// Google analytics code

ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША ПАРАСКЕВА – ПЕТКА

paraskeva~+~

(27/14 октомври)

„Знаете дека кнезовите народни владеат над народите, и управниците господарат над нив; меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви служи; како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да го даде животот Свој за откуп на мнозина.“ (Матеј 20:25-28)

„Оди и продај сè што имаш, раздај го на сиромаси и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене.“ (Марко 10:21)

Вистинитоста на овие Христови зборови најживо ги покажала нашата светителка, преподобната Параскева – Петка, која иако малечка по раст и млада по години, со своите дела, подвизи и мудрост ги надминала многумина мажи. За да се следи Христос не е потребно да си моќен, силен или славен, туку најважно е да имаш срце. Земајќи го последното место и следејќи го примерот Христов да им служи на другите, Света Параскева – Петка ја достигнала целта за која сме повикани.

Уште на 15 години избира да живее подвижнички монашки живот и да се овенча за невеста Христова. До својата 25-та година успева да ги помине сите три стадиуми на духовно восовршување, очистување на срцето, просветлението на умот и вподобувањето на Христос или обожението на личноста. На 27 години веќе се упокојува покажувајќи колку многу го љуби својот избраник Христос и животот на земјата не и вреди ништо само за да го придобие Него.

И така, бегајќи екстремно од овоземните богатства и почести, дури бидувајќи и странец меѓу своите во својот сопствен град и народ, таа денес е една од најпознатите и најпочитуваните светители во Православната Црква. Почитувана е од христијани од целиот свет, дури и од иноверци. Пред нејзиниот кивот секојдневно се редат луѓе кои сакаат да и оддадат почит и да ѝ се помолат за некаква помош и буквално нема момент кога таа е сама, а за средба со неа се чека во непрестајни редици.

Се вели дека споменот за света Петка е посветол и од сонцето.

Голем и богат е живописот на преподобната, а нашиот ум не е способен да го направи тоа како што прилега и кој може да ги искаже нејзините дела и чудеса, нејзините добрини и застапништва што и денес таа ги прави меѓу нас христијаните.

 

Потекло и воспитание

Оваа славна и рамноангелна светителка, Света Параскева – Петка е родена во 1025 година, во градот Епиват (денес Бојадос) во Турција, на брегот на Мраморното Море, во близина на Цариград, денешен Истанбул. Нејзините родители биле богати и побожни, и во сè живееле според заповедите Божји. Татко и бил управител на градот, а мајка и Софија мудра христијанка и побожна благородничка. Како добри и верни луѓе, ја воспитувале во страв Божји, поттикнувајќи ја и неа на добри дела. Освен ќерката Параскева, тие имале и еден син, по име Ефтимиј.

Своите децата ги воспитувале во набожност и ги учеле на добродетелен и богоугоден живот. Воспитана во добродетелно христијанско семејство со всаден страв Божји во нејзиното срце, блажената Параскева го започна духовното искачување на скалата на доблестите кон Христос уште од најрана возраст, пред сè преку светата молитва, која е почеток на секоја добрина.

 

Добродетелен живот

Светата Параскева била обдарена со мноштво на добродетели кои ги краселе нејзината душата и живот. Посебно овие три добродетели: ангелската девственост, милостињата и божествената молитва, мајката на сите добри дела. Таа ги засакала овие добродетели уште од своето детство и преку нив, на посебен начин се соблекла од сите овоземни приврзаности и страсти и како чиста гулабица се вивнала на небесата до Бога.

Уште од рани години таа научила многу да се моли, дење и ноќе. На своите молитви и ги додала делата на љубовта и подвигот на пост. Постот ѝ дава крилја на молитвата и ја издигнува на небото, затоа и таа не вкусувала ништо до вечерта, во посните денови и на празниците. А преку милостината, првата ќерка на љубовта, се принесува молитвата пред престолот на Пресвета Троица. Кога се враќала од Црква, често знаела да ја замени својата добра и скапа облека, подарена од нејзините родители, со лоша и искината облека на деца сиромашни, кои барале милостина на вратата од Црквата.

За ова побожната Параскева добивала многу опомени и тепања од мајка си, кога ќе ја видела облечена во грда и сиромашна облека.

– Кажи Параскево, кому ја подари твојата скапа и убава облека со која те облеков? – ја прашала налутено нејзината мајка.

