Беседа на Томина недела – Игумен Гаврил
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,
Во оваа прва неделата по Велигден, наречена Томина, светите отци определиле да се чита евангелието за Томиното неверие, како потврда на вистинитоста на Христовото воскресение. Ако Тома не ги допреше ребрата Негови и не ја ставеше десната рака во Неговите рани, ден денеска светот можеше да спекулира дали Христос воскреснал или не. Меѓутоа, Тома ги допре и поверува објавувајки „Господ мој и Бог мој“. Апостолите тоа го потврдија и заради тоа ние денеска сме утврдени во вистинитоста. Господ рекол, блажени се оние кои не виделе, а поверувале. Сепак, поблажени се оние кои виделе, допреле, почуствувале и поверувале. Христовото воскресение Светите Отци, тоа го нарекуваат блажено Томино неверие. Зошто мислиме така?
Ние не треба да го потценуваме овој свет апостол и да го нарекуваме „неверен“, туку напротив, треба да го величаме и да го славиме како пример на подвиг што треба да го следиме. Тома, не дека не верувал во воскресението Христово, но заради својата збунетост и од претпазливост, затоа што многумина во тоа време измислувале разно разни приказни, тој посакал да Го допре Христос и лично да се увери во Него. Но најмногу заради својата неопислива љубов и ревност кон својот учител. Не сакал да слуша од друг (од неговите пријатели), туку лично да го види и дури да се допре до Него. Се чувствувал хендикипиран, бидејќи кога апостолите Го виделе, тој не Го видел и како да сакал со нешто да го „предизвика“ за пак да дојде и тој да го види.
Во црковно-словенскиот јазик има еден збор кој што со реформата на современиот македонскиот јазик е исфрлен и сега го нема. Тој збор е „дерзновение“. Најблизок збор кој што го објаснува во современиот македонски јазик е „смелост“, „дрскост“, „слобода“ ,, меѓутоа тоа не е најосодветно објаснување на значението на зборот. Дерзновение е сето тоа, но и повеќе од тоа. Дерзновение значи смирена смелост, истовремено храброст и слобода заради Божјата милост и нашата блискост со Него. Тој се дерзнал да Го предизвика Христос за повторно да дојде и да му се открие и нему. И се разбира, Христос бидејки безмерно ги сака сите, а посебно оние кои Него го сакаат и го бараат, му се открил и му дозволил да се допре до Неговите свети рани. Тома е единствениот кој се допрел до Христос по Неговото воскресение.
Примерот на св. Ап. Тома, треба и ние да го практикуваме. Треба да веруваме во сите зборови кои свештениците, епископите, монасите и духовниците ги проповедаат, меѓутоа сето тоа треба да се трудиме во пракса, емпириски, (искуствено) да го спознаеме и со тоа го потврдиме. Да не се задоволуваме само од кажанот, туку и ние како св. Ап. Тома да го „предизвикаме“ Христос за тој да ни се открие и ние лично го доприме. Да го гушниме, да го имаме постојано и да не го испуштаме повеќе. Тоа можеме да го направиме само во очистеното срце.
Светите Отци пишуваат дека пред се, има две основни начела во духовен живот: пракса и теорија. Праксата и теоријата се секогаш поврзани и едната ја раѓа другата. Праксата и Теоријата мора да бидат Православни за правилно да ја спознаваат и изразуваат Вистината, оттука е и терминот Православие, односно правилно исповедување, право славење на едната и единствена вера во Бог и право практикување на таа вера, (ортодоксија и ортопраксија). Правилниот подвиг во очистувањето на срцето преку исполнување на Божјите заповеди и Евангелските повеленија раѓа правилно познание на Бог и Неговно правилно исповедување и почитување.
