// Google analytics code

Воскресение Христово (Светол Понеделник) – Митрополит Струмички Наум

Убави се овие воскресни денови, но штета е што нивната убавина ја доживуваме – времено, преку вонредната Божја благодат, наместо да ја живееме преку лично усвоената редовна Божја благодат – постојано.

Целта на нашиот христијански живот е Воскресението. Но, не е цел Воскресението од мртвите – после овој живот, кое никој нема да го избегне, туку Воскресението Христово уште во овој живот. Самиот наш живот би требало да е, всушност, Воскресение Христово – како пројава на благодатта на Крштението од нашето срце и преобразување на целото наше битие.

Оваа појава отците исихасти на Црквата ја нарекле актуализација на благодатта на Крштението. Ние сме создадени и никој и ништо создадено не може да го преобрази и спаси човекот, освен личната заедница со Несоздадениот Бог. Затоа, нашата создадена енергија треба да ја насочиме кон заедница со несоздадената Божја енергија.

Несоздадената Благодат на Крштението преку која ние стапуваме во лична заедница со Бог е благодатта на Христовата Смрт и Воскресение; нели ние сме во Неговата Смрт и Воскресение крстени; истото важи и за благодатта на монашењето. Ако сакаме да се соединиме со оваа благодат треба да умреме за гревот, а да бидеме живи за Бог, во Христос Исус, нашиот Господ – преку исполнувањето на Неговите заповеди.

Христос Воскресе!

Митрополит Струмички Наум

Монашење во манастирот ,,Пресвета Богородица Елеуса” во Велјуса.

21 / 04 / 2025


About The Author