Вистинска среќа – Викарен Епископ Јаков Полјански
Светото Предание на Црквата е израз на најавтентичниот нејзин живот и секогаш има длабока смисла, и секогаш без исклучок ја изразува и треба да ја изразува Црквата, бидејќи се раѓа и создава внатре, во нејзините прегратки. Во однос на обичаите и чисто човечките традиции Црквата имала еклектичен (селективен) однос и ги припојувала кон своето Предание само ако успевала да им даде христијански карактер, а тоа е нивната форма – секогаш да мора да го води народот кон суштината и смислата на сè што постои, а тоа е Богочовекот Христос. Исклучителен пример меѓу отците на Црквата за таквиот еклектизам е свети Василиј Велики.
Затоа и ние, денес, во Црквата, сме должни да укажеме кога некои обичаи, туѓи на Црквата, сакаат да се наметнат како христијански и како црковни. Паричка во лепче или пита, во согласност со црковното Предание, се дели во чест и спомен на свети Василиј Велики или, поточно, во спомен на чудото што го направил самиот тој кога им го вратил на луѓето украденото злато и по неговите молитви на чудесен начин секој си го добил своето. Од друга страна, на некои места во нашиот народ постои слична пракса на Бадник, но во тој случај, кого и да прашате за смислата и значењето на таа пракса токму на Бадник, објаснувањата се крајно нецрковни, човечки и површни. Имено, оној кај кого ќе падне паричката ќе имал среќа, како среќата и сè што е добро да се некаква лотарија, а не Божји дар и благослов. Црквата, во својата Литургија вели: „Секој совршен дар слегува одозгора, од Тебе, Отецот на светлината“, a најголемите дарови Божји се кротоста, трпението, послушанието, смирението, љубовта кон ближниот итн.
Се сеќавам дека на оној кај кого ќе паднеше паричката на денот на свети Василиј (Василица) во манастир, мојот Старец му велеше дека тоа значи дека таа година треба да биде најпослушен, најревносен, пример за смирение и кротост во братството, да ги носи и да ги покрива слабостите на другите итн. Гледате, воопшто не е тешко да се одвои Светото Предание на Црквата од сè друго што ѝ е туѓо. А, луѓето што кршат лепче на Бадник често велат: „во него ќе се парите“. Никој не може да ѝ даде христијанска димензија или толкување на таа нецрковна пракса. Вистинските радост и среќа произлегуваат од остварената благодатна заедница со Бог, и единствено тогаш човекот искрено се радува, бидејќи се чувствува и самиот остварен како боголика личност. Ние делиме леб или пита со паричка на овој ден во чест и спомен на еден таков великан на Црквата, кој до таа мера се соединил со Бог, до таа мера Го возљубил Бог, што самиот себе и целиот свој живот Му го принел Нему и на Црквата, и за себе не оставил ништо. Но, и Бог со Својата несоздадена благодат до таа мера го осветил, до сржта на коските негови, кои благоухаат и се чудотворни, и кои се удостоивме вчера да ги целиваме и да им се поклониме.
Сè што правиме во Црквата е заедница и води кон средба помеѓу човекот и Бог, и сите луѓе во Царството Небесно. Само таа средба е извор на вистинска радост и среќа.
Свети оче Василие, моли Го Бога за нас!