Врата за влез во Црквата е основен услов за да го познаеме Него, да се допреме до Него и го наследиме животот вечен е да се крстиме. Еден е Бог, а со тоа една е и Црквата, која е тело Христово, а чија глава е Исус Христос. Не постои една глава со две тела, и обратно, нема едно тело со две глави. Тоа е ненормално. Според тоа една е вистинската Црква. Црквата која Исус Христос, со Својата крв ја основал, натемелена е на верата на апостолите, со крвта на светите маченици запечатена, а со учењето на св. Отци формулирана. Светата Црква е единственото место каде што реално можеме да го допреме Бог. Тоа најпрво се прави со светата тајна крштение. Со трикратното потопување во името на Отецот и Синот и Светиот Дух и потоа со помазувањето со мирото за даровите на Светиот Дух, ние се соединуваме и „облекуваме“ во Бог. Единствен услов за крштевањето е да се верува и Православно да се исповеда таа вера во Бог, затоа и крштевањето е едно и тоа мора правилно да се изврши. Оној кој Православно не ја исповеда верата тој не е ни крстен. Според св. Василиј Велики и каноните на Православната Црква , на секој оној кој правилно не ја исповеда догмата на Света Троица, не треба да им се признаваат Светите Тајни како вистински. Во Симболот на верата прифаќаме едно крштение, па следствено на тоа, сите оние кои не исповедуваат Православна вера или не се крстени Православно, треба да се крстат правилно во името на Отецот, Синот и Светиот Дух, во едната света, соборна и апостолска Црква.
Догмите се богооткриени вистини. Бог преку светите луѓе зборува за Самиот Себе и Неговите тајни. Тие се вечни и неменливи вистини и секој кој не ги почитува или ги изменува и додава некои нови, тој е еретик и надвор од Црквата. Таквиот треба да се покае за повторно да влезе во единство со едната, света, соборна Црква. Ако ги практикуваме и почитуваме догматите на Црквата, тоа значи дека сме во вистината и вистината ќе не ослободи и во животот ќе ни биде светло. А ако почнеме да ги отфрламе и да се сомневаме во нив, или да измислуваме некои други догми тогаш нашиот ум е помрачен од демонот, духот на темнината и ние сме негови слуги. Затоа треба да се трудиме со сета своја одговорност да ги почитуваме догмите на светата Црква бидејки тие потекнуваат од единствениот Бог.
Исто така и каноните, кои произлегуваат од догмите треба дословно да ги практикуваме. Ниеден канон, не е измислен туку така, без причина и потекло. Секој канон (правило) потекнува од соодветна догма или пракса во Православната Црква. Канон значи правило или закон во Црквата. Каноните ни се дадени како ориентир, правило по кое треба да се раководиме за да не отпаднеме од Црквата. Не може и на ниеден начин не е оправдано ако сакаме самостојно да ги толкуваме, менуваме или отврламе каноните на Православната Црква. Таквите кои ја порекнуваат важността на каноние и ги одекуваат самите себе се отстрануваат од Црквата. И таквите треба да се покајат за да се вратат повторно во Црквата. Под никој основ не треба да се измислуваат изговори дека тоа било во минатото, а сега не е така, само со цел да ги задоволат своите страсти, па да живеат раскалашано и развратно. Меѓутоа, повторно ќе се вратиме на фактот дека, Бог е еден, една е Црквата, едно е исповедувањето на верата и според тоа и едно е практикувањето на верата преку светите канони. Тие може да се формулираат на поинаков начин, но не треба да се менуваат и отфрлуваат во суштина.
Покрај православното исповедување на верата, треба да имаме и православно живеење, православна практика на православната вера. Ако ние не ја практикуваме верата каква што е, тогаш се заблудуваме и сме надвор од патот и вистината. Тогаш почнуваме и да ја менуваме верата и прилагодуваме според нас и нашите страсти, па ќе почнеме да ги испревртуваме Евангелските зборови, давајки им друго значение. Ќе почнеме да ги менуваме догмите на верата, а за светите канони ќе велиме дека се непотребни и невозможни во ова наше „современо“ време. Тогаш само формално ќе се нарекуваме Православни, а според нашиот живот ќе бидеме далеку од Православието, односно, неправославни. Православната пракса пред се е да Го исповедаме и возљубиме Господа со сето свое срце, со сиот свој ум и сиот свој разум и да го возљубиме својот ближен како самите себе. На овие два закона, кој всушност е еден, се базираат сите Божји заповеди, десетте Божји заповеди, каноните на Црквата, правилата итн. На тој начин практикувајќи ги заповедите Божји, живеејки добродетелен свето-таински живот во Црквата ние учествуваме во Божествениот живот, во Божјата природа, односно во Божјите енергии и заедничариме со Бога, Го познаваме Бога.