– Му ги дадов на Христа преку рацете на сиромашните деца! – среќно одговорала таа со светло лице.

Родителите, загрижени за неа, ја укорувале и строго ѝ забраниле повеќе да не го прави тоа. Ho, таа и понатаму продолжила да прави така. Кога тие ја прекорувале поради тоа, таа одлучно но истовремено и смирено им одговарала дека не може да живее поинаку.

Еден ден, Параскева, како десетгодишно девојче, кога co својата мајка била во Црква, ги слушнала зборовите од Светото евангелие: „Кој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека врви по Мене“ (Марко 8, 34). Овие зборови длабоко се врежале во нејзиното младешко и чисто срце полно со љубов кон Христос. Таа и порано ги имала слушнато oвие зборови, но тогаш не била подготвена и баш сега, Господ сакал, како погодена со стрела во срцето, тие да подејствуваат. Ги почувствувала толку силно и благодатта Божја толку ја исполнила што од тогаш решила да ги напуштил грижите на земниот живот и да се посвети на служба на Бог. Тајно го напуштила родителскиот дом на само 15 години и пристапила на арената во светиот подвиг на монашкиот живот.

 

Монашки живот

Горејќи од желба да живее само за Господа, таа не можела долго да остане во овој вознемирувачки свет и најпрво отишла во Цариград за да се поклони на тамошните свети места. Се поклонила во Црквата Влахерна, како и во сите манастири и на светите мошти. Обиколувајќи ги сите светилишта, сретнала многу ревносни подвижници и од нив добила многу драгоцени совети. Според нивниот совет, таа се населила во предградието на Ираклија, при храмот „Покров на Пресвета Богородица“ и таму останала пет години во пост, молитва и солзи.

Овде блажената Параскева, усовршувајќи се во сите добри дела, а особено во непрестајната молитва со многу солзи, со строг пост и ноќни бдеење, го започна духовното искачување кон совршенството, соединувајќи се со Младоженецот Христос. Исполнета со благодат и милост набргу била возљубена од сите сестри во манастирот и ѝ се восхитувале на нејзиниот живот и мудрост. Го славеле Бога, велејќи: „Слава Ти Господи за благочестивата девица Параскева, избраниот свет сад. Ти си возвишен меѓу кротките и смирените на срце!“

Се предала на строги подвизи и следејќи го примерот на светителите, co пост, молитва и бдеење ги умртвила страстите на своето тело и го потчинила на духот, поминувајќи ги сите три степени од духовниот живот, очистување на срцето од страстите, просветлување на умот и Боговподобување или обожение.

Исто и нејзиниот брат Ефтимиј, кој имал желба за посовршен духовен живот, co благослов на родителите, се замонашил. Како монах, тој се прочул co својот подвижнички живот и бил избран за епископ Мадитски. Како епископ се прославил co своите добродетели и co борбата против еретиците. Се упокоил во длабока старост и бил погребан во тамошниот соборен храм. Неговите чесни мошти станале извор на свето миро. Свети Ефтимиј направил многу чудеса, како за време на земниот живот, така и по неговата смрт.

 

Во Јорданската Пустина

Исполнувајќи ја својата дамнешна желба, таа отпатувала во Палестина и откако се поклонила на светите места, осветени co животот на Спасителот, се населила во Јорданската Пустина. Во безживотната и сурова пустина водела рамноангелски живот. По примерот на пророкот Илија и на свети Јован Крстител, се хранела само co пустински растенија, во мали количини и тоа само по заоѓањето на сонцето. Постојано ги издигнувала очите само кон Едниот Бог, Кој смирените по срце ги спасува од малодушност и од тешкотии.

 

Пустински живот

Ho, кој би можел да ги искаже сите напори, страдања, маки и демонски искушенија што света Петка ги претрпела во текот на многуте години подвижништво? Кој може да знае колку солзи таа пролевала и колку воздишки кон Бога испратила? Кој би можел да ги опише нејзините секојдневни борби што ги водела co телото, co помислите и co демоните додека потполно не победила?

Единствено Бог, Кој е насекаде и Кој сè гледа, само Тој може да ги види и да ги знае сите нејзини подвизи. Таму таа не се грижела за суетните работи од овој свет, туку се грижела само за осветување на својата душа и за одговорот на идниот Суд и средбата co небесниот Младоженец. Нејзината основна грижа била како да го украси својот светилник и co мудрите девојки да My излезе во пресрет на небесниот Младоженец, да го чуе Неговиот милозвучен глас и да се наслади co гледање на Неговата убавина.

