Главната цел на човековиот живот
Смртта е единствената реална работа на овој свет. За жал, сите ние мора да умреме за овој свет. Нема друга опција. За се друго има избор, но за смртта нема.
Господ не го створил човекот за да умре, туку за да живее вечен живот.
Онтолошки гледано, смртта не постои; таа нема суштина, затоа што Господ не ја створил смртта. Таа се појавила откако Адам направил грев и отстапил од Бога односно од Животот, затоа што Бог е Живот и Он е единствениот Животодавец. Затоа што Господ е патот, животот и вистината и преку Него доаѓаат животворните енергии, односно Божјата благодат. Кога правиме грев се одделуваме од Бога, а кога ќе се одделиме од Него, автоматски ние сме мртви. Затоа ни е потребно покајанието за да воскреснеме и да не умираме туку да живееме.
Не треба да не победува светот. За секоја помисла ќе одговараме на страшниот суд пред Христос. Главното прашање е во нашето спасение, кој бара ќе добие. Спасението – целта на нашето егзистирање е да се спасиме за вечен живот. Ние не сме создадени за светов каков што е денеска, туку за еден поинаков начин на живот. Не да им служиме на нашите цели, туку да му служиме на Бога.
Целиот наш живот треба да бидe спасени, не само дел од нив. Благословот е даден за да растеме со него (благословот), а не да го употребиме и потрошиме. Ние размислуваме да направиме како да се чувствуваме добро, тоа е егоцентрично – тоа нема да не спаси. Нашиот центар треба да биде Господ. Ние не можеме да се спасиме себеси, спасението е единствено во нашиот Господ и само Господ и Бог Иисус Христос може да не спаси.
Ако ние веруваме во Христос и ако ги држиме Неговите заповеди, тогаш смртта не е ништо за нас, ние дури и би ја сакале смртта, зашто кога го љубиме Бога со сето свое срце и душа ние ќе сакаме да бидеме со Него.
Господ Словото, Иисус Христос дојде и зеде човечко тело, Тој беше роден, распнат и ја прифати смртта и беше воскреснат од мртвите и со тоа Тој ја уништи вратата на пеколот и ја отвори вратата на Рајот за ние кога ќе умреме да имаме вечен живот. Смртта нема сила зашто Христос ја скрши и уништи. Сите ние кои веруваме во Него сме мртви за гревот, но живи за Христос, за вечниот живот.