Покрај исполнувањето на Божјите заповеди, односно добродетелите, потребно е и практикувањето на непрестајна молитва. Молитвата е заедница и разговор на човекот со Бога. Кога човекот разговара со Бог и го призива Неговото име тогаш тој е и со Бог, зашто таму кадешто е името, таму е тој кого го призиваме. На тој начин заедничариме, Бог е во нас и ние сме во Бога и носиме одговорност за нашето живеење. Како можеме да тврдиме дека разговараме и заедничариме со Бога, а да мислиме на разни глупости, и да вршиме недолични дела. Тоа е невозможно. Ако непрестајно го изговараме, призиваме, името Божјо „Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот“ тогаш и непрстајно нашиот ум ќе е со и во Бога и ќе се заштитеме од секакво ѓаволско влијание. Затоа е потребно заради нашата сигурност, а и од љубов кон Бога, непрестајно да се молиме. Бог прв не возљуби, дури и Својот единороден Син го даде за нас и нашето спасение, тогаш и ние треба да Го возљубиме Господа со сето свое срце, сиот свој ум и сиот свој разум и на тој начин стануваме и учесници во Божествениот живот и наследници на вечното царство, и тоа уште сега и овде. Не да го чекаме, туку уште сега и овде да го прифатиме.
Поради нашите слабости, сите ние грешиме, а бидејќи Бог е Љубов, го дал покајанието и исповедта, за повторно враќање и присоединување кон таа заедница со Него. Покајанието и исповедта се исто така едни од средствата со кои го допираме Бог. Покајанието и исповедта е враќање од грешниот пат, од грешното заедништво со демоните на темнината, кон Бога, кон вистината, љубовта и вечниот живот. На тој начин ние повторно се допираме до Бога. Откако неразумно сме се одделиле од Бог, сега како разумни се каеме и враќаме кон Него. Не треба да бидеме како свињите откако се искапат, и валкаме во калта, повторноа се враќат, туку треба разумно да застанеме и цврсто да се држиме за Христос. Да не дозволиме ниедно искушение, ниеден ветар, ниедна соблазна, ниедно учење надвор од Црквата или световен закон, или световно задоволство и понуда да не оттргне од вистината Божја, односно од покајанието, љубовта и молитвата.
И најсигурно од се е светата Причест. Ако не се причестуваме, Господ Исус Христос рекол дека нема да имаме живот вечен. Затоа секој којшто го јаде Телото Негово и ја пие Крвта Негова, тој ќе има живот вечен и Бог е во него и тој е во Бога. Преку причеста живеејки достојно за да ги примиме светите тајни ние најреално се допираме и соединуваме со Бог. Тогаш, на тој начин се образуваме. Полека полека со подвиг, преку духовното раководство на опитен духовен отец, преку послушанието и довербата во него, се чисти нашата енергија во нашето извалкано и острастено срце, а тоа е енергијата на умот, и лека полека Го осмислуваме, односно Го примаме Христос во нашите срца и Го познаваме и се држиме до Него, и тогаш јасно и гласно ќе може да речеме, како апостол Тома: Господ мој и Бог мој.
Браќа и сестри, да му заблагодариме на св. апостол Тома за неговиот карактер, што дозволил и ние денеска да се радуваме заедно со него и да веруваме во неговото православно исповедување на Бог и да живееме според Евангелието Христово и затоа блажени се оние кои не виделе, а поверувале. Сепак, поблажени се оние кои виделе, допреле, почуствувале и поверувале…
Амин.