// Google analytics code

Разговор со поранешен муслиман-проповедник од Велика Британија, кој го прими Православието

Разговараме со нов православен христијанин од Лондон, кој денеска е крстен со името Данило. Данило не е обичен муслиман. Иако веста за неговото преминување во христијанството неизбежно се шири меѓу муслиманите од Лондон, заради неговата безбедност, не даваме детални информации за него, бидејќи често се среќаваат случаи на насилство и закани, а понекогаш и случаи на убиства на поранешни муслимани од страна на фанатиците. Искуството на Данило е мошне важно за православните.

Со Данило разговара свештеник Николај Савченко, старешина на Успенскиот храм на Руската Задгранична Црква во Лондон

www. russianchurchlondon. org

 

– Данило, кажете ни, Ве молам, нешто за себе.

– Многу години бев убеден муслиман и така ја воспитував својата жена и децата. Роден сум во Велика Британија, но во текот на животот многу патував по муслиманските земји. Добро ја познавам и британската и муслиманската култура. Долго време живеев во Саудиска Арабија, каде студирав теологија и помагав во муслиманската мисија меѓу странските работници. Исто така, некое време поминав во Авганистан за време владеењето на талибанците, во Пакистан, Џама и Кашмир од пакистанската страна. Бев, исто така, и во Босна. Последните години со семејството живеам во Лондон, каде до неодамна бев претставник на исламот во една позната меѓурелигиска миротворна организација. Последните две години, исто така, бев советник за исламот на Кентерберијскиот Архиепископ. Пред два дена го повикав и му соопштив дека го примам Православието во Руската Црква.

-Како се однесуваше тој спрема тоа?

– Кентерберијскиот Архиепископ се израдува. Веднаш ми рече дека неодамна двајца негови работници од персоналот на администрацијата на Англиканската црква го примиле Православието и дека тој го почитува нивниот избор, така што тие продолжиле да работат во администрацијата на Англиканската црква.

– Што Ве приведе кон Христа?

– Првпат добив желба детално да го проучам Новиот Завет кога стоев пред Ќаба во Мека. Тогаш некое време живеев во Мека. Христијанската литература во Саудиска Арабија е строго забранета и блокирани се многу интернет сајтови, но со современиот развој на телекомуникацијата, за оној кој бара, не е тешко да се најде словото Божјо. После некое време добив обврска да убедам еден американец, кој тогаш живееше во престолнината на Арабија, да го прими исламот. Кога разговарав со него, тој ми одговараше доволно смело и убедливо. Се зачудив на неговата смелост, бидејќи во Саудиска Арабија можат едноставно да убијат човек кој го проповеда христијанството. Разговорите со христијаните во Саудиска Арабија ми беа многу важни. Како човек кој се бави со мисијата на исламот во Арабија, се среќавав со многу странци. Постојано забележував дека во поголемиот број случаи луѓето го примаа исламот не затоа што тоа беше нивен слободен избор, туку за да продолжат да работат во Саудиска Арабија и да добијат ослободување од данок за немуслимани. Работата е во тоа што заработката на немуслиманите е пониска отколку заработката на муслиманите, заради плаќањето на посебен данок, кој уште Мухамед го востановил. Заработката на христијаните филипинци во Саудиска Арабија е мошне мала и некои го примаат исламот за повеќе да заработаат. Притоа, поголемиот број филипинци, од оние кои се враќаат дома, веднаш го напуштаат исламот. Почнав детално да го изучувам христијанството и да го чувствувам неговата супериорност над исламот.

Со Православието првпат свесно се сретнав во престолнината на Босна – Сараево. За жал, свештениците во Сараево не зборуваа англиски и не можев да добијам објаснување за сé што сакав. Почекав групата имами да се оддалечат од црквата и влегов во српскиот храм, чувствувајќи го зачудениот поглед на српскиот свештеник, се прекрстив на православен начин и направив земен поклон. Тогаш веќе знаев дека Православието ми е поблиско од сите христијански исповедувања. Почнав повеќе да го изучувам христијанството и Православието, да читам книги и да гледам филмови. Многу ми се допадна филмот „Остров“. Постепено донесов решение да се крстам во Руската Православна Црква.

– Во последно време слушаме сé повеќе вести за ширењето на христијанската мисија во муслиманските земји. Дали тоа се забележува во тие земји од внатре?

– Се сложувам дека во Саудиска Арабија живеат многу тајни христијани. Неколку пати сретнав луѓе кои, најверојатно, беа тајни христијани. Треба да се сфати дека во Арабија и во другите земји, веројатно поголемиот број муслимани одат во џамија не затоа што на тоа ги побудува верата, туку заради тоа што имаат обврска тоа да го прават под притисок на законот и обичајот. Одењето во џамија за нив е товар. Религиозноста на современите муслимани е помала отколку што обично се мисли во христијанскиот свет. Во муслиманските земји има многу џамии и во нив се оддржуваат молитви пет пати дневно, но освен во петок, никој не доаѓа во нив. Освен во петок, во која било џамија на молитва можете да видите најмногу петмина, иако се во близина на куќи во кои живеат само муслимани. Поголемиот број муслимани не одат во џамија, освен во петок. Некои почнуваат да одат за време на рамазан, но после завршувањето на постот, исчезнуваат до следната година. Во џамија, за време на работните денови за рамазан, има стотици луѓе, иако би требало да има илјадници, а после завршувањето на рамазан, повторно ќе бидат петмина. Во муслиманските земји има многу луѓе кои ја бараат Вистината, затоа христијанската мисија ќе напредува. Христијанството најчесто се распространува меѓу познаниците, а во последно време има повеќе ТВ канали и интернет сајтови посветени на мисијата меѓу муслиманите. Многу муслимани, воопштено кажано, заминуваат од исламот и тоа е особено видливо во земјите на Запад. Во Англија многу муслимани го примија христијанството. Во Англиканската црква се проценува дека околу 100 илјади муслимани го примиле христијанството. Многумина од нив се пакистанци. Тие имаат свои христијански цркви, кои се принудени да ги кријат, поради опасност од страна на муслиманите. Исто така, постојат и Арапи и Бенгалци кои го примиле христијанството. Многу луѓе го примаат христијанството заради мешаните бракови.

