ПРЕОБРАЖЕНСКИ ПОСТИ (Богородични пости) – Отец Гаврил Галев
Денес почнува постот, нека ни е благословен и лесен. Овој пост е сличен на Великиот пост и е посветен на празниците на Преображение и Успението на Пресвета Богородица, a трае само две седмици. Правата седмица е за Преображение, а втората за Успение. Православната Црква утврила и пропишала за време на овој пост да се пости строго, без масло од понеделник до петок, освен сабота и недела кога се пости со масло. За празникот на Преображението Христово се дозволува масло и риба.
Ова е правилото на постот, но постои и едно традиционално “правило“ кое во свое време и прилики во нешто оправдано, а во нешто неоправдано, толку длабоко има навлезено меѓу нашиот народ што дури и го затскрива правилниот пост. Според тоа правило, се пости само првата недела без масло (дури и се прекршува правилото за непостење во саботите и неделите), а потоа се пости со масло, а некои пак воопшто не постат во тој период и неисповедани се причестуваат. Треба да се внимава, во дадени прилики и така е добро, но ако сакаме да бидеме вистински христијани и ако веќе го знаеме вистинското правило за постот, треба да се потрудиме и да го исполниме.
Треба да нагласиме дека ова е општо правило на Црквата , а на секој му се одредува неговото лично правило со согласност и благослов на духовниот Отец. Но никој да не мисли дека може самоволно да се разрешува од пост по своја волја, како што има многу случаи кај свештениците и монасите, сами да се разрешуваат од постот, па и мирјаните ги наговараат со зборовите: “Јади кога јас сум разрешил” или пак, мирјаните сами без причина да се разрешуваат од пост.
Тоа што го одредила Црквата е царски и духовен пат кој води во вечен живот. Оние кои сакаат да постат нека внимаваат да не се натоварат со поголемо бреме од она што Црквата го утврдила, оти, ако паднат, нема кој да ги поткрене. Оние кои никако не постат, нека почнат да постат, ако мислат да се спасат и душата да им влезе во Царството небесно. Но, тие не можат веднаш да го земат целото правило, а потоа, со текот на времето, ќе се трудат, а Господ ќе им помогне да го примат целосното правило, па така по некое време и тие ќе постат уредно.
о. Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
14 / 08 / 2020