// Google analytics code

Велик петок – Митрополит Струмички Наум

GF2a~+~

Богочовекот Христос Самиот ѝ допушта на Својата човечка природа да страда: да трпи болка, тага, жед, глад, умор и сите други безгрешни страсти што ѝ се својствени. Значи, Богочовекот Христос не страда принудно, туку доброволно, иако поради неслиеното и неразделно единство на Неговата човечка и божествена природа во Неговата Божествена Ипостас (Личност), Он како Бог може да си дозволи и да не трпи страдања.

Христос доброволно учествува во страдањата, само и само за да ни даде сила и нам – кои сме во Него, кога и ние заради Него и заради исполнувањето на Неговите заповеди ќе страдаме, да можеме тоа истото да го претрпиме.

По Неговото воплотување и целиот Домострој на нашето спасение, сите ние, во Црквата – во Телото Христово, станавме учесници во Неговата обожена човечка природа и располагаме со Неговата благодатна сила.

И така, по сите страдања што ги претрпе Христос за да ни даде сила и ние да можеме да го поминеме истото – немаме оправдување од типот: дали можеме или не можеме нешто од Него заповедано да направиме, туку прашањето е само дали сакаме или не сакаме!

Немаме многу избор: или ќе ја живееме Тајната на Крстот Христов, т.е. ќе Му благодариме и ќе Го славиме Господ Исус Христос, исполнувајќи ги во сила Неговите заповеди на љубовта, или ќе хулиме со нашето безљубовно „не можам“, а всушност – „не сакам“.

Да внимаваме, некои од Божјите дарови, обично, на самиот почеток не ги препознаваме веднаш како дар – во сите негови димензии, зашто ни се даваат прво како крст. Крстот, пак, треба најпрвин аскетски да го прифатиме како дар, за потоа – кога ќе го усвоиме благодатно и лично како дар, да можеме да ги согледаме сите негови димензии – што се неговата ширина и должина, и што се неговата длабочина и височина; и на тој начин да ја узнаеме Христовата љубов што го надминува секое знаење (види: Ефес. 3, 14–19).

Крстот не мора секогаш да значи и само лично страдање, туку и страдање на некој ближен, што всушност е и уште пострашен крст.

Крстот се сите наши волни и неволни страдања кои ги среќаваме на тесниот евангелски пат на исполнувањето на Божјите заповеди. Даруваниот од Бог наш крст е и начин преку кој Он го гради личносниот однос со нас.

Историското случување, опишано во Светото Евангелие, на распнувањето Христово на Крстот помеѓу двата разбојника, исто така распнати на други два крста, е можеби една од највистинитите претстави во која може да се препознае состојбата на сите луѓе, како во однос на Бог така и во однос на самите себе.

Сите ние можеме да се видиме и да се препознаеме во еден од двајцата разбојници. Сите ние го носиме својот крст, само што некои од нас Му благодарат на Бог за својот крст и го носат истиот со трпение и смирение, свесни за својата грешност и несовршенство; а други, пак, хулат на Бог поради својот крст.

На оние што Му благодарат на Бог, крстот им помага да го очистат сопственото срце од страстите, да го просветлат сопствениот ум и да се обожат. На оние што хулат на Бог, крстот им останува само како еден неподнослив товар и како една неразбирлива и неподнослива казна – и душевна и телесна.

Секако, имате предвид дека ви зборувам за генералната линија, а не за повремените осцилации. Исто така, самопознанието во однос на Бог и благодарноста за крстот што Бог ни го дарувал се нераздвојни.

Со трпение и смирение може да го носи својот крст само оној што Му благодари на Бог за своите страдања и што освестил во себе дека навистина се соодветни за негово исцеление; тој што го прифаќа својот крст. Колку поголемо страдање доживуваме и колку поискрено и од сè срце Му благодариме на Бог за тоа, толку повеќе Божја благодат привлекуваме кон себе и толку побрзо се исцелуваме.

Благодатта Божја е, пак, таа што ни дава сила да ги издржиме страдањата, таа што нè утешува во страдањата и таа што дури и прави да заборавиме на нив. Или, со други зборови, благодатта Божја е таа што нè очистува, просветлува и восовршува, во зависност од тоа на кој степен од духовниот развој се наоѓаме, носејќи го својот крст.

Навистина убав евангелски пример за правилно носење на својот крст е разбојникот распнат заедно со Христос, кому, во моментот кога ја исповеда својата грешност, смирено и без хулење поднесувајќи ги страдањата – „Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела; но Он ништо лошо не направил“ – му се отвораат очите да Го види и препознае распнатиот Богочовек: „И Му рече на Исус: ’Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во Царството Свое!‘ А Исус му рече: ’Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!‘“ (Лука 23, 41–44).

Очигледно е дека на разбојникот не само што му се отвораат очите да Го препознае Христос – односно, не само што го добива дарот на просветлување – туку нему му се открива и тајната на целиот Домострој на спасението, тајната на Царството Небесно.

За разлика, пак, од разбојникот, кој како појдовна основа за примање на овој дар од Бог го има само сознанието за својата грешност и правилната исповед со благодарност, ние денес како критериум и темел на нашето христијанско постоење и дејствување ги имаме Христовиот збор и дело, совршената љубов на Бог Отецот (види: Матеј 5, 44–48) и печатот на дарот на Светиот Дух. Ги имаме единството на верата и соборната заедница на Светиот Дух и помеѓу себе и со нашите Отци, кои со својот вечно жив пример постојано го осветлуваат нашиот живот и постоење во Црквата. Затоа не треба да дозволиме Царството Небесно внатре во нас да го откриеме при крајот на нашиот живот, претрпувајќи со благодарност разни болести и страдања, туку уште во нашата младост принесувајќи Му го целиот наш живот на Богочовекот Христос, преку доброволен подвиг.

Едно е страдање поради очистување од гревовите и страстите, а друго е страдање како учество во Крстот Христов за спасение на светот. И треба да се избегнува страдање поради непослушание – тоа трае додека трае непослушанието.

Значи, сите имаме свој крст – прашањето е: сакаме да носиме крст со смисла, со утеха и надеж или сакаме да се мачиме со бесмислен крст? Мислам дека изборот не е тежок. Затоа, не треба да губиме време и треба да почнеме вистински да го почитуваме Крстот Христов, црпејќи ја од него силата на преобразувањето и воскресението.

Вистинско почитување или поклонување на Крстот Христов значи вистинско живеење според него. Живеењето според Крстот Христов се сведува на љубов што секогаш дава и ништо не бара; љубов која сѐ простува.

Да не се мачиме напразно со страдање, со крст без Воскресение; со крст кој истовремено во себе не ги носи и силата, и утехата, и несоздадената светлина на Воскресението!

 

Пресвета Богородице, Која уште стоиш под Крстот Христов, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум

(21.04.2022 19:54)

 


About The Author