради мноштвото народ кој дошол да се попише, праведниот Јосиф и Пресветата Дева се засолниле во една пештера. И таму Пречистата и Преблагословена Дева на полноќ топло Му се молела на Бог, и наоѓајќи се во богомислие и горејќи од копнеж и љубов кон Него, без болки Го родила Господ Исус Христос. Бидејќи Таа зачнала чисто, така и се породила, без да го загуби девството, како што вели свети Григориј Ниски: „Дева зачна, Дева носеше, Дева роди, Дева остана. Ниедно од овоземните чуда не е слично на ова“.

Многу чуда се случиле за време на Рождеството Христово. Зашто, во истиот час кога се родил Господ Христос, во пештерата потекло извор вода од камен, а во Рим од земјата избил извор елеј и потекол во реката Тибар. Се срушил идолскиот храм, многу идоли се разбиле, а на небото се појавиле три сонца. Но најголемо чудо било кога ангелите слегнале на земјата, пеејќи песни, и јасно им се покажале на луѓето.

Така и на тројцата пастири им се јавил светиот благовесник Гаврил и им ја објавил радоста за Раѓањето на Спасителот. Притоа, им укажал на знак за вистинитоста на својата благовест, велејќи: „И еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец, како лежи во јасли“ (Лука 2, 12). По тоа јавување, тие веднаш се упатиле кон Витлеем и кога дошле во пештерата, ги виделе Пречистата Дева Марија и праведниот Јосиф, и Младенецот повиен во јасли. И веднаш поверувале дека тоа е Христос Господ, очекуваниот Спасител, и раскажале за јавувањето на ангелот. „И сите, што чуја, се восхитуваа на сето она што им расправаа пастирите. А Марија ги пазеше сите тие зборови, слагајќи ги во срцето свое. И се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Го Бог за сè она што чуја и видоа, како што им беше речено“ (Лука 2, 18–20).

 

 

Сретение Господово

Sretenie 1

Радувај се, благодатна Богородице Дево,

зашто од Тебе изгреа Сонцето на правдата – Христос нашиот Бог,

Кој ги просветли оние што беа во темнина.

Весели се и ти, старче праведен,

зашто Го прими во прегратките Спасителот на нашите души,

Кој ни дарува воскресение.

(тропар на Сретение Господово)

На четириесеттиот ден од Рождеството, Пресветата Дева Го донела Својот Божествен Син во Ерусалимскиот храм за, според Законот, да Му Го посвети на Бог и Себеси да се очисти (3 Мој. 12, 2–7; 2 Мој. 13, 2). Иако ниту едното, ниту другото не било потребно, сепак, Законодавецот не сакал да згреши против Својот Закон, што го дал преку Својот слуга и пророк Мојсеј. А Пресвета Богородица, сета чиста и непорочна, дошла да се очисти, за да покаже дека е послушна на Законот. Смирена, без да се гордее поради Својата девствена чистота, туку напротив, како нечиста, дошла да застане на местото на нечистите жени пред вратите на храмот Господов и да бара очистување, не гнасејќи се од нечистите и грешните. А принела и жртва, не како богатите, кои принесувале жртва од една година, туку како сиромашните, кои принесувале две грлици или две гулапчиња. Така, во сè покажувала смирение, и го сакала сиромаштвото, а ја избегнувала гордоста на богатите.

Држејќи Го Исус во раце, Таа ги преклонила колената пред Господ, и со големо благочестие и благоговение Му Го принела и предала на Бог, говорејќи: „Предвечен Оче, ова е Синот Твој, Кој Го прати да се воплоти од Мене заради спасението на луѓето. Ете Го Оној Кој Ти пред вековите си Го родил без мајка, а Јас по благоволението Твое на крајот од времето Го родив без маж. Ете Го првородениот Плод на утробата Моја, зачнат во Мене со Твојот Свет Дух, и роден од Мене на неискажлив начин, како што Ти единствен знаеш. Ете Го Првенецот Мој, но Он е Твоја Првина, на Тебе совечен и собеспочетен, Првенец Кој единствено Тебе Ти прилега, зашто од Тебе слегна не отстапувајќи од Твоето Божество. Прими Го воплотеното Слово од Мене, со Кое си ги утврдил Небесата, си ја основал земјата, водите во едно си ги собрал. Прими Го од Мене Твојот Син, Кој Ти Го принесувам, за да чиниш со Него и со Мене тоа што е Твоја волја, и со Неговите тело и крв, кои ги зеде од Мене, да го спасиш родот човечки“. Велејќи го тоа, Богомајката Го положила Своето возљубено чедо на рацете на првосвештеникот, како да Го положува во рацете на Самиот Бог.

