Беседа за постот и молитвата – Свети Григориј Палама
Вистината и цврстата вера, усогласени и едномислени со нашите богоносни Отци, претставуваат крајна цел на Божествените догми, на истрајната работа на нив и созерцанието. Меѓутоа, за дејствувачката добродетел тоа не претставува крај, дури може да се рече дека тоа е нејзиниот почеток, која ако не се спои со крајот кој ѝ соодветствува, ќе биде причина за уште поголема осуда за оној, кој ја привлекол кон себе, бидејќи е речено: А оној слуга, кој ја знае волјата на својот господар и не се подготвил и не постапил според неговата волја, ќе биде многу биен (Лука 12, 47). Така, за добродетелта која дејствува не е доволно знењето за неа и за вистината, туку стореното добро е тоа, кое го претставува нејзиниот крај.
Според тоа, кога ќе видиме луѓе кои се непоколебливи во доброто кое го познаваме, кои го претвораат во дело и по патот на делата стануваат добри, не допуштајќи никаква отстапка од правилното верување кое го носат во душата, со правилни постапки, целомудреност, воздржување и слични работи, за таквите нема многу да зборуваме. Кому не му е познато дека секоја од овие добродетели, а посебно животот во воздржание, кои, како што сите знаеме од личното искуство, им носат голема корист на душата и телото. Меѓутоа, ова многу го знаат, и тоа многу добро, но острастеноста и гневот ја надвладуваат нивната добра волја, како што вели апостолот: но во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме прави заробеник на гревовниот закон, кој е во моите органи (Рим. 7, 23). Затоа браќа, ние вас постојано ве советуваме за да ве исправиме и без скршнувања и со правилно размислување да се зафатите со вршење на добри дела и така со нивно познание да додадете и добар крај. Здрав разум, вели Давид, имаат сите кои според мудроста постапуваат (Псал. 110, 10), и: правдата Негова е од синовите на синовите, кои го чуваат Неговиот завет и ги помнат Неговите заповеди, за да ги исполнуваат (Псал. 102, 18). Павле, повторно, вели: пред Бога не се праведни оние, што го слушаат законот, туку ќе бидат оправдани само оние, што го исполнуваат законот (Рим 2, 13). Господ, пак, на двајцата им вели: Кога го знаете ова, блажени сте, ако го извршувате (Јован 13, 17).
Браќа, да дојдеме со посредство на прекрасни дела до даровите на постот и добрите дарови на воздржанието; со добрите дела да ја потврдиме својата добра волја кон нив (постот и воздржанието). На дело да покажеме какви плодови донесуваат тие, бидејќи дрвото по плодот се познава. Меѓутоа, земјоделецот што се труди, прв треба да вкуси од плодот. Разбери што зборувам (2. Тим. 2, 6-7), вели апостолот. Така секоја добродетел ги чисти и украсува или душата, или телото, поточно кажано – само некој дел од душата или телото. Да речеме, молитвата и знаењето го украсуваат и чистат умот, кроткоста го зауздува гневот, целомудреноста (чистотата) ја гаси лакомоста. Постот и воздржувањето го смируваат бунтот на телото, лудоста на гневот и ја смируваат страсната желба, создавајќи во умот чисто и ведро небо без ниту едено облаче и ја чистат душата од испарувањата кои се јавуваат како резултат на прејадувањето и затемнувањето кое оттаму доаѓа. Благодарејќи на постот и воздржанието, надворешниот човек копнее, а во согласност со тоа колку тој копнее, внатрешниот човек се обновува, ако што вели аостолот. Некој кажал дека преполниот желудник не раѓа истенчен ум; според тоа, сразмерно на тоа колку човекот станува истенчен со помош на постот и воздржанието, толку истенчен (просветлен) станува и неговиот ум.
На тој начин, сѐ што е прекрасно и добро, успешно се доведува до крај и завршува. Постот и воздржанието се двојни ѕидини, и оној, кој живее внатре во нив се насладува со големо спокојство, како да се наоѓа во Ерусалим, бидејќи Ерусалим во превод значи мир. И еве, во освојувачки поход под овие ѕидини стигнува „архи – готвачот“ на вавилонскиот кнез! Таму, каде што ќе забележи дека ѕидините внатрешно не се беспрекорно заштитени, навалува и ги руши со илузиите на готварските вештини, како со борбени машини за пробивање.