Постојано во мислите ја чувала мислата од книгата „Песни над песните“: „Кажи ми ти, кого го сака душата моја?“ (Песна 1,7) исто од псалмите: „Душата моја жеднува за Бога, за живиот Бог: кога ќе дојдам и ќе го гледам лицето Божјо“ (Пс. 42:3).

Додека преподобна Параскева во пустината водела таков живот, лукавиот непријател – ѓаволот ѝ завидувал на нејзините добродетели и се обидувал да ја заплаши co разни мечтаења и привиденија. Често пати, земајќи облик на разни ѕверови, тој ја напаѓал светата подвижничка за да ја спречи на патот кон подвигот. Но таа, и покрај својата женска младешка природа, се здобила co машки и старечки разум и го победила ѓаволот, како што Давид го победил Голијат.

Добрата невеста Христова, Петка, „го избра Севишниот за свое засолниште“ (Пс. 90, 9) и со Негова помош, со знакот на Неговиот свет крст, ги избркала непријателите и ги искинала сите мрежи на ѓаволот и целосно го срушила.

Украсувајќи ја својата душа со такви подвизи и доблести, Параскева станала возљубена невеста Христова, така што на неа се исполни пророчкото слово: „И Царот ја посакува твојата убавина“ (Пс. 44, 12). Христос, се вселил во неа со Отецот и Светиот Дух и станала храм на Живиот Бог.

Тука речиси десет години се борела со уште потешки неволји, победувајќи ги ѓаволите и молејќи се за светот. Нејзините добри дела со кои го победила невидливиот и неискажливо соединета со Христос достигнала потполна чистота на умот и срцето од страсните мисли и фантазии. Непрестајната молитва со солзи, постот, бдението цела ноќ и неискажливата желба за саканиот Младоженец Христос, биле постојани придружници на Преподобната. Сето тоа ја крунисало света Петка со круната на совршенството во Христос, така што таа заблескала како запален факел среде другите преподобни монахињи.

 

Странец меѓу своите

Кога наполнила 25 години, една ноќ додека таа, според својот обичај, стоела на молитва и co умиление ги подигала своите раце кон небото, здогледала ангел Божји во облик на пресветло момче, кое дошло при неа и ѝ реколо: „Остави ја пустината и ова место и врати се во Епиват, во својата татковина, зашто таму треба да го оставиш телото на земјата и да преминеш од овој свет кон Бога, кого го сакаш!“

Преподобната се задлабочила во смислата на тоа видение и кога разбрала дека е од Бога, таа се исполнила co радост што наскоро ќе се ослободи од телото, но во исто време и тагувала што ќе се раздели од пустината и осаменоста. Покорувајќи се на небесната волја Божја, преподобната Параскева заминала во својот роден крај. Така, откако светата Параскева – Петка се простила со сите сестри во тој манастир, се поклонила на гробот Господов во Ерусалим и земајќи кораб, стигнала во Цариград.

Кога допатувала во Цариград, таа се упатила во прекрасниот храм на Божјата Премудрост „Света Софија“. Таму се задржала кратко и често правела коленопреклоненија, пролевала реки од солзи, а често од срцето испуштала и воздишки, а кога ќе си спомнела за пустинскиот живот, ја обземала голема тага.

Потоа, како вредната пчела што ги облетува пролетните цутови, така и таа ги посетила тамошните свети места и дошла во храмот посветен на Пресветата Мајка Христова – Влахерна. Откако се поклонила на иконата на Мајката Божја, облеана во солзи, се помолила, велејќи: „Тебе, Владичице, ти го предадов целиот свој живот и на тебе ја полагам сета моја надеж; не отфрлај ме мене, бедната. Немој да се гнасиш од својата слугинка, која од младоста Го следи твојот Единороден Син. Дево, ти ја знаеш немоќта на женската природа, го знаеш страдањето на Мојата душа; немам друга надеж, немам друга заштита; ти си ми учителка; ти си ми застапничка, ти си пазителка на целиот мој живот. Додека одев во пустината, ти ми беше помошник; а и сега, кога се вратив во светот, немам потреба од никаква помош, освен од тебе?! Затоа сега, Владичице, заштити ме и биди ми сопатничка, учителка и патеводителка до крајот на мојот живот, зашто друга надеж, освен тебе, немам“.