Светите отци велат дека кога Пречистата Дева со Младенецот дошла во храмот, светиот пророк Захариј не Ја ставил на местото за жени што се очистуваат, туку на местото за девојки, на кое не можеле да стојат жени што имаат маж. Кога тоа го виделе книжниците и фарисеите, почнале да негодуваат. Захариј им се спротивставил, велејќи дека оваа Мајка и по раѓањето е чиста Дева. Но, бидејќи тие не поверувале, светителот им рекол дека човечката природа, како и секоја создадена твар, Му е потчинета на својот Создател, и во Неговите сесилни раце е да постапува со секое создание според Својата волја, и да направи Дева да роди и по раѓањето да остане Дева.

Кога Исус како Младенец бил донесен во Ерусалимскиот храм од Пречистата Дева Марија, за ова Духот Божји му јавил на старецот Симеон, праведен и побожен човек, кој тогаш бил престарен и бел како лебед. Симеон брзо отишол во храмот и таму Ја препознал Богомајката со Младенецот, според светлината што ги опкружувала. Радосен, старецот Го зел Христос во своите раце, а неговото срце затреперило со неискажлива радост, весело пеејќи пред своето упокојување и велејќи: „’Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои, зашто очите мои го видоа спасението Твое‘. Па ги благослови Симеон и Ѝ рече на Марија, Мајката Негова: ’Еве, Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот, а и на Тебе Самата меч ќе Ти ја прободе душата за да се откријат мислите на многу срца‘“ (Лука 2, 29–30; 34–35). Дошла и пророчицата Ана, ќерката Фануилова, и пророчки им говорела на сите за Младенецот.

Слушајќи и гледајќи го тоа, книжниците и фарисеите толку се разгневиле, што го известиле царот Ирод за слученото. Бидејќи мудреците од исток не се вратиле од Витлеем во Ерусалим за да му јават на Ирод за новородениот Цар, туку на заповед од ангел по друг пат заминале за својата татковина, царот Ирод се разјарил како лута ѕверка и наредил да се убијат сите деца на возраст до две години во Витлеем и во сета витлеемска околина. Оваа страшна царска заповед веднаш била извршена. Неговите војници некои деца ги убиле со меч, други ги разбивале врз камења, трети ги гмечеле со нозе, четврти со раце ги задавиле. И се кренало плач и лелек на мајките до небесата; пискот и горко плачење: „Рахил плаче за своите деца и не сака да се утеши за нив, зашто ги нема“ (Ер. 31, 15; Матеј 2, 18).

Но, војниците не Го нашле Божествениот Младенец, бидејќи на Јосиф му се јавил ангел Господов и му рекол да ги однесе Младенецот со Неговата Мајка во Египет. И светиот Јосиф со Пречиста Богородица не се вратил во Витлеем, туку во Галилеја, во својот град Назарет, и оттаму веднаш тргнале кон Египет. Со нив го зеле и најстариот син на Јосиф, Јаков, кој подоцна бил наречен брат Господов, и тој им служел за време на патувањето. „А Младенецот растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со премудрост; и благодатта Божја беше врз Него“ (Лука 2, 40).

 

 

Бегството во Египет

Egipet

Од Египет Го повикав Синот Свој.

(Ос. 11, 1)

По неколку дни пат, светите патници се нашле во безводни пустини, по кои одел народот Израилски од Египет до Ветената Земја. Патот врвел среде пустината и неретко исчезнувал меѓу песочните дини, каде што често крстареле разбојници. Во пустината немало можност да се набави неопходната храна, па поради тоа сè требало да се носи во потребната количина, а тие имале само едно магаре, кое им било потребно на Богомајката со Божествениот Младенец. Дење биле изложени на неподнослива горештина, а ноќе биле принудени да се заштитат од студот.