Оние, пак, кои се наоѓаат во овие ѕидини, не само што ги презираат разновидните јадења, туку, за да заштедат, сами си месат леб. Поточно кажано, тие, благодарејќи единствено на воздржанието, ги спушиле мадијамските шатори. Токму тоа го изобразува расказот за Гедеон: Сонив дека еден тркалезен јачменов леб се тркала по медијамскиот логор (Суд. 7, 13). Лебот од јачмен ја претставува скромноста и воздржувањето на оние, кои војувале заедно со Гедеон дури и во поглед на неопходното јадење. И, откако се отркала до шаторот, удри во него така, што тој падна, го собори, и шаторот се растури, се вели во продолжението. Медијамскиот шатор, соборен од јачменовиот леб (според нас) ја претставува големата желба на грлото и стомакот чии гневни побарувања ги отсекува постот и скромната трпеза. Оној сакан човек, Данило, не само што со тесто го убил змејот, господ на оние, кои бог им е стомакот, туку, не вкусувајќи го посакуваниот леб и не пиејќи вино во текот на многу недели, имал нови веденија и бил удостоен со архангелско надгледување.
Така постапил Данило. Напротив, незаситниот и неблагодарен народ велел: Кој ќе не нахрани со месо (4. Мој. 11, 4)? Меѓутоа, толку се наситиле со месо што од нос им излегло, заболеле од лоша болест. И се разгоре, вели, гневот Господов против народот, и Господ го порази народот со голем пораз. „Гробовите на алчноста (лакомоста и сластољубието)“ за кои се зборува на тоа место (4. Мој. 11, 33-34) го означуваат споменикот на Божјиот гнев над тие луѓе. Гледајќи на овој споменик, да бегаме од стомакоугодувањето и да го прегрнеме воздржувањето, да ги засакаме овие денови на постот, бидејќи тие придонесуваат телото да ѝ биде послушно на душата и го просветлуваат умот, поради што тој брзо се вознесува кон Бога. Јован, Претечата на благодатта, во текот на целиот живот се хранел со скакулци и див мед. Петар употребувал само солени маслинки, грав и овошје. Што, пак, можеме да речеме за Павле, кој вели: Во труд и мака… во многу постење (2. Кор. 11, 27)?
Периодот на четириесетдневниот пост не го опфаќа целиот твој живот. Освен тоа, од ден во ден заоѓањето на сонцето го ограничува твојот пост. О, зар не им е лесно на сите, зар сите не се способни за ова воздржување од храна?! Оброците нека бидат во согласност со постот, за ни оној, кој умерено се воздржува од храна и умерено јаде да не биде многу позади оној, кој гладува. Ти, можеби, се грижиш за телото и го избегнуваш постот мислејќи дека тој те исцрпува? Напротив! Токму прејадувањето предизвикува болки во коските, главоболка и други болести додека постот е мајка на здравјето. Покрај тоа, против своето тело не греши само блудниот, туку и ненаситниот, бидејќи го прави телото слабо и болно.
Бидејќи невоздржанието се пројавува низ сите сетила, тогаш на сите нив ќе им наложиме воздржание. Ако постиш во поглед на храната, а очите те наведуваат на прељуба во скриените одаи на душата, на радозналост и на клевета, ако ушите те наведуваат да слушаш навреди, лоши песни и злобни дошепнувања, ако и со останатите сетила се изложуваш на работи кои ти штетат на нивен својствен начин, тогаш каква е користа од постот? Се разбира, никаква! Ти, на пример, бегаш од едно зло, но со посредство на сетилата отвораш влез за оние другите. Ние сме составени од душа и тело; ние, значи, немаме само тело, туку и душа која се состои од повеќе делови (бидејќи таа има хранителен, желбен, волев и разумен дел). Заради тоа, вистински е само оној пост кој се однесува на сите, кој сѐ чисти и сѐ исцелува. Исцелувањето на душата со постот е слатко и човекољубиво, поради што нашите Отци заради нас и го воспоставиле во овие денови.
