// Google analytics code

Добриот Самарјанин – Oтец Гаврил Галев

~+~

И ете, стана еден законик и, искушувајќи Го, рече: „Учителе, што треба да направам за да наследам живот вечен?” А Тој му рече: „Што е напишано во Законот? Што читаш таму?” Тој одговори и рече: „Возљуби Го Господ, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум; и својот ближен како себе си!” Му кажа пак: „Добро одговори; тоа прави го и ќе живееш.” Но тој, сакајќи да се оправда, Му рече на Исус: „А кој е мој ближен?” Исус му одговори и рече: „Еден човек, додека слегуваше од Ерусалим во Ерихон, западна меѓу разбојници. Тие го соблекоа и го претепаа, и си отидоа, оставајќи го полумртов. Случајно во тоа време слегуваше по тој пат еден свештеник и, кога го виде, помина на спротивната страна. Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, погледна и премина на другата страна. Еден, пак, Самарјанин, кој патуваше, кога дојде до него, го виде и се сожали. И кога се приближи, му ги преврза раните, полевајќи ги со масло и со вино. Потоа го качи на добитокот свој, го однесе во гостилница и се погрижи за него. А утредента, на кинисување, извади два денарија, му ги даде на гостилничарот и му рече: ,Погрижи се за него; а ако потрошиш нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам.‘ Кој, пак, од тие тројца ти се чини дека му беше ближен на оној, што падна во рацете на разбојниците?” А тој одговори: „Оној што му искажа милосрдие.” Исус му рече: „Оди и ти прави така!”( Лк. 10:25/37)

Eте, стана еден законик и, искушувајќи Го, рече: „Учителе, што треба да направам за да наследам живот вечен?”

Закониците биле луѓе што го проучувале Светото Писмо и ги знаеле законите и самите се правеле водачи на еврејскиот народ. Кога дошол Христос, тие дошле до судир на нивното разбирање на Писмото со она што Христос Го проповедал. Овој законик, заради тоа, од една страна бил збунет, но од друга страна, заради својата суетност и гордост, сакал да го искуша Христа, па затоа му поставува „збунувачко“ прашање.

Од самиот негов пристап кон Христос наречувајки го учител се гледа дека немал правилен однос кон Него. Не препознавајќи го како Господ и Бог, тој се затвара за Божјата благодат. Таквиот негов пристап, практично го сече каналот, пристапот на благодатта Божја за да ја познае вистината. Се гледа дека не му пристапува отворено и искрено, туку со гордост. Сепак, и со тоа што Го нарекува Учител, има некоја почит.

Стекнувањето на вечниот живот е најпоставуваното прашање во историјата на човештвото. Суштинското прашање, како да се стекне живот вечен, се поставува од Адама и Ева па се до денеска. Секој разумен човек се прашува за своето постоење и битисување. Жално е за оние кои не си го поставуваат тоа прашање, иако според мене нема таков човек, но има такви кои се заслепени од своите страсти и не му обрнуваат внимание. Таквите живеат бесловесно.

Сите во историјата на човештвото се обидувале дa си го одгатнат тоа прашање и да го стекнат тој живот вечен. Да ја преминат непремосливата пречка – смртта. Многумина се обиделе, и денес се обидуваат, меѓутоа, единствен одговор, и кој единствено го преминува тој мост, и дава решение на овие проблеми, е само Христос. Тој стана Човек, прими човечко тело, за преку Својата доброволна смрт, да ја победи смртта, која до тогаш вечно го заробуваше човекот, и го отвори патот за животот вечен, кој што Адам и Ева требаа предходно да го чуваат. Тој стана првороден од мртвите за да вратите на вечниот живот ни се секогаш отворени. Само христијанството дава жив одговор на ова прашање. Ако Христос не дојдеше и воскреснеше, како што вели св. Апостол Павле, напразна е нашата проповед, празна е и вашата вера, и ние сме најбедните луѓе на светот. Но, Христос дојде и ни го отвори патот кон горниот Ерусалим. (1 Кор. 15,13-19)

Христос му рече на законикот: а што е напишано во законот, како читаш? Му поставува точно и прецизно прашање. Не го прашува во што верува и што исповеда, туку го прашува што чита, затоа што знае дека законикот го знае Писмото, ама не верува и не го исповеда правилно она што во Него е запишано.

На тоа законикот одговара: „Возљуби Го Господ, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум; и својот ближен како себе си!”