Според Светото Предание, на едно место среде пустината биле нападнати од разбојници, кои сакале да им го земат магарето. Но, еден од разбојниците бил толку восхитен од убавината на Божественото Дете, што не им дозволил на своите другари да ги ограбат светите патници. „Доколку Самиот Бог би зел на Себе човечки лик, ниту Он не би бил поубав од ова Дете!“ – рекол тој, не знаејќи и самиот дека ја зборува вистината. Тогаш Пресветата Богомајка му рекла на благоразумниот разбојник: „Верувај дека овој Младенец нема да ја заборави твојата добрина. Ќе ти врати со добар дар, за тоа што сега Му го поштеди животот!“ А тоа бил токму оној разбојник што подоцна бил распнат од десната страна на Господ Христос и кој се удостоил прв да влезе со Него во рајот, според зборовите Христови: „Денес ќе бидеш со Мене во рајот!“ (Лука, 23, 43). Така на него се исполниле зборовите на Мајката Божја.

Блиску до египетскиот град Ермопол имало едно огромно, прекрасно дрво, во кое имало нечиста сила. На тоа дрво населението му се поклонувало и му принесувало жртви како на божество. Кога му се приближила Пресветата Дева со Својот Богомладенец, тоа силно се затресло од корен, и бесот, ужаснат од доаѓањето на Господ Исус Христос, побегнал, а дрвото ги спуштило своите гранки доземи, принесувајќи им должно поклонение на својот Создател и на Неговата Пречиста Мајка. Уморните патници се засолниле од сончевата жештина под неговата разгранета сенка. Оттогаш, дрвото останало така свиено во знак на доаѓањето Господово во Египет, а луѓето почнале да добиваат исцеленија од разни болести преку неговите лисја.

Потоа, свети Јосиф заедно со Пресвета Богородица и Богомладенецот Исус влегле во тамошниот идолски храм, во кој имало триста шеесет и пет идоли, и во истиот час сите идоли паднале на земја и се испокршиле. Така на нив се исполнило она што го кажал пророкот: „Ете, Господ ќе седне на лесен облак (т.е. на рацете на Пречистата Дева) и ќе дојде во Египет. И пред лицето Негово ќе затреперат идолите египетски“ (Ис. 19, 1).

Потоа дошле во селото Натареа, близу Илиопол, каде што неколку години поживеале во една мала куќа. Таму се случило и друго чудо: во близината на нивната куќа одненадеж се појавил извор на жива вода, од кој Пречистата Дева црпела за разни потреби, како и за бањање на Своето Дете. Тој извор постои и денес, и најчудесно е тоа што во целата Египетска земја тој е единствениот извор на жива вода.

Колку време поминале светите патници во Египет, не е познато. Свети Епифаниј вели две години, свети Никифор – три, а Георгиј Кедрин – пет години. Светото Евангелие кажува само дека по смртта на Ирод ангел Божји повторно му се јавил на Јосиф и, според Божјата заповед што му ја пренел, светото семејство повторно се вратило во земјата Израилева. Повторно се населиле во градот Назарет, во кој порано живееле, за да се исполни пророштвото дека ќе се нарече Назареец.

 

 

Љубовта на Мајката Божја

 images

Дево Марие, Ти си кораб и Скинија што ги содржи сите тајни.

Ти го знаеш она што патријарсите никогаш не го дознаа, го искуси тоа што на ангелите никогаш не им беше откриено, Ти го чу она што пророците никогаш не го чуја.

Со еден збор, сето она што беше сокриено од претходните поколенија Ти се откри Тебе;

дури и повеќе – повеќето од овие чуда се однесуваат на Тебе.

