Велик четврток – Митрополит Струмички Наум
Во чест на Преблагословената и славна Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, преку Неа прими ја оваа Наша жртва, Боже, во наднебесниот Твој жртвеник.
Евхаристија. Што да напише човек за светата Евхаристија (Литургија), а истовремено да не ја открие и содржината на својот живот? Нема разлика помеѓу Евхаристијата и нашиот живот, или ако има – немаме живот. Односно, колку поголема е разликата помеѓу содржината на Литургијата и содржината на нашиот живот, толку повеќе тој е бессодржаен. Или, каков живот човек живее ако истиот не е Благодарење, себедавање на Бог и ближните?
Благодарење. Тајна што постојано ја преоткриваме. Непроценлив дар, незаслужен. Дело Христово во коешто постојано се учествува, иако само еднаш се случи. Соборно сведоштво во личен подвиг подготвено. Принос пред олтарот во храмот и состојба на умот пред олтарот од своето срце. Извор на слово во сила, кое повторно и повторно го обновува светот. Вознесение пред престолот Божји.
Литургија. Бог ја прима нашата словесна и бескрвна жртва во наднебесниот Свој жртвеник, откако претходно прв ни се принесе. Ние Му се принесуваме, а Бог нѐ прима – такви какви што сме, и нѐ преобразува. Воскресение пред Воскресение. Педесетница пред Педесетница. Веќе и уште не. Сѐ преку Литургијата постана и без неа ништо не стана, од тоа што постана, во Црквата Божја. Во неа има живот и животот е светлина за луѓето. И светлината во темнината свети и мракот не може да ја опфати. Евхаристија – бескраен беспочеток. Царство Небесно, на Отецот и Синот и Светиот Дух, благословено!
Тајна вечера. Крв и Тело Христови. Вистинска храна и пиење. Непрекинлив источник на сила, живот и сведоштво. Црпиш сила од неа и со своето присуство ја живееш и ја сведочиш истата; и надвор од неа; ако има надвор. Мислиш и истовремено богомислиш. Словиш и славословиш. Делаш Домострој на спасението. Мислата, словото и делото немаат суштинска разлика, во неа. Сѐ, во неа, повторно принесуваш. Љубиш и не бараш, а најмногу добиваш – Него. Слобода и Љубов. Личност и Заедница.
Велиш: „ангел на мирот“, и секој човек е посетен. „Чувар на нашите души и тела“, и секој демон отстапува – додека не биде повикан. „Простување и разрешување“, и секој грев е простен – додека повторно не биде направен. „Сѐ што е добро и полезно за нашите души и тела“, и сѐ на добро се менува – додека ние не го промениме, по наше. Божјо слово, извршно. Божествено Пресоздавање.
Ако некој праша како е можно тоа, ќе му одговориме: од Богородица и Приснодева Марија родениот, Богочовекот Исус Христос, Чие слово не останува без сила, Тој е Оној Кој принесува и се принесува, Кој прима и се раздава. Само Нему слава Му вознесуваме со Беспочетниот Негов Отец и со Пресветиот и благ и животворен Негов Дух, сега и секогаш и во вековите на вековите.
Амин.
Во мир да излеземе! Боже, сочувај ја полнотата на Твојата Црква; дарувај му мир на Твојот свет, на свештениците, на православните христијани и на сите луѓе Твои…
По молитвите на Светите отци наши, Господи Исусе Христе, помилуј нас!
Митрополит Струмички Наум
(20.04.2022 15:53)