Беседа за неделата на блудниот син – Отец Гаврил Галев
Ја слушнавме приказната за двајцата синови, едниот помлад кој побарал од татко му да му го даде неговиот имот и заминал од него, и другиот кој што останал со татко му и му служел цело време.
Во оваа парабола главен настан е заминувањето на помладиот син од татка си, оддавајки се на развратен живот и неговото покајание и повторно враќање во татковиот дом. Меѓутоа, поширокото значение на овој настан е меѓусебниот односот на синовите и таткото и на таткото кон нив, како и на синовите помегу себе. Јасно е дека таткото во оваа парабола е Бог, а синовите сме ние луѓето. Бидејки Светото Писмо има лична преспектива, преку оваа парабопла ние можеме да се пронајдеме самите себе во тој однос. Всушност тоа е нашиот личен, личносен однос на секој еден од нас со Господ и помеѓу себе.
Преку блудниот син се огледуваат сите оние луѓе кои што се откажале од Бога и пошле по лош пат. Тоа се луѓето кои водат развратен живот одвоен од Бог и се заробени од сите три групи на страсти, сластољубие, среброљубие и славољубие. Всушност, повеќе или помалку, сите на свој начин се откажуваме од Бога, служејќи им на своите страсти.
Помладиот брат самољубив, покажува незрелост, недоветност и потемнетост во умот барајки го „својот“ дел од имотот. Неговата потемнетост и лудост се гледа од фактот дека бара нешто што нема и не му припаѓа нему, туку на неговиот татко, а тоа е имотот. Меѓутоа милоста Божја, љубовта на таткото која се покажува во почитувањето на слободата на личноста, не го лишува од неговото барање и му ја исполнува желбата.
Оваа состојба на блуден син се манифестира во многубројни секојдневни ситуации во кои што треба на некој начин да избереме дали да постапиме како што Бог не учи и како што би постапил Тој, или да постапиме според нашата падната природа и наговарањето на демонот. За жал, многу често го избираме второто, а тоа е всушност на некој начин и повторно постапување како овој блуден син.
Нашата паднатост не мора да биде во тоа да се живее развратно, туку и во живеење не согласно co Божјата волја, а на тој начин се лишуваме од насладувањето co Божествените дарови. Исто како овој син кога го потрошил татковото наследство и се нашол во немаштија бил спремен да јаде од хранaта што ја јаделе свињите, а тоа се страстите. Тогаш се сетил дека во домот на неговиот татко, сите слуги имаат повеќе од колку што сега има тој. Тоа значи, секогаш кога ние ќе го избереме погрешниот пат, односно патот според паднатата логика на овој свет, според лажната сигурноста на материјализмот, на капитализмот, патот на интересот итн., ние остануваме духовно гладни и бедни. Ѓаволот најпрво ни ветува големи богатства и слави, а потоа си го покажува своето лице на лажго и злонамерник, па се повлекува. Го остава оној кој се занесол по него во тие опрелестени состојби и го остава човекот сам и паднат.
И многу е битно во тој момент кога ќе се најдеме во таа ситуација да знаеме како да постапиме. Најразумно е да постапиме како што постапил овој млад човек, т.е да се покаеме.
Покајанието значи преумување, или враќање во онаа првобитна состојба пред да паднеме. Не само да речеме дека се каеме, туку да се смениме и тоа треба да го покажеме видливо. Да покажеме квалитетна промена во нашиот живот на подобро. Ова го зборувам, затоа што многумина немајќи доволно покајание, а имајќи многу гордост, не сакаат да дојдат при својот духовен Отец и да се исповедаат, да ги исповедаат своите гревови, своите грешни дела, своите грешни зборови и своите мисли грешни. И помислата е грев, затоа што се почнува од (по)мисла. И полноглавецот е жаба, иако сеуште не личи на жаба. Така да и грешната помисла е грев и затоа треба да се трудиме да ја уништиме додека е таа млада како полноглавец.