Откако светата Петка вака се помолила од сета душа, и сета своја надеж ја положила на Мајката Божја, се упатила кон својот роден крај. Кога пристигнала во Епиват, таму поживеала уште две полни години во труд и страдања, како странец помеѓу своите, украсувајќи се co постојан пост и молитва.

 

Блаженото упокоение и погребение

Кога го почувствувала својот крај, кога дошло времето да оди при Бога, клекнала на колена пред иконата на Спасителот и со многу солзи се молела за себе, за Црквата, за светите слуги, за пустиниците, за болните и за целиот свет, а потоа во мир ја предала душата во рацете на Господа.

„Човекољупче, Владико, не ја презирај Својата бедна слугинка, која заради Твоето пресвето име остави сè и одеше по Тебе; и сега, семилостив Господи, заповедај му на Твојот ангел на мирот да ја прими мојата бедна душа и да не ѝ биде забранет патот кон небесата од нечистите и лукави бесови, но удостој ме слободно да застанам пред Твојот страшен престол, зашто си благословен во вечни векови. Амин!

Така во молитва, светата Параскева ја предала својата блажена душа во рацете на Бога, а нејзиното многу истрошено тело христијаните го погребале во нов гроб, блиску до брегот на морето, но не во заедничките гробишта, туку одвоено, како туѓинка, Koja никому не беше кажала Koja е и од каде е. Ја погребаа како странец, без никој да знае која е.

Ете, такви биле подвизите на преподобната Петка, такви биле борбите на духовната мајка која, иако малку време се подвизувала на земјата, но многу страдала и примила голема слава на небесата. Бог не дозволил таа да остане непозната, ниту да пропадне нејзиното непорочно тело, туку и за тоа направи големо чудо. Сакајќи да ја прослави Својата угодничка, и за утеха на верните ги открил нејзините свети мошти по многу години.

 

Чудесно откровение на моштите

Недалеку од местото каде што била погребана света Петка, на еден столб, се подвизувал некој столпник. Еден ден, брановите исфрлиле безживотно тело на морнар, којшто за време на пловидбата тешко се разболел и умрел. Од неговото тело почнала да се шири неподнослива миризба, така што не било можно ниту да се помине по тој пат. Таа миризба не можел да ја поднесува ни столпникот, па бил принуден да слезе од столбот и да побара од некои луѓе да ископаат длабока јама и да го закопаат телото. Копајќи, луѓето, по Божја промисла, го нашле нераспадливото тело на светителката и многу се зачудиле. Но, како прости и неуки, тие воопшто не обрнале внимание на тоа чудо. „Ако ова тело е свето, Бог тоа би го открил преку некакви чудеса“, си мислеле. Но, иако така размислувале, тие повторно го затрупале непропадливото тело на преподобната, оставајќи го на исто место до полураспаднатиот смрдлив леш на морнарот, па си отишле по своите домови.

Царицата достојно положена во Епиват

Кога се стемнило, еден од нив по име Георгиј, човек христољубив, се молел на Бога во својот дом, и кога пред зори заспал, на сон видел една царица како седи на пресветол престол, а околу неа стојат мноштво пресветли војници.

Кога го видел тоа, Георгиј го обзел голем страв и тој паднал на земјата, бидејќи не можел да го гледа сјајот и убавината. A еден од светлите војници го фатил Георгија за рака, го подигнал и строго му рекол: „Георгиј, зошто така го омаловаживте телото на преподобната Параскева и крај него погребавте распаднато тело? Веднаш извадете го телото на преподобната и положете го на достојно место, зашто Бог сака Својата слугинка да ја прослави на земјата“.

Тогаш и светлата царица му се обратила на Георгиј и му се открила: „Побрзај и извади ги моите мошти и положи ги на чисто место, оти не можам повеќе да ја трпам смрдеата на оној леш. Зашто и јас сум човек и мојата татковина е Епиват, каде што и вие сега живеете“.

Истата ноќ, за да биде поубедливо откровението, исто такво видение имала и една благочестива жена, по име Ефтимија. Утредента Георгиј и Ефтимија на сите им раскажале за своите виденија. Кога тоа го слушнал благочестивиот народ, сите co свеќи, кадилници и мириси побрзале кон моштите на преподобната Параскева и, co голема стравопочит ги извадиле од земјата, им се израдувале како на некое скапоцено богатство.