Свети Григориј Неокесариски Чудотворец

Понатаму во Светото Писмо, Пресвета Богородица се спомнува уште еднаш, кога со праведен Јосиф и Исус отишле во Ерусалим на Пасха. „А кога Он беше на дванаесет години, тие пак отидоа по обичајот во Ерусалим; но при враќањето, кога се завршија празничните денови, Младенецот Исус остана во Ерусалим; а Јосиф и мајка Му не го забележаа тоа. Мислејќи дека е со друштво, изминаа еден ден пат и Го побараа меѓу роднините и познатите. Па, како не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат. По три дни Го најдоа во храмот како седи меѓу учители, ги слуша и ги прашува; сите што Го слушаа, се восхитуваа на Неговиот разум и на Неговите одговори. Кога Го видоа, се зачудија; и мајка Му рече: ’Синко, што ни направи така? Ете, татко Ти и јас се измачивме, барајќи Те‘. А Он рече: ’Што сте Ме барале? Зарем не знаете дека Јас треба да бидам во она што е на Мојот Отец?‘ Но тие не ги разбраа зборовите што им ги кажа Он. И слезе со нив, па дојде во Назарет; и им беше послушен. А мајка Му ги пазеше сите тие зборови во срцето свое. Исус, пак, напредуваше во премудроста и возраста, и во благодатта пред Бог и кај луѓето“ (Лука 2, 42–52).

Cruciriction 2Потоа, во Евангелието Таа се спомнува дури при крајот, во последните Господови години на земјата, во деновите на Неговите страданија. Кога речиси сите Го напуштиле, Таа и покрај опасностите, никогаш не Го напуштила и постојано била со Него. Преподобен Силуан Атонски Нејзината љубов ја смета за најсовршена меѓу луѓето, па ќе рече: „Ние не можеме да го достигнеме совршенството на љубовта на Мајката Божја, и затоа не можеме да ја поднесеме ниту Нејзината болка. Љубовта на Мајката Божја била совршена. Таа бескрајно Го љубела Својот Син и Бог, а исто така, многу ги сакала и луѓето. Што сѐ не претрпела Таа кога луѓето што толку ги љубела и на кои им посакувала спасение Го распнале Нејзиниот мил Син? Нејзината љубов кон Бог е посилна и поогнена од љубовта на серафимите и херувимите, и Нејзе Ѝ се воодушевуваат сите небесни сили, и архангели и ангели“.

Но и Нејзиниот Син не Ја оставил, туку и при самата смрт на Крстот мислел на Неа, и во мигот на најголемите страдања му рекол на Својот возљубен апостол Јован, задолжувајќи го: „’Ете ти мајка!‘ И од тој час ученикот ја зеде при себе“ (Јован 19, 25). Исус Ја погледнал и Својата Мајка, Која плачела покрај апостол Јован, и Ѝ рекол: „Жено, ете ти син!“ (Јован 19, 26). Свети Јован станал Нејзин заштитник, а Богородица – негова мајка.

Оттогаш, свети Јован Богослов и сите свети апостоли Ја зеле под нивна заштита и Таа постојано била со нив. Со Своите молитви, со благите совети, кротоста и трпеливоста, Таа многу им помагала на апостолите на Нејзиниот Син. Целото време до смртта главно го поминала во Ерусалим, обиколувајќи ги често оние места што ја потсетувале на големите настани и големите дела на Нејзиниот Син. Особено често одела на Голгота, во Витлеем и на Елеонската Гора. Кога Владичицата наша, преклонувајќи ги Своите колена, вознесувала молитви и благодарење на Елеонската Гора, тогаш се случувала следната чудесна појава: маслиновите дрвја, како да имаат душа, ги свивале своите врвови доземи и се поклонувале заедно со Богородица. Дрвјата Ѝ служеле како слуги, укажувајќи Ѝ почит.