Ова е дел од Мојсеевото петокнижие, кое се спомнува на две места – 5 Мојсеева и 3 Мојсеева. Стариот Завет има вкупно 57 книги. Од сите нив, законикот точно знаел каде е одговорот на прашањето. Од толкуте многу зборови и изрази, законикот точно знаел кој е одговорот. Мојсеј напишал многу закони, потоа пророците искажале многу пророштва, па псалмопевците итн,  но тој точно знаел каде е одговорот на неговото прашање.  Овој човек имал знаење, но немал пракса. Знаењето не не спасува, туку животот и праксата.

Праксата бара труд. Ако на човекот му е дадена интелектуална дарба, лесно е да го научи и да го знае тоа што треба, но потешко е тоа да се спроведеме на дело. Само со практика ние учествуваме во она што го бараме од знењето. Голото знаење е нешто надворешно кое не се допира до суштината ако не се спроведe на дело. Тоа е исто како да се дојде до саканиот извор, но да не се наведнеме и да се напиеме од него. Затоа на овој човек полесно му било да се нарекува законик пред луѓето и да се фали со своето знаење, отколку да се помачи и ги исполнува овие Божји зборови. Но на крајот, знаењето не не спасува, туку делата.

Одговор на поставеното прашање покажува дека Бог е центарот на се во овој свет и век. Од Него се почнува и во (со) Него се завршува. Затоа и ние треба Него да Го бараме.  Да го возљубиме Бога со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум;  значи да го возљубиме Бога со сето свое битие, да го возљубиме апсолутно. Ниеден атом, ниедна наша помисла да не биде надвор од Бога. Потполно да Му се предадеме, да Му благодариме и да не сме подвоени и имаме двоен живот. Еден за во Црква и друг за во светот. Посебно ова е забележливо кај жените кои знаат во Црква да изгледаат едно, а надвор во светот сосема друго. Тоа е веќе дволичност и подвоен живот. Еден за во Црква посветен на Господ и друг за во светот посветен на мамона. Тоа е еден вид шизофренија, кога личноста на човекот се дели на две или повеќе.

да го возљубиме својот брат како самиот себе… Значи дека Бог бара од нас конкретна љубвов. Љубов во конкретни дела и кон конкретна личност, а не некоја имагинарна љубов велејќи дека го сакаме Бога, дека одиме на Црква итн а конкретниот брат (сестра) кој што е пред нас не го препознаваме, не го почитуваме и не го сакаме. Го навредуваме, го понижуваме и се однесуваме недолично кон него исто како нехристијаните. Затоа светите отците ќе речат: нашиот брат е нашиот живот. Ако јас го сакам братот, ќе имам живот вечен, но ако не го сакам, ќе имам вечно проклетство, а и во овој живот ќе имам немири. Гневот, омразата, злопамтењето, љубомората, зависта, тоа е јадење внатре во себе, немир, неспокојство, и тие луѓе не се свесни дека всушност се најглупавите луѓе затоа што непотребно неизмерно се обременуваат. Затоа треба да се возљуби својот ближен и да се ослободи од тие тежини и негативни влијанија. Можеби телесно ќе пострадаме и материјално ќе бидеме наштетени, но внатре во себе ќе имаме слобода и ветување за живот вечен, и ако јас уште сега не се ослободам од нив тогаш заедно со нив ќе завршам во вечните маки.

Ако Го сакаме Господа така, тогаш преку исполнувањето на Божјите заповеди и добродетелите потполно ќе пребиваме во Божјата природа, како што вели св. Апостол Петар: Бидејќи Неговата божествена сила ни подари се што е потребно за животот и побожноста, а преку познанието на Оној Кој не повика со Својата слава и совршенство, преку кои ни се дарувани многу големи и драгоцени ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа ако се оддалечите од гнилежот на овој свет; затоа, грижејќи се за ова сестрано, принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта знаење,  кон знаењето воздржување, кон воздржувањето трпение, кон трпението побожност, кон побожноста братољубивост, кон братољубивоста љубов. Зашто, ако овие доблести ги има во вас и се умножуваат, тие нема да ве остават празни, ниту бесплодни во познанието на нашиот Господ Исус Христос. (1 Пет. 1,3-8)

Бивајќи благодатно проникнати од тие добродетели, ние преку таа благодат и енергија стануваме соучесници во Божјата енергија и се обожуваме, кое е целта на нашиот живот.

