// Google analytics code

Вознесение Господово

 Празникот Вознесение Господово (се празнува во 40-иот ден по Воскресението на Исус Христос) – е ден во кој Господ се вознесе на неботo (Дела. 1, 1-12; Мк. 16, 12-19; Лк. 24, 50-52). Тој ден секогаш е во четвртокот на шестата седмица по Пасха.
Преку Вознесението, со Христос – Началникот на нашето спасение, паднататa човечка природа се возведува од земјата, од пропадливоста и смртта кон бескрајниот живот на небото. Христос, откако воскресна со силата на Своето Божество, преку Вознесението ја удостои обожената и одухотворена човечка природа со најголема чест и слава; да седи оддесно на Отецот.
 
Вознесение нa Христа во слава со плотта предизвикува благочестиво восхитување кај целиот духовен, ангелски свет и прославување на големото снисходење и на Божјата милост кон човечкиот род.
„Чиновите ангелски, Спасу, човечката природа гледајќи ја како совосходи со Тебе, постојано восхитени Те воспеваа.”
Според раскажувањето на Евангелието и богослужбените песни, при Господовото Вознесение на апостолите им било дадено да разберат, дека Христос веќе не ќе биде видлив на земјата во телесен вид. И тоа е затоа што со Вознесението Тој и според Неговата човечка природа ја доби славата што секогаш ја имаше според Неговата Божествена природа, и место; рамно на Бог Отецот според достоинството и силата, што сликовото се нарекува „седна оддесно на Отецот”.
Откaко се вознесе на небото и седна оддесно на Отецот, Господ не ја остави земјата лишена од Неговото Божествено присуство. Тој е невидлив за телесните очи на верните, но, како што се говори во кондакот на празникот Вознесение, „никако не одделувајќи се, останува неотстапен” и им ветува на оние што веруваат во Него и Го љубат: „Јас сум со вас и никој против вас”.
Преку Своето Вознесение Господ стана уште поблизок со човекот, со сите што веруваат во Него. Сега Тој се наоѓа на земјата не само како секаде-присутен со Своето Божество, туку е и во големото и пренебесно таинство на Евхаристијата – со Божествените Тело и Крв Негови, со кои се приопштуваат верните.
Преславното Вознесение на Спасителот на небото било продолжение и завршување на Неговото прославување според Неговата човечката природа. Неговото Прославување започна со Воскресението, а како основа за тоа послужи Христовиот Крст. Овде се извршува и завршува таинството на Домостроителството на нашето спасение од Христа во Неговото престојување со плот на земјата:
„Откако го изврши таинството на Домостроителството” Господ се вознесе на небото, сакајќи до крај да ја изврши добрата волја (благоволението) на Отецот.
Вознесението на Исус Христос на небото истовремено го отвора патот кон небото зa сите верни, кон вечниот живот, соодветно како што Неговата смрт и Воскресението се победа над гревот и смртта зa целото човештво. Христос се вознесе на небото, како Првенец од мртвите, представувајќи го во Своето Лице почетокот на човечката природа (во нејзината психофизичка целина), која што Тој ја откупи и прероди. Тој се вознесе со слава кон Светлиноначалникот – Својот Отец, сè помирувајќи. Предосвeтувајќи ја со Своето Вознесение човековата природа во највисок степен, Господ ја направи способна да го прими Светиот Дух, Кого Тој вети дека од Отецот ќе им го испрати на Своите луѓе.
На што нè учи овој празник нас луѓето кои живееме во XXI век? Пред сè, на тоа дека не смееме да забораваме за Небото — нашата вистинска Татковина. Само паметењето на горното, вечното, небесното, може да нè извлече од мрежата на суетните грижи, од безумството на нашите страсти, од безсмислениот круговрт на земните пристрастности, кои се туѓи на изворната Љубов.
Установувањето на празникот Вознесение Господово е во длабоката древност. За тоа ни говорaт сведоштвата на писмените споменици. Така, уште „Апостолски установи” пропишуваат празникот да се празнува во 40-иот ден по Пасха (кн. V гл. 18). Особено важни се сведоштвата од свети Јован Златоуст (+407) и блажени Августин (+430). Свети Јован Златоуст овој празник го нарекува „најважен и голем” и го вбројува меѓу празниците кои, како Пасха и Педесетница, се установени од апостолите. Блажени Августин, споменувајќи за општото чествување на празникот, според Преданието, исто така, смета дека е установен од апостолите. Каноните на Вознесение Господово ги напишал свети Јован Дамаскин (+776) и преподобен Јосиф Песнописец (+883). Кондакот и икосот се од Роман Слаткопевец (V в.).
Празникот Вознесение спаѓа во подвижните Господови празници и трае десет денови: еден ден предпразништво, кој се совпаѓа со оддавањето на Пасха, и осум денови попразништво. Оддавањето на празникот е во петокот на седмата седмица по Пасха.
Од прегратката на Отецот не разделувајќи се, најсладок Исусе, и со земните како Човек живееше, денес од гората Елеонска се вознесе во слава, и паднатата наша природа милостивно ја вознесе, крај Отецот ја постави. Затоа, небесните безплотни чинови, на чудото се восхитуваа, со ужас се ужаснуваа, и од трепет опфатени, Твоето човекољубие го величаа. Со нив и ние земните, Твое слегување кај нас и твоето вознесение од нас славословувајќи ги, се молиме говорејќи: учениците и таа што Те роди – Богородица, со радост неизмерна исполнувајќи ги при Твоето вознесение, и нас удостој нè со избраните Твои радости, по нивните молитви, заради Твојата голема милост.

About The Author