Од Нејзините подолги патувања се спомнува Нејзината посета на свети Игнатиј Богоносец во Антиохија, посетата на светиот четиридневен Лазар, Епископ Кипарски, посетата на Света Гора, која Самата ја благословила, и престојувањето во Ефес со свети Јован, за време на големото гонење на христијаните во Ерусалим. Кога по Божја промисла Пресвета Богородица заедно со свети Јован пловела од Јопа за Кипар, во посета на свети Лазар Четиридневниот, бродот со кој пловеле заталкал на тогаш паганскиот Атос, па тие биле присилени да се засолнат близу пристаништето во близина на денешниот манастир Ивирон. Богородица излегла на брегот и воодушевена од убавината на природата што ја видела таму, ја благословила и Го замолила Господ тоа место да го претвори во Нејзина градина. Така, според Преданието, се чул глас, кој рекол: „Нека ова место биде Твое наследство и Твоја градина, рај и небо на спасението за сите што го бараат!“

 

 

Успение

Bogorodica-Uspenie 1 (2)

Во раѓањето девството си го сочувала,

во успението светот не го остави, Богородице,

си се претставила во живот, Мајко на Животот,

и со Твоите молитви ги избавуваш

од смрт душите наши.

(тропар на Успение на Пресвета Богородица)

На старост Таа често Му се молела на Бог на Елеонската Гора, на местото на Неговото Вознесение, што порано да Ја земе од овој свет. Често ги повторувала Давидовите зборови: „Кога ќе дојдам и ќе се јавам пред лицето Божјо? Солзите ми се леб и дење и ноќе“ (Пс. 41, 3–4). Кога ќе Го здогледам премилиот Мој Син? Кога ќе заминам кај Него, Кој седи оддесно на Бог Отецот? Кога ќе застанам пред престолот на Неговата слава? Кога ќе се наситам гледајќи го лицето Негово? О, преслатки Сине и Боже Мој! Време е да се смилуваш на Мене, Твојата Мајка, Која во долината на плачот на овој свет тагува што не го гледа лицето Твое. Изведи ја како од темница душата Моја од телото Мое, зашто како што срната ита кон потоци, така и душата Моја се стреми кон Тебе, Боже, за да се наситам кога ќе ми се јави славата Твоја“.

Еднаш, кога така Му се молела на Господ Христос да Ја разреши од телото и да Ја земе кај Себе на Небото, Ѝ се јавил архангел Гаврил и Ѝ јавил дека по три дена ќе се упокои. Во знак на Нејзината победа над смртта, односно дека телесната смрт ќе нема власт над Неа, како ни душевната, архангелот Ѝ дал една рајска палмова гранка, која светела со небесната благодат, за да ја носат при Нејзиниот погреб.

По завршувањето на молитвата Пресвета Богородица се вратила дома и веднаш сè се затресло од божествената сила што невидливо Ја окружувала, и од пресветата слава што ѝ го осветлувала Сечесното лице, која и дотогаш насекаде сјаело со благодатта Божја. Најпрвин го известила Својот посинок, возљубениот Христов ученик Јован, а тој, дознавајќи за Нејзиното скорешно успение, веднаш го известил свети Јаков, братот Господов, првиот Епископ Ерусалимски. Свети Јаков, пак, ги известил сите христијани, не само во Ерусалим, туку и по околните градови и села. И заедно со него кај Богородица дошле сите сродници и мноштво верни.

Со голема радост Пресвета Богородица посакала уште еднаш да ги види сите Христови апостоли. Господ Ѝ ја исполнил оваа желба, и сите апостоли, носени на облаци од ангелите, одеднаш се собрале во домот на свети Јован на Сион. Со голема радост Таа ги видела светите апостоли, ги охрабрила, ги посоветувала и ги утешила, а тогаш пристигнал и избраниот сад, божествениот апостол Павле. Припаѓајќи пред нозете на Пресвета Богородица, тој Ѝ се поклонил и говорел: „Радувај се, Мајко на Животот и смисло на мојата проповед! Зашто, иако не се насладив со гледањето на лицето на Христос, мојот Господ, овде, на земјата, пред Вознесението Негово на Небесата, сепак, гледајќи Те сега Тебе, како да Го гледам Него“.

Со светиот апостол Павле биле и неговите блиски ученици: свети Дионисиј Ареопагит, свети Еротеј и свети апостол Тимотеј. Биле присутни и други апостоли од седумдесеттемина, а Пресвета Богородица, повикувајќи ги при Себе по име, секого го благословувала и ги фалела нивната вера и нивниот подвиг во проповедањето на Евангелието Христово. Секому му посакувала вечно блаженство и се молела за мир на целиот свет.

