Беседа за Неделата по Воздвижение на Чесниот Крст – Отец Гаврил Галев
~+~
Во неделата по Воздвижението на чесниот крст, повторно главна тема е за крстот и неговото духовно значение.
Заради гревот, во светот дојдоа страданијата и смртта, кои постануваат општ проблем за човештвото. И страдањето и смртта не можат на поинаков начин да се разрешат освен преку страданието и смртта, затоа Богочовекот Исус Христос пострада на крстот и претрпи смрт.
Гревот настанува заради нашето одрекување од Бога, свртување кон себе, односно кон материјалното, кон насладите од овој свет, кон страстите и грешниот живот. И повторно, нашето враќање кон Бога мора да биде на истиот начин, отфрлање од гревот, од овој свет и од насладите во него и повторно прифаќање на Христос.
А тоа прифаќање на може да биде на никој друг начин, освен преку носење на својот крст како што Христос го понесе Неговиот крст, кој што не е всушност Негов, затоа што Тој ништо лошо на земјата не стори. Тој не знаеше за грев, туку Тој го понесе Неговиот крст заради нас. Да не откупи од гревот, од сатаната и од смртта. Заради тоа што Тој немаше грев, Него адот и смртта не можеа да го задржат. Христос умре и воскресна и го отвори патот за нас, за нас грешните, да се избавиме од гревот, страданието и смртта.
И ако ние на тој начин живееме, односно го усогласиме нашиот живот според Христовиот, живеејќи Христоцентрично, бивајќи ни Христос центарот во нашиот живот, тогаш и секое страдание што ни доаѓа, секоја мака, секое искушение ќе има смисла и ќе го прифатиме како дар Божји за нашето спасение.
Душата е поскапа од цел свет. Една лична, една единствена душа, мојата, твојата, вашата, поскапа е од целото богатство на целиот свет. Затоа од се најмногу на овој свет треба да се грижиме за нашата душа. Зашто и се да придобиеме, ако на својата душа и згрешиме, не вреди ништо. Заради тоа, се во животот треба да устроиме за да ја чистиме нашата душа, односно нашето срце и да го вподобуваме нашиот живот според Христовиот.
Тоа вподобување се постигнува со послушание кон Духовниот Отец и Црквата. Преку исполнувањето на Божјите заповеди и преданието на Црквата, живеејќи светотаински, аскетско-исихастички живот во пост, молитва, исповед, причест итн. На тој начин ќе го здобиваме царството небесно сега и овде и тоа се тие што нема да вкусат смрт додека не дојде царството Божјо, за кои што говори Христос во Евангелието.
Царството Божјо не е некаде, туку тука меѓу нас, односно поточно во нас, во нашето срце. Ние само треба да ја отвориме вратата на нашето срце за да тоа царство небесно се всели во нашите срца. Затоа и велиме на Литургијата: “Горе да ги имаме срцата”, и одговараме: “Ги имаме срцата пред Бога.” Е сега прашање е колку точно ги имаме, и дали не го лажеме Христос со тоа што се занимаваме со земни работи.
За жал, навистина, нашиот живот го поминуваме во негово трошење, во трошење на нашата енергија, на нашето време за непотребни работи и за работи кои што ни се на наша штета. Затоа Господ вели овде дека треба да се откажеме од себе, да го земеме својот крст и да врвиме по Него, да умреме за себе. Тоа е умирање за себе, односно умирање за грешниот човек, кој се вселил во нас и кој станал наша втора природа, односно неприродна природа.
Ние сме создадени слични на Христос и ние сме оние кои што треба да напредуваме во духовниот живот за таа сличност да биде уште поголема со Него, затоа и Христос дошол на земјата. И како што Свети Апостол Павле кажа дека не живее тој веќе за себе, туку живее за Христос. Е тоа е тоа нешто за кое што ние треба да се трудиме во овој живот. И затоа Господ вели дека треба да се откажеме од себе, односно да се испразнеме од секоја наша злоба во нас, од секој наш грев, од секоја наша пристрасност, од секоја гревовна страст, од сета поврзаност со гревот, со светот и се што е погубно за нашата душа.
И само така може да влезе Христос во нашето срце, затоа што Христос, Светиот, пребива само во светост, во светли и чисти простории. Затоа да се трудиме да го очистиме своето срце од страстите за да можеме да го примиме Христос и на тој начин да си ја спасиме душата наша, и на тој начин да го стекнеме царството небесно сега, овде и во сите векови. Амин.
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
29 / 09 / 2024