Целиот закон и пророците се базирани на овие две, односно на една заповед која, прво е љубовта кон Бога, а потоа и љубовта кон ближниот. Тоа е законот на љубовта. Единствен закон кој Исус Христос и Бог Света Троица ни го дал е законот на љубовта. Целото Свето Писмо е засновано она оваа заповед. Ако го сакам Бога, тогаш со сета своја душа, срце и сила, ќе се трудам да бидам во Бога, да ги сакам ближните и да не грешам, но ако само верувам, како што многу модерни христијани веруваат, но немаат дела, туку имаат дела кои дури ни паганите не прават, тогаш многу грешиме. Нашите очи се заслепени и нашето срце затворено.

На одговорот од законикот Господ Исус Христос Му кажа пак: „Добро одговори; тоа прави го и ќе живееш.”

Укажувајки му дека не е потребно само да знаеме, туку треба да го живееме и со конкретни дела да го вршиме законот Божји во ова време и на ова место.

Но, видете како размислува нашата падната природа: Но тој, сакајќи да се оправда, Му рече на Исус: „А кој е мој ближен?”

Знае дека треба да го исполнува тоа што самиот го кажува но сакајки да се оправда се прави како да не знае кој е неговиот ближен. Така правиме и ние кога ќе згрешиме нешто. Наместо да си ја прифатиме вината и да ги сносиме последиците, ние секогаш наоѓаме оправдание во надворешните околности или во некој друг. Па дури и кога духовниот Отец ќе ни каже нешто како совет, ние почнуваме да се правдаме, да ја докажуваме својата „праведност“ и несвесно да Го унижиме духовникот, а преку него и Христос.

Љубовта Божја и желбата да ја спознаеме вистината и да се спасиме е неизмерна па затоа и Господ Исус Христос смирено дава одговор за кој не може да најде оправдание и треба да го прифати. Исус му одговори преку приказна и рече: „Еден човек, додека слегуваше од Ерусалим во Ерихон, западна меѓу разбојници. Тие го соблекоа и го претепаа, и си отидоа, оставајќи го полумртов. Случајно во тоа време слегуваше по тој пат еден свештеник и, кога го виде, помина на спротивната страна. Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, погледна и премина на другата страна. Еден, пак, Самарјанин, кој патуваше, кога дојде до него, го виде и се сожали. И кога се приближи, му ги преврза раните, полевајќи ги со масло и со вино. Потоа го качи на добитокот свој, го однесе во гостилница и се погрижи за него. А утредента, на кинисување, извади два денарија, му ги даде на гостилничарот и му рече: ,Погрижи се за него; а ако потрошиш нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам.‘

Која е суштината на оваа парабола? Господ не создал според Својот образ и подобие. Ние кои сме крстени во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, и кои сме миропомазани, во нас се вселува полнотата на даровите на благодатта Божја. Се облекуваме со светлината Божја, се облекуваме во новиот човек и стануваме совршени во  потенцијал. Тоа се случува во Црквата. Тоа е Царството Небесно. Тоа е Ерусалим. Слегувањето од Ерусалим во Ерихон е напуштањето на таа благодатна состојба и животот според заповедите Божји, живеење според страстите во отсуство Божјо и грев. Ерихон, во тоа време бил место на грев. Затоа таму попат го нападнале разбојници. Кога ние ќе почнеме да покажуваме непослушание и неразумност, почнуваме да одиме кон патот на Ерихон и не сретнуваат ѓаволите. Тие сакат да му наштетат на човекот и да му ја погубат душата.

Тие го соблекоа… Му ја соблекле светлата облека од крштението, односно благодатта што ја примил на крштението.

Потоа го претепаа и му направиле рани, а тоа се страстите што ѓаволот ги вметнува во нас. Рана е нешто што е подолготрајно, кое не се појавува и по некое време ако се лекуваме, исчезнува. Така е и со нашите страсти. Ако забележиме добро, со нашето покајание и исповедување, гревовите ни се простени, но трагите од страстите ни остануваат и тие сеуште не влечат кон грев.

и си отидоа… Демоните во непослушниот и неразумен човек го посејуват своето семе и го остават тоа да зема сила и да го окупира човекот. Како што се вели во Евангелието, дојде човек непријател ноќе и посеаја какол во житото.

 оставајќи го полумртов… Ѓаволот има власт да не искушува, ама нема власт да ни ја земе душата.  Кај таквиот човек, душата му е полумртва затоа што отстапил од Бога, иако по тело е жив. Во тој момент е како тревка во пустина која живурка, но кога ќе дојде време, ќе овене.

Доволно жив за преку подвиг да си ја спаси својата душа.