Кога свештениците слушнале за ова чудо, веднаш отишле на гробот на благочестивата Параскева со свеќи и темјан и ги однеле нејзините свети мошти во Црквата на Светите апостоли во Епиват, каде што престојувале 175 години и извршиле безброј чуда и исцелување од болести. По молитвите на преподобната Параскева, од нејзините свети мошти многу луѓе добивале исцелување: слепи прогледувале, хроми проодувале, луѓе болни од различни болести, оздравувале.

 

Пренoс на светите мошти

Но, по два века, откако почнала да слабее силата на Византија и по Божјо допуштение светите мошти на оваа славна светителка Христова биле пренесувани на повеќе места.

Во 1238 година, благочестивиот и верен Бугарски крал Иван Асен се заложил моштите да се пренесат во Трново.

Во тогашната Бугарската престолнина светите мошти почивале во придворната Црква посветена на Преподобната Параскева цели 155 години. Во 1393 година, кога султанот Бајазид ја освоил тврдината Трново, моштите биле однесени во Видин, каде што останале 5 години.

Во 1398 година и Видин паднал под турска власт. По 160 години престој во Бугарија, по барање на српската царица Милица  светите мошти се преселуваат во соседната Србија. За таа прилика, во Белград на Калемегдан била изградена црква посветена на света Петка, која и денес постои и во која се наоѓа чудотворниот извор на света Петка.

И овде моштите не се задржале засекогаш. Наездата од Турците и нивната иноверна власт не застанала, па во 1521 година, султанот Сулејман II го окупирал и Белград. Меѓу останатото, ги запленил и моштите на света Петка и повторно биле предадени на Цариградската патријаршија.

Околу 120 години подоцна, финансиската состојба на Патријаршијата сериозно се влошила и не можела да го плаќа целиот данок на султанот, па султанот Сулејман Величествениот побарал од патријархот да ги откупи моштите на Света Параскева, велејќи му дека ако не ги купи ќе ги фрли во морето.

 

Конечно моштите на света Петка во Молдавија, Романија

Во 1639 година, господарот на Молдавија, Василе Лупу, ја завршил изградбата на прекрасната црква на манастирот на Светите три Ерарси, во Јаши. Самиот Василие имал голема почит кон оваа светителка и од сѐ срце сакал моштите на света Петка да бидат пренесени во овој свет храм во неговата православна земја. Оваа негова желба ја благословил и Господ, сакајќи и во Молдавија да ја прослави Својата светителката, така во срцето на цариградскиот патријарх Партениј ставил мисла да му ја исполни желбата на молдавскиот војвода.

Тогаш патријархот, во согласност co целиот свештен собор, чесните мошти на света Петка му ги испратил на војводата Василиј во неговиот престолен град Јаши, каде што почиваат до денес, длабоко почитувани од целиот романски народ.

За да му биде посигурна реализација и одобрена неговата желба, тој и понудил и финансиска помош на Цариградската Патријаршија. Наоѓајќи се во финансиска криза, лесно била прифатена понудата на овој милостив молдавски господар кој им исплатил на Турците голем дел од долговите на Патријаршијата. Така во летото 1641 година, патријархот Партениј, во знак на благодарност му го подарил најскапоцениот благомирис што го имал – моштите на преподобната Параскева. Во Галати биле донесени со брод, а оттука во Јаши ги придружувале бројни свештеници, монаси и верници со запалени факели во рацете.

Жителите од цела Молдавија co големо славење и радост ги пречекале чесните мошти на оваа голема светителка и биле положени во храмот посветен на светите Три Ерарси, на 14 октомври (односно 27 октомври, по нов стил) во 1641 година. Безброј се чудата и исцеленијата од болести што им се случиле на верниците, кои со молитви и солзи трчале кон моштите на света Петка во Јаши.

Co бројни чудеса, и до денешен ден, овие свети мошти непрестајно Го прославуваат Господа, Кој е прославуван во светиите Свои.

По молитвите на св. Параскева – Петка, Господи Исусе Христе, помилуј нè!

 

Подготви: Отец Гаврил Галев

игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,

Кинглејк, Мелбурн, Австралија


About The Author