// Google analytics code

Смирението на фатениот – Отец Гаврил Галев

Неколку поуки може да извлечеме од ова прочитано денешно Евангелие, во кое што се раскажува дека некои луѓе донеле при Исуса човек парализиран, неподвижен на носилка. Господ ја видел нивната вера и му ги простил гревовите. Тука се нашле учените и водачите на Еврејска заедница и во срцата помислиле, зошто овој богохулствува, затоа што кој може да прости гревови освен Бога. Христос им ги прочитал мислите и рекол: Што е полесно да речам, стани оди или да простам гревови. Меѓутоа за да се уверат тие дека тој може да го прави тоа, дека Тој е Синот човечки кој што требаше да се роди на земјата, му вели на фатениот, да стане, да си ја земе постелката и да си оди дома. И како што се вели, тој си ја зел постелката, си пошол дома а народот го славел Бога за ова чудо, дека Господ им дала таква власт на луѓето. 

Првата поука што може да ја извлечеме е силата на верата на луѓето кои што го донеле фатениот. За фатениот не знаеме каква вера имал, но неговите пријатели сигурно имале силна вера и заради нивата вера, Господ Исус Христос го излекувал болниот, нивниот ближен. Тоа значи дека што и да побараме од Бога за нашиот ближен, ако имаме силна вера, Бог ќе ги услиши нашите молитви. Макар тој и да не е доволно освестен, но заради нашата вера и молитви, Бог ќе му помогне да се освести.

Од Христовите зборови упатени кон фатениот може да ја извлечеме втората поука. Христос на болниот најпрво му дава утешни зборови, да не се плаши, нарекувајки го чедо, дете. Тоа значи дека сите сме чеда Божји и Бог е нашиот Отец и треба така да се чувствуваме. Кога нашиот телесен татко ќе ни се обрати со “чедо”, ние се чувствуваме среќни, задоволни, заштитени, безбедни, силни, радосни, исполнети… Колку пак повеќе когa Бог ќе ни се обрати така.  Тогаш и ние нели треба да се чувствуваме уште повеќе од тоа? Така треба да го чувствуваме присуството, односно татковството Божјо, над нас.

Потоа, Исус Христос наместо да го излекува фатениот, Тој најпрво му ги простува гревовите. На тој начин го упатува него, а и сите нас, кон тоа дека причина за сите наши слабости е гревот. Кога гревот ќе го отстраниме од нас, тогаш и слабостите се отстрануваат. Тие бегаат. Меѓутоа, за да го отстраниме, треба да го освестиме гревот. Треба да освестиме дека сме грешни и дека имаме потреба од лекар. Дека имаме потреба од помош. Бидејќи на Бога единствено му грешиме, тоа значи дека Нему сме му должни и Тој е единствениот кој што може да простува гревови. Тој е единствениот кој што може да ни помогне, да не излекува и да не врати и постави на правиот пат.  Треба да принесеме длабоко покајание за своите гревови, за своите недела, за својот погрешен живот, погрешен начин на живеење, на тој начин да се самоспознаеме и да осознаеме во која падната состојба сме и дa се каеме, а Бог е Тој кој што ќе го виде нашето покајание, ќе ни прости и ќе не исцели. Треба да си ја осознаеме состојбата.

Покајание значи спремност за промена на нашиот живот. Ние често знаеме да повикуваме Господи, Господи, но тоа не го викаме од срце. Всушност не сакаме да се откажеме од старото кое што всушност ни пречи и не го пoвикаме со длабока спремност дека сакаме да се смениме и примиме нешто ново. За да напредуваме во духовниот живот, мора да се откажеме од гревот, мора да се откажеме од страстите. На тој пат секогаш се и непријателите наши, демоните, кои што ќе ни пречат во тој наш подвиг на покајание и исцеление. Ние не треба да обрнуваме внимание, едноставно треба само Христа Бога да го гледаме и да се држиме до Неговите заповеди. А тоа е да го возљубеме Бога со сето свое срце, со сета своја сила, со сиот свој разум и својот ближен како самиот себе. Тоа е најголемата заповед која што Бог ни ја дал на нас луѓето и тоа е единствената заповед според која што ние и најмногу ќе бидеме судени. 