Во тоа време слегуваше свештеник… Овој свештеник е старозаветното свештенство пред Христос, кое принесувало жртви за очистување на гревовите, но немало власт да ги откупи гревовите целосно. Сите тие пред Христос се немоќни да си дадат одговор и да бидат излекувани. Исус Христос е првосвештеникот кој се принесе Себе за жртва и го откупи гревот на сиот свет. Пред него сите биле немоќни пред проблемот на гревот и смртта. Сега се прашувам: Што барал овој свештеник да оди по истиот пат по кој одел овој неразумен човек? Значи, и тој немал живот усогласен според својот свештенички чин, па затоа и немал сила да го излекува. Господ на свештенството Му го дал и дарот на исцелителен на душата и телот. Но ако свештеникот не живее според својот свештенички призив тогаш таквиот свештеник нема сила. Неговото слово нема власт, тој свештеник е немоќен. Тој го видел човекот, но не му обрнал вниманите.

Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, погледна и премина на другата страна…

Левити се оние кои им помагале на старозаветните свештеници, нешто како ѓаконите денес. И тој нема моќ да го излекува човекот, но барем погледнал на него.

Еден, пак, Самарјанин, кој патуваше, кога дојде до него, го виде и се сожали…

Кој е тој самарјанин? Самарјанинот е Самиот Господ Исус Христос. Според светите Отци Христос е самарјанинот препознавајки го во оној дел од Светото Писмо за Кого се зборува дека Тој наликувал на самарјанин кој патувал.

 Ако на пр. Не го знаеме ова толкување од Светото Предание, не ќе ја знаеме и буквалната смисла на ова парабола. Не ќе знаеме дека Самарјанинот всушност е самиот Христос, а не некој друг. Затоа треба да го читаме целосно Светото Писмо, а не како протестантите кои се фаќаат за еден цитати како слеп за стап. Исто така треба подеднакво да се чита и почитува Светото Предание на Црквата кое ни помага полесно да го разбереме длабокото значение на Светото Писмо.

Самарјани се луѓе од Стариот Завет кои верувале само во петте книги Мојсееви и во ништо друго, не затоа што немале вера во Бога, туку имале одбивност кон Евреите заради нивното несоодветно живеење според Светото Писмо. Самарјаните се сметале како загубени луѓе, затоа и Христа го споредувале со него за да го унижат.

За самарјанинот се вели дека патувал. Не одел по истиот пат, како овој неразумен човек или свештеникот, од Ерусалим кон Ерихон, туку барал нешто. Христос ја бара загубената овца, бара некого да го спаси. Христос како странец оди и тропа на секоја врата за да му отворат, кој ќе му отвори – ќе влезе. Тој тропа на вратата од нашето срце.

Во денешно време самарјанинот се поврзува со хуманитарната дејност. Не значи дека не е така, затоа што Христос е наш модел во секој случај, а во овој случај самарјанинот правел добро дело, но хуманитаризмот не е суштината на христијанската мисија. Суштината на Христијанската мисија е во спасението на душите и телата. Затоа и Христос дошол, да го пронајде, да го подигне и врати на правиот пат загубениот човек. Да му ги преврзе и залечи раните и да го излекува духовно и телесно и.

кога дојде до него, го виде и се сожали…

 Го виде, го позна, се сожали на човекот, затоа што Тој секогаш се сожалува на нас, без разлика на тоа што сме го напуштиле, Тој сепак не љуби, знае да простува. Му ги преврза раните, значи му ги залечи страстите, му даде лек, поливајќи ги со елеј и со вино. Елеј значи помилување, за лекување на духовните раните. Виното е причестта. За човекот да биде рехабилитиран, треба да биде залечен, духовно залечен преку св. Тајна покајание и исповед и причестен со спасителните Тело и Крв Христови. Без причест и покајание, без милост и простување, и причест ние не можеме да се излекуваме.

Оние, обземените од гордоста и суетата на кого им е тешко да си погазат по својата гордост и се наведнат, најчесто имаат за изговoр дека човек не мора да си ги исповеда гревовите пред свештеник, туку може и пред икона. Тој начин е непотполн затоа што во тој случај нема кој да ги залечи раните. Тоа им е дадено само на свештениците. Свештеникот се што ќе врзе на земјата, ќе биде врзано и на небесата. Најпрво ова власт име е дадена на апостолите, потоа тие на своите наследници и до ден денешен таа власт се пренесува само на избраните и ракоположени од Епископот духовни лица. Тоа е толку јасно што не можеме да се оправдаме дека не е така. Овде особено зборувам за протестантите кои знаат да се нарекуваат изворни христијани и вистински последователи на Светото Писмо, а во суштина наполно го извртуваат вистинското значение на Евангелието.