Значи, ако неразумно се однесуваме кон постот, нѐ очекуваат пеколни маки, отсекување и горење, бидејќи Христос неисцелените ќе ги отсече и предаде во неугасливиот оган на вечна казна. И како што некогаш не сме постеле во Рајот, па сме биле протерани во овој многустрадален живот, така и сега, ако не постиме и ако, согласно своите сили, не живееме во воздржание, ќе бидеме фрлени во неугаслив и неподнослив пекол.
Вратете се деца-отстапници, вели Господ (Јерем. 3, 14)! Ништо потполно не содејствува со Божјата милост кон преобразените како постот, на што не учи овој пример на преобразените Ниниевци. Ништо, пак, така не ги умртвува како стомагоугодувањето, а тоа го покажува Оној, Кој зборува за преобразување на блудниот син: овој мој сим мртов беше и оживе изгубен беше и се најде (Лука 15, 24). Блудниот син одбра свински живот, се насладуваше со свинска кал, изедначувајќи се со свињите и заличувајќи на нив, соблекувајќи го од себе Божјото подобие. Големиот Јов вели дека тој се уподобил на само на животните, туку и на потполно нечувствителната мочуришна билка, на дивите треви, папирус и трска, меѓу кои живее левијскиот сештојад. Давид оваа влага ја прогонил така што живеел во воздржание, поради што и вели: Силата моја се исуши како цреп… а коските мои се исушија како суварки… колената ми се изнемоштија од пост, а телото мое поради недостиг од масло (Псал. 21, 15; 101, 3; 108, 24). Променувајќи се самиот себеси, ја измени и „Божјата десница“ (Божјата одлука за него) и целиот Му се предаде Нему, во сѐ гледајќи Го пред себе и имајќи Го пред себе дури и во помислите на срцето.
Љубени, ова и ние ќе го правиме, и не само што ќе го оддалечиме од себе размазениот и разнежнетиот начин на живот, туку нашиот пост, молитвата и псалмопеењето ќе ги извршуваме како да е тука присутен и како да нѐ надгледува Самиот Бог. Така ќе знаеме дека ниту постот, ниту псалмопеењето, ни молитвата не можат да нѐ спасат сами од себе, туку дека нѐ спасуваат кога ги извршуваме пред Божјите очи. И како што сонцето ги грее оние, кои ги осветлува, така и Божјите очи нас нѐ осветуваат кога нѐ гледаат.
Сѐ ова, пак, го извршуваме пред Божјите очи тогаш, кога умот внимателно Го набљудува Него и кога, гледајќи на Него, постиме, пееме псалми и се молиме. Меѓутоа, ако во текот на молитвата и псалмопеењето умот понекогаш ни се вознесува кон Бога, а понекогаш е расејан, тоа значи дека сѐ уште потполно не сме се предале на Бога и дека целта на она, што го правиме не е само и единствено Божјиот закон. Значи, во онаа мера во која отстапуваме од од праведните дела, во таа мера не можеме да опстанеме пред Божјите очи, како што е речено: беззакониците нема да излезат пред Твоите очи (Псал. 5, 5). Ние, кои лежиме во рани, Го повикуваме Господ, Кој може да стави лек и завои на нашите рани.
Ве молам да не си дозволиме да се предадеме, и со постот, молитвите, солзите и на секој друг начин, да Го повикуваме сѐ додека не ни се приближи и додека не нѐ исцели. Да покажеме и со дела дека сме толку богати, така што за Младоженец Го имаме Христос, Кој со надеж Го очекуваме, иако сега е далеку од нас и се крие на Небесата. Но, ќе дојдат дни кога младоженецот ќе се оттргне од нив, па тогаш и тие ќе постат (Мат. 9, 15). Оттука е очигледно дека оние, кои Христос ги повикува мораат цел живот да го поминат во воздржание и во пост, очекувајќи Го во добра надеж, Неговото страшно Второ доаѓање.
Сите ние да се удостоиме со овој блажен и бесмртен живот, со благодатта и човекољубието на Господ наш Исус Христос, Кому Му доликува секоја слава, чест и поклонение, со беспочетниот Негов Отец и пресветиот и благ и живототворен Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.