На третиот ден, во благословениот час, Пресвета Богородица лежела на украсен одар, чекајќи го доаѓањето на Својот многупосакуван Син и Господ. Тогаш сите го виделе покривот на куќата отворен, како славата Господова слегува од Небото: и ете, Самиот Цар на славата, со безброј архангели и ангели, и со сите небесни сили, со светите праотци и пророци кои пророкувале за Неа, и со сите праведни души, се приближил кон Својата Пречиста Мајка.

Bogorodica-UspenieЗдогледувајќи Го Својот Син, Пресветата Мајка Божја со голема радост воскликнала: „Мојата душа Го велича Господ, и Мојот дух се зарадува во Бог, Спасителот Мој, оти погледна на смирението на слугинката Своја“ (Лука 1, 41–42). И подигнувајќи се од одарот, Таа Му се поклонила на Својот Господ. А Он, приближувајќи Ѝ се, и со љубов гледајќи на Неа, говорел: „Дојди, Ближна Моја; дојди, Гулабице Моја; дојди, најскапоцен Бисеру Мој, и влези во живеалиштето на вечниот живот“.

Мајката Божја, поклонувајќи Му се, Му одговорила: „Благословено е името Твое, Господи на славата и Боже мој! Ти благоизволи да Ме избереш Мене, смирената слугинка Твоја, за служење на Твојата тајна. Затоа, спомни ме, Цару на славата, во вечното царство Твое. Познато Ти е дека со сето срце Те возљубив и го сочував довереното ми од Тебе богатство, и сега прими го во мир духот Мој, и заштити Ме од власта на темнината, за никаква сатанска сила да не Ме сретне“. Потоа Пресветата рекла: „Подготвено е срцето мое, Боже, подготвено е срцето мое!“ (Пс. 107, 1), а потоа повторно Својот некогашен одговор: „Нека ми биде според зборовите Твои“ (Лука 1, 38). Потоа мирно ја предала Својата душа на Бог, без никаква болка и телесна болест.

Тогаш апостолите, плачејќи, го опкружиле одарот со Нејзиното чесно тело, од коешто излегувало чудесно благоухание, и во придружба на мноштво христијани го пренеле во Гетсиманската градина, во гробницата на светите Јоаким и Ана. По Божја промисла, поворката ја засолнувал облак од злобните Евреи. Некој еврејски свештеник Атониј го дофатил со рацете одарот со намера да го преврти, но во тој миг ангел Божји му ги отсекол двете раце. Тогаш тој повикал кон апостолите за помош, а откако рекол дека верува во Господ Исус Христос, бил исцелен.

Исто така, исцеление добиле и оние кои, поразени од своето слепило, го увиделе својот грев и со покајание прибегнале кон одарот на Пресвета Богородица, и се допирале до него со вера, и тие веднаш прогледале, не само со телесните, туку и со духовните очи. Зашто, милостивата Мајка на сите, Пресветата Владичица, Која со Своето раѓање ѝ даде радост на целата вселена, така и во Своето успение не сакала никого да нажали – како блага Мајка на благиот Цар, Таа и Своите поранешни непријатели милостиво ги утешила со Својата благодат и добрина.

Кога светите апостоли со мноштвото христијани стигнале во Гетсиманија и го поставиле одарот со пресветото тело, повторно настанал плач и ридање меѓу луѓето. Целивајќи го со солзи и оддавајќи му последен целив, одвај на самрак го положиле сечесното тело во гроб. Но и тогаш, кога го ставиле големиот камен на гробот, не си заминувале оттаму, врзани со големата љубов кон Мајката Божја. Светите апостоли поминале три дена покрај гробот на Пресвета Богородица, молејќи се, а за тоа време во воздухот се слушало чудесно пеење на небесните воинства, кои Му принесувале пофалби на Бог и Ја величале Мајката Божја.

Апостолот Тома, по Божја промисла, повторно изостанал, за така да се открие една нова и преславна тајна за Пресвета Богородица. Третиот ден пристигнал и тој, и посакал да го целива телото на Пречистата Владичица. Но, кога апостолите го отвориле гробот, ја нашле само плаштаницата, а телото не било внатре. И, целивајќи ја со солзи и благоговение чесната плаштаница, тие заедно Му се помолиле на Бог да им открие што станало со пречистото тело на Пресвета Богородица.

