// Google analytics code

Гледање на лицето Божјо – Отец Гаврил Галев

9th Sunday 1~+~

(Матеј 14, 22-34)

 Во ова евангелие во кое се зборува како Христос оди по водата, а св Петар побарал и тој да дојде до Негo, коработ e Црквата, а морето е светот и овој живот во него. Христос е главата на Црквата.

Главната поента на ова Евангелие е тоа дека, во овој живот секогаш треба да го гледаме лицето Божјо, лицето на Исус Христос и да не скршнуваме од Него.

Што значи тоа?

Да создаваме личносен однос со Христос, преку исполнување на Божјите заповеди и светоатински дободетелен живот во пост, молитва, смирение, љубов, трпение, не враќање на зло со зло…

Тоа значи секогаш нашиот живот да го преиспитуваме и да го мериме со Христовиот живот.

Нашите мисли со Христовите мисли, нашите чувства со Христовите чувства, нашите дела со Неговите дела. Да го живееме светото Евангелие и се што Христос кажал и направил за нас. Да го живееме oна што светите апостоли го проповедаа и она што светите отци преку својот личен пример го оставија на нас како свето предание. Ни кон некого, ни кон нешто, туку свртени единствено кон нашиот Господ Исус Христос.

Само тогаш може да кажеме дека го гледаме лицето Христосво.

Се што е поинаку од предходно кажаното е свртување од лицето Божјо и пропаѓање, односно давење во гревовите, страстите и искушенијата во светот . Кога ќе го свртиме нашето лице од Христовото лице пропаѓаме во грев и вечна смрт.

Меѓутоа и да згрешиме, Господ секогаш дава надеж да се исправиме и подигнеме. Неговата рака е секогаш подадена кон нас, а ние треба само да ја подадеме и нашата. Тоа го правиме исклучиво преку повторното гледање во Неговото лице, односно преку покајание. Покајанието значи преумување, враќање на онаа состојба пред да бидеме паднати. Во тој момент нема ништо да ни помогне, освен повторно  само да го гледаме Христос во лице, т.е да покажеме искрено покајание за нашиот личен пад. Никакво оправдување, обвинување на некој друг или барање на човечка правда нема да ни помогне, туку само смирено покајание.

На тој начин повторно ќе бидеме со Христос. Ќе не подигне и ќе не внесе во Црквата Божја и заштити од искушенијата.

Дрyг пат и друг начин нема, нема и да има. Секој кој мисли дека може да избере друг пат и начин се лаже и пропаѓа во морето и се дави. Давење во гревовите, страстите и искушенијата во светот.

 

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

14 / 08 / 2022


About The Author