Жената Хананејка – Митрополит Струмички Наум
Прашање на духовен живот и духовна смрт за нас христијаните е нашата согласност и нашето содејство со Божјата промисла за нас, со Божјата волја за нас, со Божјото слово за нас, со Божјото дело за нас. За ова и порано сме говореле, дека од моментот кога од жената Хананејка смирено и со благодарност, што значи, со вистинско послушание ги прифати промислата, волјата, словото и делото Христово, таа во истиот момент ја доби и ја прими благодатта Божја и самиот Христос. Од тој момент нејзината молитва имаше друга вредност пред Господ: „И во тој час оздраве ќерката нејзина“ (Мат. 15, 28). Како што велат светите Отци, на оној што ја исполнува Божјата волја, и Бог му ја неговата. Но, она на коешто во денешната беседа сакам да посочам внимание и од коешто треба да извлечеме поука е друго:
Прво, иако некои работи што неволно се случуваат во нашиот живот ни изгледаат лошо, ние како христијани треба да имаме вера и знаење дека секогаш кога ќе ги прифаќаме смирено и со благодарност кон Бог, на крајот Бог ќе ги смени и ќе ги приведе за наше добро и наше спасение во Него. Се сеќавате на многустрадалниот и праведен Јов, што рече после сите несреќи што му се случија? „Гол излегов од утробата на мајка ми, гол и ќе се вратам. Господ даде, Господ го зеде; како што Му е угодно на Господ, така и станува. Нека е благословено името Господово!“ (Јов 1, 21). И што и одговори на својата жена после страшната болест што го снајде, кога таа му рече: „Зар уште си цврст во добротата своја, похули на Бог и умри!“ – „Говориш како безумна. Зар доброто го примаме од Бог, а злото да не го поднесуваме?“ Во сето тоа Јов не згреши со устата своја (Јов 2, 9-10).
Второ, ние во Црквата не влегуваме заради здравје, заради успех во работата или заради власт и пари, па дури ни за спасение, туку – заради Него. Затоа што секогаш во Црквата одиме заради нешто, а не заради Него; и секогаш кога во Црквата бараме нешто (па макар и спасение), а не Него – ние всушност градиме со Бог наемнички, а не слободен, љубовен и синовски (личносен) однос. Болеста и здравјето, животот и смртта, со подеднаква благодарност го примаме од Бог.
Трето, имајќи токму ваква делотворна вера и знаење од опит и имајќи токму ваква безусловна љубов, жената Хананејка не го наруши својот синовски однос кон Бог заради моменталното несовпаѓање на Христовиот однос кон неа со нејзините очекувања, туку напротив, очигледно тој однос се разви и восоврши.
Секако, сето ова не значи и не подразбира наша пасивност, туку активна борба против злото (злиот) – ама пред се во нас, а потоа надвор од нас… Кој ќе се обиде да го победи злиот внатре во себе – или пред да го всели Добриот во себе, таквиот неминовно против злото од надвор ќе се бори со злото што ќе излегува од него (зошто ниту може ниту знае на друг начин) и, според светите Отци, ќе стане слуга на злиот.
Но, како да се бориме во меѓувреме со злото надвор од себе? Пред да добиеме умосрдечна молитва – само со апсолутно послушание кон духовниот отец! Друг пат Отците не ни оставиле! Нека е благословено Името Господово!
Извадок од книгата „Ни јас не ви кажувам…“