Приквечер светите апостоли седнале да се поткрепат со малку храна. А тие имале ваков обичај за време на трпезата: оставале по едно место празно, и на него ставале едно парче леб во чест на Христос, и како Негов дел. А по завршувањето на трпезата, принесувајќи благодарност, тие го земале спомнатото парче леб, наречено Господов дел, го подигнувале, славејќи го великото име на Пресвета Троица, и завршувајќи со молитвата, велеле: „Господи Исусе Христе, помaгaj ни!“ Потоа го јаделе тоа парче како Господов благослов. Таа вечер, кога по завршувањето на трпезата сакале да го подигнат парчето леб оставено во чест на Господ, одненадеж чуле ангелско пеење. Подигнувајќи ги очите, тие Ја здогледале Пречистата Мајка Божја, жива, опкружена со мноштво ангели. Таа им рекла: „Радувајте се, ќе бидам со вас во сите векови“. А светите апостоли, исполнувајќи се со радост, наместо вообичаеното „Господи Исусе Христе, помaгај ни!“, воскликнале: „Пресвета Богородице, помaгaj ни!“

Во часот на успението на Богомајката, Господ, заедно со небесните ангели и светии, ја вознел Нејзината душа не на Небото, туку „на Својот царски престол, во Светињата на светиите“, како што пишува свети Јован Дамаскин. За Нејзиното успение свети Јован Дамаскин вели: „Како може Изворот на животот преку смрт да премине во живот?“ Со смртта на „животодавната Мајка“ Господ ја надминува смртта, и затоа не ја именува смрт, туку „успение“, „свето застапништво“ и пат до Бог. Дури и ако овој настан се нарекува смрт, таа е животодавна и претставува премин кон бесмртниот и небесен живот.

 

 

За Богородица

 Bogorodica 1- Our Lady of Vladimir-Andrey Rublev

Свети Амвросиј Медиолански, говорејќи за овоземниот живот на Пречистата Дева Богородица, вака Ја опишува: „Таа била Дева не само по тело, туку и по душа, смирена по срце, богомудра, внимателна во зборовите; постојано го читала Светото Писмо, била неуморна во трудовите, целомудрена во разговорите, говорејќи со луѓето како пред Бог. Никого не навредувала, на сите им посакувала добро; секого го почитувала, никому не му се потсмевала, туку со Својата љубов покривала сè што ќе видела; од Нејзината уста не излегувало ништо што не излевало благодат; сите Нејзини дела зрачеле со највозвишена девственост; Нејзиниот надворешен изглед бил одраз на Нејзиното внатрешно совршенство, благост и незлобливост“.

Bogorodica 12Според свети Епифаниј и црковниот историчар Никифор Калист, Пресветата Дева Марија била средна по раст или малку повисока, „косата светло смеѓа; очите бистри, со маслинова боја; веѓите извиени и темни, носот не краток, устата исполнета со слатки зборови; лицето не тркалезно и не остро, но малку издолжено; рацете и прстите подолги“. Облеката Ѝ била едноставна, без никакви украси, како што тоа се гледа од Нејзиниот турбан што до денес е сочуван. Со еден збор, во сѐ Нејзино била присутна огромна благодат Божја.

Исто така, и свети Дионисиј Ареопагит силно посакувал да Ја види Богородица. Така, по три години од своето обраќање во христијанство, со благослов на својот учител, светиот апостол Павле, допатувал од Атина во Ерусалим. За тој настан, тој напишал:

„Исповедам пред Бог, о славен учителу и патеводителу наш, дека ми изгледаше неверојатно, покрај нашиот Бог, да постои битие толку обилно исполнето со божествена сила и чудесна благодат. Па, сепак, јас не само со духовните, туку и со телесните очи го видов тоа што не може да го досегне ниеден човечки ум. Да, да, јас со свои очи Ја видов боголиката и сесвета Мајка на нашиот Господ Исус Христос, посвета и од небесните духови…

