// Google analytics code

Беседа за Педесетница – Отец Гаврил (Галев)

IMG_2814~+~

Во Името на Отецот и Синот и Светиот Дух

Денес е Педесетница – слегувањето на Светиот Дух врз апостолите – Духовден, објавувањето на Света Троица, празникот на самата црквата Божја. На овој ден кога светите Апостоли беа собрани еднодушно во горницата во Ерусалим, чекајќи го ветувањето на утешителот Светиот Дух, Бог ја основа Црквата.

Како што е голем празникот на Богојавлението, Воскресението, Преобрежанието и Вознесението, така е голем и овој празник на Светата Троица – слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите.  Aко не се случеше, тогаш сите овие настани од животот на Богочовекот Исус Христос, ќе немаа ефект. Со слегувањето на Светиот Дух се дава печат на нив и тие добиваат свој завршеток (ефект), а со тоа се завршува и домострој за спасението на човекот од Словото Божјо, Богочовекот Исус Христос, а продолжува Светиот Дух во Црквата и со тоа се објавува целата Света Троица. Затоа денес е и Негов ден, ден Божји и ден на Црквата.

На овој ден, според предскажаното од Самиот Господ Исус Христос на педесет дена, педесетница, од Воскресението Христовo и десет дена по Неговото Вознесение на небесата, во вид на огнени јазици беше испратен Светиот Дух. На тој начин Бог го исполни Своето ветување , комплетирајќи го Домостројот на спасението за човекот и сега останува на самиот човек, со помош на благодатта Божја, да се потруди и да се избори за животот вечен кој е Царството Небесно внатре во нас.

Животот е да бидеме во заeдница со изворот на животот, а тоа е единствениот жив Бог, Света Троица. Таа заедница единствено ја остваруваме ако останеме во Неговите заповеди, во Неговата Црква. Ние сме творенија Божји, а исполнувањето на Божјите заповеди не упатуваат како да одиме по патот Божји и да ја одржуваме заедницата со Него. На тој начин ние всушност се уподобуваме на Христос, и на тој начин овој свет празник добива свое остварување за нас.

Со слегувањето на Светиот Дух во собранието на Црквата ни се овозможи повторно да бидеме учесници во севкупниот Светотроичен Домострој на нашето спасение преку нашето заедничарење на светата Литургија и учеството во Ефхаристијата. А сето тоа ни е дадено единствено во Црквата.

Една од најзначајните придобивки од овој празник е дарот на светата Ефхаристија, причестувањето со Тело и Крв Христова, преку што се идентификуваме како Црква. Не постои Црква надвор од светата Литургија, односно Ефхаристија, ниту Ефхаристија надвор од Црквата. Не постои ни побожен живот надвор од Литургијата и Црквата и затоа светите отци ќе кажат дека надвор од Црквата нема спасение. Затоа е толку битен овој настан.

Во кондакот на празникот пееме:

“Кога Севишниот слезе и ги измеша јазиците, тогаш ги раздели народите; а кога ги разделуваше огнените јазици, сите луѓе ги повика во единство, и сите заедно го славиме Сесветиот Дух.”

Значи, кога луѓето се возгордеале, Бог им ги смешал јазиците, ги поделил и настанале народите (нациите). На овој празник пак се случило обратното, кога луѓето се смириле и биле “заедно и еднодушни” тогаш од многуте народи Господ ги соедини и направи еден народ, христијански.

Секогаш кога ќе презираме, осудуваме, мразиме и во што да е, го повредуваме братот свој , живееме во несогласување и неединство, тогаш ние го живееме Стариот Завет и немаме ништо со Светиот Дух. Светиот Дух не учи на поинаков живот во поинаква заедница, сите да живееме еден за друг, заедно и еднодушно, како еден човек. Затоа да се сакаме еден со друг и да нема никакви поделби, на никаква основа, и со тоа ќе ги исполниме и Божјите заповеди и со тоа ќе го живееме животот на Црквата Божја.

Бог во Црквата ја истури сета Своја полнота на благодат и ни даде шанса повторно да постанеме синови Божји и да го наследиме вечниот живот. Крштението е наша лична Педесетница кога ја добиваме полнотата на благодат на Светиот Дух и тоа е наш почеток, раѓање во Црквата за живот вечен.

Животот во црквата е живот во полнота и радост. Сите ние се бориме за трошка радост. Се бориме за трошка задоволство и на некој начин, остварувајки си ги сопствените  желби и страсти, ние го добиваме тоа задоволство. Меѓутоа, тоа  задоволство е привремено и лажно кое подоцна се претвора во празнина и болка, а ние стануваме робови. Задоволството и радоста што Господ ни ја дава преку заедницата со Светиот Дух е неизмерна, и таа заедница не ослободува и е вечна.

Да живееме живот во смирение и трпение, да се сакаме еден со друг, да не се повредуваме, да не се наметнуваме еден над друг, да не се покажуваме кој е поголем, попаметен, посилен, по учен … зашто сето тоа е духот на гордоста и го оддалечува Светиот Дух од нас. Туку да се покажуваме во своето смирение и љубов служејќи си еден на друг. Оној кој што најмногу љуби, тој и најмногу се смирува. Имено, нема поголема љубов од таа да го положиш својот живот за братот свој. Тоа е големината на човештвото, еден на друг да си служиме, еден со друг да се сакаме и тогаш Светиот Дух ќе дојде и во нас лично, и меѓу нас.

Бог го благослови овој ден, за да може неговиот Свет Дух да слезе и врз нас и во нас и меѓу нас и да го живееме неговиот живот во вечни векови, АМИН.


About The Author