Верно голема е тајната на послушанието
Радувај се во Господа, чедо на Небесниот Отец. Ми пишуваш чедо мое за твојата помисла насочена против твојот Старец. Од неа да се плашиш и да ја одбегнуваш како змија отровница. Бидејќи има страшна сила во нашево поколение.
Таа е техниката на лукавиот! Тој ти носи помисли против Старецот, за да те оттргне од благодатта којашто те штити, за да згрешиш, а потоа немилосрдно да те камшикува. Значи зачувај го моето слово и не дозволувај да се вгнезди во твоето срце каква било помисла против твојот духовен Отец. Веднаш да ја отфрлиш како да е змија отровна и смртоносна.
Исто така и книгата за којашто ме прашуваш, дури и да може да ти овозможи спасение, без благослов не ја земај! Бидејќи, ако не бараш благослов, тоа ти се смета за прељуба пред Бога.
Зачувај ја точноста и во малите и во големите нешта, така што, без благослов од твојот духовен Отец немој ниту да се помолиш, ниту да помилуваш, ниту да направиш што било друго што можеби тебе ти изгледа добродетелно.
Имаш слушнато за Саул кого што Бог го избра од целото племе Израилско и го помаза за цар, бидејќи не му направи совршено послушание на пророкот Самуил, давајќи го за жртва одбраниот плен. Бог го погуби говорејќи му на пророкот „Поголемо е послушанието од жртва чиста”.
Верно, голема е тајната на послушанието. Кога и слаткиот наш Исус прв го одбележа патот и стана пример за нас, колку повеќе и ние сме должни да Го подражаваме Него. Камо да бев и јас чедо мое, помеѓу вас. Да се подвизувам во моето желно и вистинско послушание. Бидејќи исповедам најискрено, со цела сила и наполно сознание дека не постои друг спасителен пат, којшто е далеку од секоја прелест и од секое дејство на непријателот. Така што, кој навистина сака да се спаси, и да го пронајде брзо благиот Исус, должен е да биде послушен. Со толкава љубов должен е да го гледа својот Старец како да го гледа обличјето Христово.
Значи, дете мое, држи го цврсто оружјето коешто го прими и силно бори се, неустрашно, затегнувајќи ги стрелите право кон непријателот, кон една цел стреми се и куршумот испраќајќи го кон тоа да не не го послушаш твојот Старец, зашто разжалостувајќи Го Бог, имаш застапник во Старецот, за да Го смилостиви Бог за тебе. А ако пак Старецот го ожалостиш, кој ќе Го смилостиви Бог за тебе? Труди се, колку што можеш повеќе да го олесниш бремето на твојот Старец, за да имаш и ти олеснување и трпение во твоите маки. Бидејќи преку мој личен опит осознав колкави се одговорноста, тежината и страданијата што ги поднесува Старецот додека да ѝ го врати достоинството на душата и додека ја воведе во рајот, особено, ако душата има крута природа.
Старецот, за секоја преземена душа си додава на вратот уште еден претежок синџир, така што му се потребни многу молитви за да му се олесни тежината. Треба да поседува многу љубов, вистинска, а непослушанието и противречењето само ги зголемуваат алките на синџирот.
Од устите на послушниците треба да излегува благочестие и благодат, а не оцет и горчина, кавга и раздор. Секој крут збор што ќе му го кажете во мигот на искушение, е поттикнат од лукавата змија така што душата на старецот ја полева како отров којашто се суши како цвет удрен од град. Не е во состојба ни да се помоли за себе додека не му помине болката. Кога духовните чеда пак, се послушни, тогаш, и старецот оди право, се искачува во височина, топло се моли, се просветлува, разумно зборува, благовремено советува, добива додаток на благодатта и станува непресушен извор раздавајќи му на секого Божествена благодат добиена од Господ.
Затоа, дете мое, ако сакаш брзо и без голем напор да напредуваш, научи да се откажуваш од секое твое мислење, за да не ти се преобрази во волја. Твоето уво да е свртено кон устата на Старецот, и што било и да ти каже, примај го како од Божја уста, и направи го без размислување. Така, секогаш ќе имаш мир.
Потсетувај се постојано, дека твоето послушание или непослушание не го допира само твојот Старец, туку преку Старецот се однесува на Бога.
Ниедна твоја мисла не ја затајувај од твојот Старец и не ги преиначувај твоите зборови исповедувајќи се пред Господ, туку веднаш кажувај ги твоите зборови за да се успокои твоето срце.
Свиткај го твојот врат под јаремот на послушанието и прилепи се кон здивот на твојот Старец. Само што ќе излезе збор од неговата уста, грабнувај го веднаш та, како со крилја да леташ, изврши го без да испитуваш дали е доблесен или не е. Извршувај слепо и без расудување што и да ти нареди тој, за да не бидеш ти одговорен за твоите дела. Оној што наредува е одговорен, така што тој ќе дава отчет за својата наредба. Ти пак, ќе дадеш одговор за твоето непослушание.
Не е послушание само да ја извршиш оваа или онаа заповед, како што ќе ти биде наредено, а интимно да противречиш. Послушание е да го потчиниш разумот, начинот на размислување на твојата душа за да се ослободиш од стариот човек.
Послушание е да станеш роб, за да станеш слободен. Купи ја ефтино твојата слобода. Ослободи се од одговорноста и радувај се.
И не ја слушај твојата помисла, којашто во мачните моменти те советува да заминеш од твојот манастир. Биди уверен дека оној што не слуша еден човек, се потчинува на многумина, така што останува непослушен.
Старец Јосиф Спилеот