Божиќен Пост – Отец Гаврил Галев
~+~
На 28 Ноември почнува постот, нека ни е благословен и лесен. Овој пост е посветен за подготовка и во чест и спомен на раѓањето во тело на Спасителот и Господ наш Исус Христос. Кој заради нашето спасение се воплоти, прими тело и стана Човек за да ја подигне и спаси сета човекова природа. Бог стана Човек за да човекот стане бог по благодат. Оваа зададеност Бог му ја даде на човекот уште во рајот, а за што требалo да исполни само една заповед – да се воздржува, т.е. да пости. Ако постот му бил потребен на човекот во рајот за да дојде до целта тогаш уште повеќе во ова земја на прогонство и маки.
Целта на овоземниот живот е преобразување на паднатиот човек во нас и воздигнување на обновениот и стекнувањето на благодатта на Светиот Дух. Тоа се постигнува со доброволно распнување на стариот и огревовен човек со вoздржување и бдеење над своето срце и негово чистење и ослободување од стрaстите во него, кои не заробуваат и не прават робови на ѓаволот и осуденици на смртта.
Постот е едно од тие сретства кои најдиректно ни помагаат во тој подвиг, најпрво на нивно неутрализирање, а потоа и победа над страстите и ослободување од нив. Меѓуто, постот сфатен не само како воздржување од одреден вид на храна во предходно определени денови од годината туку, севкупниот наш христијански живот и начин на постоење во непрестајно бдеење и контрола над себе се до моментот на очистувањето на срцето од страстите и стекнувањето на благодатта на Светиот Дух во нас, а понатаму Самиот Свет Дух ќе не учи како таа, благодатта да ја запазиме во нас и да дојдеме до нашата зададеност, како што спомнавме во почетокот.
Вистинскиот пост во себе ги содржи и сите добродетели: покајнието, смирението, милосрдието, телесниот подвиг итн, а пред се молитвата. Постот без молитвата и останатите добродетели е само една обична физичка дисциплина, диета па дури и суета и прелест. Постот е добродетел на Црквата па според тоа има и соборни димензии. Односно ние постиме и се подвизуваме не само за себе туку и за сите други. Постот и молитвата се голем дар Божји без кои нема обожение и спасение. Тие се наше благодарно учество во Крстот Христов, па затоа и во Неговото воскресение. Затоа да го возљубиме постот и да се вооружиме против нашиот непријател.
Правилото на овој пост е следното: Во Среда и Петок се пости без масло. Монасите постат и во Понеделник, а кој сака, со благослов на својот духовен Отец, може да пости и тој ден. Останатите денови се пости со масло, а во саботите, неделите и на големите празници се употребува и риба. Вака се пости до празникот на св. Спиридон кога од менито се исфрла рибата.
Нека ни е благоловен овој пост и достојно, со подготвени срца да го дочекаме Pожденството Христово. И да не заборавиме дека ова е општо правило на Црквата , а секој си го одредува своето лично правило во согласност и со благослов на духовниот Отец.
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
27 / 11 / 2021