// Google analytics code

Беседа за свети Николај Мир Ликијски – патот на блаженствата

10_1p_13v_vizant_sinay-418x600

 ~+~

Денес го славиме споменот на големиот чудотворец на светата Православна Црква, светиот Николај Архиепископ Мир Ликијски. Свети Николај е еден од најголемите светители и најголемите луѓе родени во историјата на човештвото.

Кога зборуваме за светиот отец наш Николај,  треба да си поставиме и неколку прашања поврзани со неговиот живот, користни за нас. Како тој го достигнал тоа достоинство и дали само нему или на сите ни е зададено и овозможено тоа? И зошто не сите ја достигнуваат состојбата на светост?

Главниот одговорот е во изборот на начинот на живеење.

Блаженствата што ние денес ги прочитавме во Евангелието, кое што се чита за преподобни, ја покажуваат патеката од образот до подобието Божјо: “Блажени сте вие, сиромашните, зашто ваше е Царството Божјо!

Блажени сте вие што сега гладувате, оти ќе се наситите!

Блажени сте вие, кои сега плачете, оти ќе се насмеете!

Блажени ќе бидете, кога ќе ве намразат луѓето, и ќе ве одделат и похулат, и го исфрлат името ваше како лошо, заради Синот Човечки!

Зарадувајте се во оној ден и развеселете се, оти голема е наградата ваша на небесата. Зашто така постапуваа со пророците и нивните татковци!‘“ (Лука 6, 17–23).

Бог ни покажал како треба, и ни ветил што добиваме за возврат, изборот е на нас. Свети Николај го избрал тој пат и стигнал до зададената цел, а Бог си го исполнил ветувањето.

Тој, иако богат, самиот се смирил и осиромашил и своето богатство, што го имал, не го чувал или трошел за себе, туку го раздавал на оние кои што имале потреба од тоа. По смртта на родителите, свети Николај наследил големо богатство и за себе ништо не задржал. Се` раздал на сиромаси. Иако, заради смирението, ги криел своите добродетели, Бог, давајки му ја Својата благодат го прославил и многу се прочул со делата на своeтo милосpдиe.

Но, тој, не само што осиромашил матреријално, туку пред се осиромашил со духот, односно станал смирен по срце и ум. Не горд и суетен, користејќи авторитетот и достоинство на славата што ја имал, туку  тоа достоинство и слава тој му го предал на Бога.

Самиот бивајки простодушен, смирен, кроток, достапен за сите помагајки им на луѓето, Бог му го умножил дарот на Светиот Дух, правејки го жител на рајот уште сега и овде.

Гладен и жеден за правдата Божја, за царството Божјо, свети Николај уште од млади години, се посветил на монашки испоснички живот. Живот на служење на Црквата, односно на Бога и на луѓето. Исто така неговата моќ како Епископ, (во тоа време Епископите биле први луѓе во заедницата и имале власт да одлучуваaт за поединци и за заедницата, да казнуваат и да разрешуваат), тој таа негова власт не ја користел или поточно не ја злоупотребил како началниците во денешното време, туку ја посветил да ги заштитува и застапува луѓето. Познат е примерот кога заради негово инсистирање двапати спасил по тројца луѓе од незаслужена смртна казна.

И покрај тоа, што бил добар и праведен, бил гонет и многу страдал заради Христос. Но не се откажал од подвигот христијански да ги љуби и непријателите. Свети Николај бил вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан кога бил затворен, во затворот ги поучувал луѓето на законот Божји.

За верата бил непоколеблив и истраен. На Првиот Вселенски Собор во Никеја од голема ревност за вистината го удрил еретикот Ариј. За ова дело го отстраниле од Соборот и го разрешиле од архиерејската служба. Меѓутоа Бог ги застапува тие што го застапуваат Него, па на неколкумина од првите архиереи на Соборот им се јавиле Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица, објавувајки им дека го оправдуваaт свети Николаj и им рекле да го вратат повторно на предходното архиерејско достоинство.

Свети Николаj никогаш не се жалел, туку постојано се трудел и работeл на нивата Божја. Безбројни се чудеста, кои под негово закрилништво, дури и по неговата смрт, до ден денеска се случуваат. Тој никогаш не одморил и затоа Бог го удостоил со толку голема слава, чест и достоинство, та дури и после толку векови од неговото живеење на земјата, се повеќе и повеќе е славен и прославуван.

Милостив, вистинољубив и праведен, како ангел Божји меѓу луѓето, уште за време на животот луѓето го сметале за светител и го повикувале на помош во маки и неволји,a свети Николаj им се јавувал во сон и на јаве на тие што го повикувале, еднакво лесно, дали се блиску или далеку, и им помагал. Така изгледа делото на љубовта.

Како чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител бил одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. Со неговиот живот, свети Николај постанува правило на верата и образ на светоста со што ни го покажува и нам патот по кој се стигнува до светоста, односно патот од образот до подобието Божјо. А тоа е живот посветен во исполнување на Евангелието, во исполнување на Божјите заповеди и љубовта пред се. Да се љуби Бога со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и разум и ближниот како самиот себе. Свети Никола, го љубел ближниот дури повеќе и од себе. Сето своето време едноставно го посветувал на Бога и го жртвувал за луѓето.

На прашањето дали некој е избран или на секој му е дадено да може да стане светител, ќе одговориме во името на љубовта и слободата. Бог е љубов и слобода. За Бог сите се исти и сите подеднакво ги љуби и на секој му дава слобода. Тој не ги избира и не ги дели луѓето, ама ги познава уште од мајчината утроба, а луѓето во својата дарувана слобода можат да го изберат Бога. Тие можат да се оддалечат или да се приближат до Бога. Бог на сите подеднакво им дал потенцијал, на секој еден му го дал Неговиот образ и на секој еден му го задал Неговото подобие. Се` ни овозможил, особено на нас Православните Христијани преку Светата Тајна Крштение ни го дал дарот на полнотата на Светиот Дух, за да го следиме и да ги исполнуваме Божјите заповеди во целост со што ни овозможува и ние да станеме подобни на Него, односно да станеме светители.

Меѓутоа ако љубовта и добродејствието од една страна го направиле Николај да биде свет, од друга страна себељубието, себичноста, гневот, омразата, мрзливоста, служењето на светот и на страстите, не` направиле  нас да бидеме несвети. Но не е се` загубено и никогаш не е доцна. Секој ден е нов ден, и секој ден е нова можност да се обратиме од лежарноста, од зачмаеноста, од заробеноста, од темнината и да се свртиме кон слободата и светлината.

Треба да ја почувствуваме празнината во себе и залудно потрошеното време и да заплачeме. Да си ги исповедаме своите гревови и грешки, за да се ослободеме од нив. Нема друг начин на разрешување и ослободување освен преку покајание и исповед. Тие грешки и гревови се всушност нашата кочница, нашите окови на патот Божји, и затоа е разумно да се бориме за нашето ослободување.

Затоа, да се огледаме на овој голем светител и да појдеме по патот на искачување по скалилата на блаженствата. Да го очистиме образот и да достигнеме подобието Божјо, та и ние заедно со Свети Николај да се радуваме во славата Божја која што Бог ни ја ветил, Амин.

 

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

19 / 12 / 2021


About The Author