// Google analytics code

Гноми, т.е. мислење – Митрополит Струмички Наум

IMG_8835-HDR~+~

Синот Божји, при воплотувањето – од Светиот Дух и Дева Марија, во Себе ја земал целата човечка природа; земал тело, разумна и умна душа, како и нивните својства… Сè земал освен гревот, поточно, подложноста на грев.

Во Богочовекот Христос нема гноми, т.е. мислење. Божествената Ипостас не може да размислува, во смисла да се колеба и двоуми помеѓу доброто и злото; а Ипостаста на Синот е единствен слободен носител на волјата и на енергијата на Богочовекот, т.е. единствен субјект на одлучувањето.

Христовата Личност, т.е. Ипостас, никогаш не манифестирала дејствување на гномичката, т.е. паднатата волја, во неа нема никаква примеса на гревот.

Гноми постои и е поврзана со создадената ипостас, односно со човечката личност. Со овој термин се означува слободната падната волја на создадената ипостас – која, колебајќи се помеѓу доброто и злото, често се приклонува кон второто, го избира злото. Ипостаста, т.е. личноста на човекот, е таа што избира.

Според свети Максим Исповедник, соединувањето и соработката на двете волји, Божјата и човечката, ипостасно и совршено е остварено во воплотениот Син Божји – Исус Христос, затоа човековото слободно и свесно прифаќање на оваа соработка, во Црквата, е единствен услов за негово спасение и обожение.

Гледаме дека патот кон обожението на човекот подразбира содејство и восогласеност на двете волји и, се подразбира, енергии – човечката и Божјата, а пред сѐ, суштинско преосмислување на нашата падната гномичка волја во Божествената волја.

Како да ја препознаеме Божјата волја, прашање што го предизвикува секој христијанин низ вековите? Зависи на кој степен од духовниот развој или од душевното разболување се наоѓаш – некогаш не можеш сам, а некогаш можеш.

Ако си на некој од степените на душевното разболување: демоноопседнат, религиозен социопат или религиозен невротичар; и ако си на првиот степен од духовниот развој: очистување на срцето од страстите, тогаш нема што ти да препознаваш или толкуваш, затоа што не можеш. Ти си должен да го прашаш својот духовен отец (во крајна инстанца тоа е Епископот на локалната Црква) и тој ќе ти каже. Нормално, ти, ако не си веќе многу опрелестен – ќе послушаш.

Ако си на вториот или третиот степен од духовниот развој, т.е. ако си достигнал просветлување на умот – со дарот на аскетската умно-срдечна молитва, или ако си достигнал обожение – со дарот на непрестајната, т.е. благодатната умно-срдечна молитва, тогаш ти имаш доволна просветленост на умот, односно имаш способност и самиот да ја препознаеш Божјата волја, како и сила да ја извршиш.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум

(03.02.2021 14:52)

Photo by: Fr. Gavril Galev

http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7376


About The Author