Велики Четврток – Отец Гаврил Галев
~+~
Ги прочитавме страдалните Евангелија и што да се каже, или поточно, подобро човек да замолчи, затоа што навистина немаме збор со кој што би можеле да се оправдаме, затоа што ако и ние сме биле во тоа историско време и простор, јас не верувам дека ќе сме биле таму под крстот, кај што застанале неговата мајка и неговиот возљубен ученик Светиот Јован. Туку, расудувајќи според нашиот живот и ние би се распрснале како и другите апостоли, би се откажале како Петар, како евреите би викале распни го, распни го, како римските војци би се исмејавале или пилатовски би си ги измиле рацете и би го осудиле Христос.
Тоа сведочи дека ние можеме за себе да си замислуваме дека сме на кој знае кое духовно ниво, меѓутоа нашите дела, пред се, нашите зборови и мисли сведочат дека ние сме сепак долу, дека сме со оние што го распнаа Христа и дека до ден денешен го распнуваме со нашите гревови и прегрешенија.
Меѓутоа Господ даде покајание, затоа и му вети на Петар, му даде знак, кога ќе го чуе петелот да се покае. Петар тоа ѝ го направи, тој горко плачeше. Има предание дека секогаш кога Петар ќе го слушнел петелот наутро, секое утро плачел заради својот грев. Меѓутоа, се поставува прашање, дали ние го следиме него во покајанието.
Дали ние кога ќе осетиме некој знак од Бога ќе се покаеме? Дали се покајуваме и горко плачеме или се противиме и пак упорно грешиме? И на крајот дали ќе бидеме како неговиот возљубен син, возљубениот ученик светиот Јован, кој што останал со Христа до крајот на неговиот живот, и никогаш не се откажал.
Свети Јован е ученикот кој што сведочеше, кој најмногу од сите пишувал за сите овие настани. Тој не се откажа од Христа и не се соблазни ниту во миговите на “слабост” кај својот Учител. Ни кога го понижуваа и биеја. Ниту кога го судеа. Ниту кога го распнаа на крст. А ниту пак кога го погребаа. Тој секогаш беше покрај својот Учител и секогаш го љубеше, а и никогаш не се посомнева дека Тој е избраниот Месија, Спасител и Бог. Е такви треба да бидеме и ние.
А дали сме такви? Колкупати сме се откажале oд Него и сме се соблазниле наоѓајќи се во најразлични ситуации? И повторно ќе кажеме дали ние го исполнуваме неговиот збор, дали го исполнуваме неговото Евангелие? И ако сме искрени ќе си признаеме дека одговорот е негативен. За жал ние дури и своите ближни ги мразиме, а камоли оние кои што нас не навредиле, не повредиле или за кого што треба, како што се вели, како Христос што ја положи душата своја за непријателите и ние да ја положиме.
Меѓутоа ете Господ ни ги остави овие денови, преку Црквата, да се потсетуваме и да принесуваме смирение, покајание и љубов, на тој начин всушност и ние да го очистиме нашето срце. Да ја почувствуваме милоста Божја, да ја почувствуваме нашата маленкост и Неговата големина, да ја почувствуваме нашата неодговорност, нашата неблагодарност, Неговата милост и љубов, Неговата благодат, и на крајот да ги просветлиме нашите умови и да го спознаеме вистинскиот Бог, да ја познаеме вистината, да одиме во вистината, да живееме свет живот каков што живеел Христос на земјата, всушност, затоа Тој дојде во светот, да ни покаже како треба вистинскиот човек вистински да живее, а не како оној Адам кој што заради својата гордост и суета и сладострастие падна, и го поведе сиот свет во страдание и пропаст.
Но да не очајуваме зашто Христос воскресна и ни даде надеж.
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
02 / 05 / 2024