– Неодамна имаше многу вести во печатот за големиот напредок на исламот во земјите на Запад и имаше изјава дека бројот на верните муслимани наскоро ќе го надмине бројот на парохијаните во христијанските цркви. Во сето тоа чудно е што бројот на муслиманите, припадниците на џамијата, за кои се говори во печатот, повеќе пати го надминуваат капацитетот на самите џамии. Но, за тоа во печатот не се зборува. Каква е вистинската слика?

– Посетеноста на џамиите во Велика Британија е мошне ниска. Поголемиот број муслимани никогаш не одат во џамија. Младите слуштински го напуштија исламот, иако велат дека се муслимани. Во џамиите тие не ги разбираат имамите од Пакистан или Бангладеш. Младите речиси и не зборуваат урду или бенгалски, туку само англиски и многумина се срамат од исламот заради тероризмот. Нашиот меѓурелигиски совет ја истражуваше посетеноста на џамиите и ние ја знаеме вистинската слика, и таа е жалосна токму за исламот, но некому е потребно исламот да се претстави како многубројна, голема сила. Ако ги земеме списоците на џамии во муслимансктие изданија, на пример, во западен Лондон ќе најдеме само околу 20 џамии и во сите има слободни места, иако бројот на муслиманските жители на Лондон е толкав, што би требало да има повеќе џамии, ако поголемиот број од нив ги посетуваше. Во голема лондонска џамија во петок на молитва може да има 300 луѓе, а во помала џамија – 30 луѓе. Многу од џамиите се едноставно мали сали, кои се закупуваат само за петок. Во целина, има малку парохијани во џамијата и поголемиот број парохијани се деца, кои ги носат родителите. Кога ќе пораснат – ќе исчезнат. Христијанството нуди слободен избор и заради тоа повеќе одговара на животот во услови кога сé е дозволено, додека исламот не може да го издржи тоа искушение.

– Во средствата за масовно информирање се зборува дека многумина Британци го примиле исламот. Муслиманите цртаат слика на речиси победоносен налет на исламот на Запад, иако во реалноста бројот на Британци кои го исповедаат исламот е сосема мал, сé на сé околу 1200 луѓе. Што мислите за таа противречност?

– Прашањето не е лесно. Многу се бавев со исламско мисионерење меѓу Британците и можам да кажам дека такви кои го примаат исламот се малкумина. На молитва во петок во лондонска џамија со средна големина, бели Британци-муслимани може да се околу 1%, а во предградијата на Лондон воопшто ги нема. Сите муслимани навистина го знаат бројот на обратените во ислам. Постојат такви кои го примаат исламот заради брак со муслиман. Таквите Британци не доаѓаат во џамија и нивното примање на исламот е формално. Тие најчесто во очите на сите остануваат христијани. Меѓу таквите кои го примаат исламот заради брак, поголемиот број се жени. Освен тоа, многу потомци на муслимански имигранти се нарекуваат британци, иако се деца на пакистански доселеници. Нив не може да ги нарекуваме во вистинска смисла британски муслимани. Разговарав со многу жени, кои добиле развод од своите муслимански мажи, и можам да кажам дека според моето сеќавање, во Лондон имаше околу 25 британски жени, кои останаа муслиманки после разводот од муслиман. Но, по правило, мешаниот брак доведува до заминување од исламот. Мисијата на исламот на Запад не дава успех. Во Лондон постои мисионерска организација, која се бави со проповедање на исламот. Тоа воглавно се млади. Тие мисионеерат меѓу имигрантите-муслимани, затоа што таму има повеќе шанси за успех, бидејќи Британците не го примаат исламот.

Кога некои муслимани велат дека исламот е светска религија која најбрзо расте, лондонските имами одговараат дека тој раст е резултат на раѓањето (наталитетот), а никако на мисионерењето. За мене нема сомнеж дека христијанството е посилно во мисионерењето.

– Дали голем број муслимани во Велика Британија го примаат христијанството?

– Од една страна – навистина многу. Тоа се случува без некаква реклама (публицитет). Иако, според мислењето на повеќето исламски школи, отстапникот од исламот треба да биде казнет, имамите на главните лондонски џамии велат дека не смее да се казнува заради отстапување од исламот.

Од друга страна, може да се каже – малкумина, бидејќи поголемиот број муслимани ја напуштаат својата вера и стануваат атеисти (нерелигиозни). Атеизмот (нерелигиозноста) е болест која ги потиснува сите. Некои муслимани се обидуваат да го претстават атеизамот и безверието како особина на христијанската цивилизација, иако и самите муслимани, уште повеќе отколку христијаните, ја губат верата во Западниот свет. Во исто време постои одличен пример во Русија и другите православни земји, каде Црквата расте, без обзир на слободата на избор. Се надевам дека некогаш ќе ја посетам Русија, а сега ми претстои да го градам својот живот како православен христијанин.

Извор: Вистината ќе ве ослободи


About The Author