Понатаму, еврејските старешини во себе помислиле погрешно за Господ Исус Христос. Тој читајќи им ги мислите во срцата нивни ги објавува јавно. Не познавајќи го дека Он е избраниот, Месијата, Синот Човечки кој што треба да дојде на земјата и да го спаси човекот од гревот, од ѓаволот и од смртта, помислиле во себе дека овој богохулствува, се нарекува Бог. Нивните мисли биле, како овој човек којшто стоел пред нив може да простува гревови, зашто само Бог може да простува.  И навистина е така. Овој настан се случил на почетокот од Неговата мисија и сеуште луѓето не го познавале добро. Зашто, како може обичен човек некому да чита мисли и тоа не на еден, туку на сите присутни?  Ако тој Човек не бил обичен човек туку Богочовекот Исус Христос, воплотеното Сово Божјо. Ветениот Месија. Спасителот на светот.

Подоцна пак, му вели на фатениот: Стани, земи си ја постелката своја и оди си дома. И тоа е тоа, подвигот на очистувањето на срцето од страстите, аскетско-исихастичкиот подвиг кој што се одвива во трите степени од нашиот духовен живот: очистување на срцето од страстите, просветлување на умот и обожение на целовкупната личност. Во сета ситуација многу важно е како реагирал и постапил фатениот. Тој можел уште на прво, кога Господ Исус Христос открил дека е грешник, да се побуни, да негира или да се самооправдува. Но тој не го одбрај тој пат. Болниот, се што му било речено се смирено примил, прифатил и послушал и затоа оздавел.

Постелката која што не врзува неподвижни се нашите страсти. Се додека им служиме на нашите страсти, до тогаш сме врзани за таа постелка неподвижни и парализирани. Меѓутоа, кога ќе дојдеме пред нозете Христови и ќе бараме искрена прошка, Господ ќе ги земе, ќе не ослободи од нив. Стани, земи ја постелката, значи му дава власт на човекот да раководи со своите страсти. Страстите по природа не се лоши. Тоа се сили во нас, кои што ние заради нашата погрешна настроеност, место кон Бога, свртувајќи се кон гревот сме ги направиле да бидат лоши. И затоа целиот наш живот треба да се трудиме да ги преобразуваме, да станат повторно такви какви што Бог ги создал, добри.  Станувањето и носењето на постелката е состојба на очистување на нашето срце од страстите и имање контрола над нив. Демонот веќе не можат да влијае од внатре преку страстите, па искушенијата доаѓаат од надвор. Тоа е вториот степен, просветлувањето на умот. Тоа е обожението. Богосединувањето. Стекнувањето на подобието Божјо.

И третиот степен е враќањето во својот дом, кое што е нашето срце. Да си одиме дома, тоа е во нашиот дом, нашето срце. Умот молитвено да го спуштиме во нашето срце, и одтаму непрестано да ја твориме непрестајната благодатна умно-срдечна молитва.

И на крајот како што се вели во Евангекието, народот кога го виде тоа се зачуди и го прослави Бога, кој што им дал таква власт на луѓето. Значи Бог, овоплотувајќи се, ја излекува нашата човечка природа и ја подигна на претходното добробитие и на претходното достоинство и му дава власт на човекот да прави такви чудеса. Бог тоа му го вети на човекот. Поточно оние кои што ги поминале трите стадиум на очистување, просветлувањето и обожението, a тоа се светителите ќе прават поголеми чуда и од Него. Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши (Јн. 16,13).

Нека Господ Исус Христос по молитвите на денешнитa светителителка, светата Марија Магдалена Мироносицата ни помага да дојдеме и ние до тој степен кај што се светиите. Амин.

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

04 / 08 / 2024


About The Author