Протестантите ќе ги видите дека се морални, го знаат Светото Писмо, но ако ги чепнеш на раната, тогаш сите страсти ќе им се видат. Тие го знаат законот, но нема кој да ги исцели. Оној којшто живее православно, има контакт со Духовниот отец, кој му е потпора, ќе се внимава како ќе да излезе пред лицето на духовниот отец. На тој начин да ги сречува демонските налети и со своето слово и власт да ги лекува страстите и раните. А и да згреши знае дека има на кого да се обрати за простување и залечување на сторениот грев. Затоа е потребен духовниот Отец.

Го понесе на својот добиток… Добитокот е благодатта Божја и сите добри дела и напредување во духовниот живот, треба да ги препишеме единствено на благодатта Божја односно на Самиот Бог. Ако ги препишуваме делата на себе, Го порекнуваме Бога со неговата помош кон нас и духовно се враќаме назад. Секое добро дело е со Божја помош и милост.

Го однесе во гостилницата… гостилницата е Црквата како место, заедница и начин на живеење.

И се погрижи за него – духовниот отец се грижи за духовното чедо. Тоа е односот на духовникот, Епископот или свештеникот  и духовното чедото.

Исус Христос заминува, ама го остава на гостилничарот, које Епископот или свештеникот. Христос му дава власт на духовниот отец за тој да го лечи и да се грижи за него во името на Бога. Духовниот отец нема оправдание ако не го прави тоа и на судниот ден затоа и ќе му се суди, колку се грижeл или негрижел за духовните овци.

А утредента, на кинисување, извади два денарија

Некој од св. Отци сметаат дека двата динарија се Стариот и Новиот Завет. Целото Свето Писмо треба да го исполнуваме и живееме. Законот за љубовта е дадена во Стариот Завет и е потврдена во Новиот Завет , „ ви давам нова заповед, којашто е стара, да се љубиме еден со друг“. Двата денарии значат и душата и срцето, исто и грижата над душата и телото. Сето ова значи дека човекот потполно треба да биде посветен на Бога, а не делумно. Целиот свој живот на Христа Бога да му го предадеме како што вели една Литургиска молитва.

,Погрижи се за него; а ако потрошиш нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам.‘

Грижата над духовните чеда е задолжение на свештеникот, духовниот отец. За тоа Господ и им дал дар, духовен капитал, благодат на свештениците. Потрошувањето на нешто повеќе е непослушанието на чедото кое може да му го нанесе, а отплатата за тоа е умножувањето на благодатта, во овој век, и спасението и подобро место на душата во идниот век на духовниот Отец. Господ Исус Христос на духовниот отец, му нагласува дека духовниот отец треба да биде трпелив и да не се откажува, да се бори и да претрпи, што е дел од таа света тајна. За тоа Господ му ветува дека нема да остане ненаграден ако издржи до крај.

И на крајот Господ Исус Христос на законикот кој се правел многу важен му го поставува ова конкретно, го прашува: Кој, пак, од тие тројца ти се чини дека му беше ближен на оној, што падна во рацете на разбојниците?”

Зошто му го поставува ова прашање? Затоа што според неговата логика и начин на размислување тоа се или свештеникот или левиот, кои биле негова вера и род. Но тие не му помогнале. Единствено само самарјанинот му помогнал. Законикот со ова прашање неможел да излаже и со тоа од неговата уста да го потврди за тој и сите присутни да почнат да размислуваат поинаку.

Затоа Законикот на поставеното прашање одговорил: „Оној што му искажа милосрдие” т.е. непознатиот самарјанин кој направил конктерно добро дело и тоа е вистинскиот одговорот.

 Нашиот ближен не се само нашите роднини и прилатели, нашиот соседот или сограганец итн,  туку конкретно секој човек.

Исус му рече: „Оди и ти прави така!”. Му дава конкретна заповед. Значи, не само да знаеш да го читаш Светото Писмо, туку оди и исполнувај го. Прави добри дела на секого, затоа што ти си тоа што правиш, а не тоа што се мислиш дека си. Твоите дела те откриваат каков човек си. Нашиот живот треба да биде конкретен, во ова време и со овие луѓе. Не да речеме дека од утре ќе почнеме да живееме христијански или ако видиме некој во немоќ, ќе речеме „утре ќе му помогнам“ или ако не го познаваме да кажеме дека тоа не е мој ближен.

Јас сум должен во секое време и кон секого да одговорам со љубов. Тоа е конкретно извршување на законот Божји, сега и овде.

о. Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија


About The Author