// Google analytics code

Велика сабота – Митрополит Струмички Наум

87491FB0-05CB-4EF6-9F3B-031B3FDBB2A0~+~

Не можам, смрт, а да не те дочекам со добредојде. Кога и да е тоа. Кога и да ти дозволат. Зашто откако Богочовекот Христос дојде, сѐ од Него е добредојде. И ти самата, смрт. И сега не си само смрт, туку, во Него, истовремено си и Воскресение. Пред Него, само страшна чуварка од поголем пад.

Пред Него – труд, мака, пуста надеж, бескрајно исчекување. Дури и животот и радоста не ни беа светли, под сенката на неизвесноста. Како маката да немаше крај, а само доброто и убавото. Очај на бесмислата и бесцелноста. Но, во Неговиот Домострој сѐ се осмисли, па и самата ти. Затоа, добредојде.

Сега, Он е со нас, засекогаш. Не како кога бевме отуѓени, туку како Негови. Како што вели апостолот: „И јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2, 20). Токму преку Крстот и преку Неговата Смрт и Воскресение, докрај посвоени. Вистински деца Божји. Со Духот, Кој во срцето повикува: „Ава, Оче!“ (Рим. 8, 15). И повторно, добредојде.

Ти, смрт, не ни требаш само на крајот, како премин, како покој, како мир во Него. Не, ти сега и овде си ни најпотребна, како постојано сеќавање на тебе. Слаби сме, паѓаме. Ти најмногу ни помагаш да се отрезниме и да се освестиме. Од гревот. Од опиеноста со овој свет. Големо добредојде.

Но, да бидам искрен, можеш и веднаш да дојдеш. Колку за толку, доволно Го љубиме Господ. Постојано нѐ ранува одвоеноста од нашиот Христос, а длабоката поврзаност со овој свет. А, да ти кажам, смрт, душата тоа тешко го поднесува! Знаеш и самата колкупати сме посакале да си веќе била дојдена. Главно, добредојде.

Го спомнав светот. Не мислев толку на надворешниот колку на нашиот, внатрешен. Светот е преубав. Говорам за поврзаноста на нашите страсти со световното. За похотта на телото, желбата на очите и гордоста на животот, коишто кон пад нѐ влечат. Од кои докрај нема да се ослободиме. Колку добредојде.

Види сега, смрт, вака – сепак, да бидеме на јасно. Немој сѐ уште да глумиш страшна, барем не нам. Па ние во тебе, односно во Христовата смрт и Воскресение се крстивме и преродивме. Па ти си почеток на нашиот живот, на нашиот вечен живот. Ние ништо без тебе не правиме. Ама ти не знаеш колку добредојде.

Не знаеш ли дека ти си суштински дел на нашата молитва? Па ние без тебе не би можеле ни да се молиме. Како умот би го исцелиле? Како со Господ би се соединиле? Нема молитва без смрт за овој свет. Благодатта на молитвата само со тебе во друштво доаѓа. Неразделна е од тебе. Да, смрт, добредојде.

Не само што си неразделив дел, ти си и желба на нашата молитва. Колкупати ли само го понудивме нашиот живот, повикувајќи те тебе, во замена за животот на нашиот ближен. Ти не ни знаеш колку нѐ правиш слични на нашиот возљубен Господ, Богочовекот Исус Христос. О, смрт, добредојде.

Да, ти си утврдување и на нашиот монашки живот. Колку за време на овоземниот подвиг, толку повеќе во Царството Небесно. Голема си утеха навистина, од која страна и да те разгледаме. Дури и манастирите без тебе не ни личат. Смрт, добредојде.

И, види, веќе многу добро научивме дека христијански може само да умреме, но не и да живееме. Толку е совршен нашиот Господ Богочовекот Христос. Затоа, дозволи ни на крајот, заедно со апостолот Павле, на твоја сметка и да се пошегуваме: „Смрт, каде ти е осилката? Пеколу, каде ти е победата?“

 

Христос Воскресе!

Митрополит Струмички Наум

(22.04.2022 19:54)

 


About The Author