// Google analytics code

Благовестие – Отец Гаврил Галев

Денеска го празнуваме споменот на благовестието кога Архангел Гаврил дошол при Марија и ја соопштил благата вест, добрата вест дека таа ќе зачне во утробата и ќе роди син. Но тој син нема да биде обичен, туку ќе биде син Божји и син човечки. Односно словото Божјо, синот Божји, ќе се воплоти во човечка утроба и ќе добие човечко тело, ќе стане во се еднаков со нас, освен во гревот, за да преку Него го добиеме спасението на светот. 

Ова е моментот кога започнува реализацијата на домостројот на спасението, а сето тоа се случило само заради една единствена личност, која што не се повторила низ целата историја на човештвото, а тоа е Марија, Света Дева Марија. Која што го возљубила Бога и била толку чиста, пречиста, што била и достојна за во својата утроба го прими Бог и да ни го роди Христос Спасителот, Богочовечокот Исус Христос, преку Кого дојде спасението на сиот човечки род.

Затоа нашето почитување кон неа е големо и нејзиното достоинство е секогаш веднаш до Бога. Таа не е божица, меѓутоа таа го родила Бог и е Богородица. И вистина сите ние треба да ја сакаме и да ја почитуваме од сето свое срце. Постојано да и се молиме и да го бараме нејзиното застапништво пред нашиот Бог и Спасител и нејзин син, Господ Исус Христос. Во нашите домови треба сите да имаме Православна икона од неа. Зашто ако не беше таа единствената, се уште ние ќе бевме во нашите гревови, се уште ќе бевме заробени од страстите и гревот, од сатаната и од смртта. Меѓутоа со воплотувањето Христово, нам ни се даде можност да се ослободиме од тоа непремостливо ропство и да ја почувствуваме убавината на слободата и благодатта Божја. 

И како што таа, Богородица, во свое време му рекла: “Да” на Бога и во нејзината утроба натприродно се вочовечил, се воплотил Бог, така исто и ние, ако не соучествуваме во тоа нејзино; “Да”, нема да го примиме Христос и за нас се уште домостројот на спасението не е извршен. За нас се уште Христос не е воплотен и се уште не е роден и не е воскреснат и сите ние сме се уште во ропство на смртни гревови и страданија.

И гледате, Господ од Богородица сакаше согласност и ништо на сила не направи, зашто кај што има сила, кај што има принуда, нема љубов. Затоа совршената заедница е заедницата на совршена љубов а тоа е почитување на совршената слобода.  

Бог ништо не прави на сила, туку се’ прави доброволно и со наша согласност и соработка. Богородица беше совршено спремна да го прими Христа, и затоа без колебање му рече: “Да”. Во ниеден момент таа не се противеше или сомневаше. Макар да, иако според човечката логика не беше својствено да роди, бидејќи таа немаше ништо со маж, сепак без противење, без објаснување и потполно свесно и слободно таа го прими Христос. Затоа и Христос се воплоти во нејзината утроба. Така и во нашиот духовен живот треба да знаеме дека секое едно наше противење или самооправдување е само одбивање на Христос. 

И како што Богородица дала едно совршено послушание, совршена согласност, и како што Исус, Синот Божји во својот живот имаше совршена послушност кон својот Отец, така и Бог сака од нас да имаме совршена послушност. Но таа послушност не се разбира како кратење на слободата и ропско потчинување, туку напротив, послушност во слободна и љубовна соработка со Бог за стекнување на слободата со сета полнота на благодатта на Светиот Дух, во полнотата на животот, полнотата на радоста, полнотата на љубовта, полнотата на слободата.

Отец Гаврил Галев
Игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

07 / 04 / 2025


About The Author