Повторно и повторно исповедам пред сесилноста Божја, пред благодатта на Спасителот и пред преславното совршенство на Дева, Неговата Мајка, дека кога Јован, врховниот апостол и највисокиот пророк, кој во земниот живот сјае како сонце на небото, ме доведе кај боголиката и Пресвета Дева, ме осветли не само однадвор, туку и внатре таква голема и неизмерна божествена светлина, и се разли такво чудесно благоухание, што ни телото мое немоќно, ниту духот мој не можеа да поднесат такви чудесни знаци и првини на вечното блаженство. Изнемоште срцето мое, изнемоште духот мој во мене од Нејзината слава и божествена благодат.

Vladichica Bogorodica 3Сведок ми е Самиот Бог, роден од Нејзината девствена утроба, дека јас Нејзе ќе Ја признаев за вистински Бог и ќе Ѝ оддадев поклонение какво што треба да Му се оддава само на вистинскиот Бог, доколку твоите божествени поуки и закони сè уште не ми беа свежи во новопросветлениот ум. Човек не може да достигне поголемо блаженство, чест и слава од блаженството што се удостоив да Ја видам Пресветата. Тогаш бев совршено блажен и среќен. Му благодарам на севишниот и преблаг Бог, на божествената Дева и преславниот апостол Јован, и на тебе, врховниот претставник и началник на Црквата, што ми учинивте такво големо добро“.

Таа сите ги укрепувала, сите со утехата на Светиот Дух ги утешувала и за сите се молела. Кога светите апостоли биле затворени во темница, Мајката Божја принела за нив умилна молитва кон Бог и ним им бил испратен ангел Божји, кој во ноќта им ја отворил вратата на темницата и ги извел (Дела апостолски 5, 18–19). Кога светиот првомаченик Стефан бил изведен на смрт, Мајката Божја одела оддалеку зад него, а кога го засипале со камења, Таа стоела оддалеку со свети Јован Богослов и усрдно Му се молела на Господ да го укрепи во страдањето и да ја прими неговата душа. Кога Савле ѝ досадувал на Црквата и ја гонел, Мајката Божја топло Му се молела на Бог за него, да го претвори од крвожеден волк во кротко јагне, од непријател во апостол, од гонител во ученик и учител на вселената. Со Нејзиното застапништво и благодат Црквата толку зајакнала, што ни вратите на пеколот не можат да ѝ наштетат, а за тоа и Самата Мајка Божја многу се радувала, според зборовите на Давид, како што мајка им се радува на своите деца (Пс. 112, 9).

 

*

 

Vladichica Bogorodica 1Тебе и денес Те почитуваме, о Владичице, Владичице, и пак ќе кажам: Владичице! Богородице Дево! Соединувајќи ги нашите души со надежта во Тебе, како за некое најсилно и најсигурно сидро, умот, душата и телото целосно предавајќи Ти ги Тебе, Те фалиме со псалми, химни и духовни песни (Ефес. 5, 19), колку што можеме, бидејќи не сме достојни. (…)

Застапувај се за нас, добра Владичице, Родителке на добриот Владика, води нѐ каде што сакаш, и запри ги нашите срамни страсти, смири ја бурата и води нѐ кон мирното пристаниште на Божјата волја, и удостој нѐ со идното блаженство, слаткиот и прекрасен сјај на Воплотениот од Тебе Бог Словото, Кому заедно со Отецот и Сесветиот и Животворен Дух, Му доликува слава, сега и секогаш. Амин[5].

 

Отец Гаврил Галев

игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

26 / 01 / 2022

 

 

[1] Возглас од Божествената Литургија на свети Јован Златоуст.

[2] Митрополит Струмички Наум, „Нови личносни односи“, Библиотека Воведение, Велјуса, 2016, стр. 215.

[3] Стихира на празникот на Голема вечерна.

[4] Во тоа време секој сакал да има потомство за неговиот спомен да се сочува што подолго на земјата, за ако не тој самиот, барем неговите потомци да можат да станат учесници во царството на очекуваниот Месија – Спасителот.

[5] Свети Јован Дамаскин.


About The Author