И откако овој млад човек сфатил дека се наоѓа во бедна и очајна состојба решил и се вратил при својот отец. А како во овој случај постапил Отецот? Тој прв пристапил при својот изгубен син којшто го беше потрошил неговио имот по блудиници и во ниеден момент не се двоумeл да го прими, туку го чекал. Неговиот поглед бил вперен во правецот од каде што тој заминал и цело време го исчекувал пак да му се врати.
Бог и не може поинаку да постапи затоа што неговото начело, неговата суштина е љубов, не човечка правда, не пресметки и математика, не економија, не ништо друго како што ние знаеме да правиме. Ние секогаш расудуваме според некои паднати овоземни логики дека ако некој нешто ни згрешил треба да се расчистиме со него, тие што згрешиле да бидат казнети, дека треба ние да бидеме победниците итн. Тоа е сосема спротивно логиката Xристова. Гледате дека Бога прв пристапил и го прегрнал, и сето достоинство што го имал како син му го вратил. Го заклал и угоеното теле приредувајки гозба заради неговото враќање, затоа што животот на тој негов син му бил подрагоцен од се друго, имот, достоинство, правда. Каде е тука правдата? Сепак, тоа е победа на животот над смртта.
Да видеме сега, како постапил постариот брат, кој што останал со својот татко и кој што сѐ она што имал таткото, го имал и тој. А тоа се луѓето кои што се нарекуваат побожни, одат на црква, можеби и се исповедаат, постат, се молат, принесуваат дарови на црквата, меѓутоа внатре во себе се суетни и горди, имаат високо мислење за себе, завидуваат, озборуваат, судат и ги осудуваат другите. Какви всушност сме, се покажува во конкретните односи со нашите ближни, т.е. со секоја конкретна личност.
Кога ќе дојде време такаречено да се расчистат сметките, односно кога ќе дојде време да се соочиме и да го прифатиме својот „грешен“ брат или сестра, тогаш и си го покажуваме своето вистинско лице. Тогаш излегуваат на површина завистта, љубомората, себичноста, високото мислење за самите себе а сетоа тоа е повтoрно одпадништво од Бога. Дури можеби и полошо од првата ситуација затоа што сега самите себе сме се поставиле на местото Божјо.
Гледате како постапил постариот син? Тој постапил толку гордо и суетно, што не сакал тој лично да дојде до својот татко и да го праша зошто е таа врева, туку го пратил слугата. И кога дошол при својот татко не рекол „брат ми“, туку рекол „овој твој син“ (исто како Адам) кој го потрошил имотот со блудници. Прашањето е од каде знаел тој за брат му како живеел и зашто го потрошил имотот кога тие немале контакти? Очигледно е дека тој се интересирал за животот на неговиот брат, но не за да се моли за него, за да се извлече од гревот и да се спаси, туку имајки нечисто срце го судел и осудувал. Од тука се провлекува уште едно психолошко прашање, дали и тој самиот притајно не посакувал таков живот?!? (Oва прашање можеме слободно да си го поставуваме и на самите себе). Следствено на горе реченото, овие двајца браќа се наоѓаат во иста состојба отпаднати од Бога. Едниот го напуштил, а другиот го отфрлил својот татко.
Со примерот на постариот син гледаме дека тоа што тој останал со татко му не му помогнало многу во неговиот духовен напредок. Иако овој човек, за себе вели дека останал да му служи и не прекршил ниедна негова заповед, сепак неговите мисли, неговите чуства и дела не се поклопувале со оние на неговиот татко. Тоа значи дека тој имал погрешен однос кон него и неговото послушание било само формално, надворешно. Ако имал смирение, ќе ја имал и милосрдноста и љубовта на својот татко и ќе се израдувал на враќањето на неговиот отпаднат брат. Смирението е основа за секоја добродетел и без смирение нема правилен побожен живот.
Гордоста е најголемиот грев од сите гревови како и мајка на сите гревови. И од неа треба најмногу да се чуваме. Суетата, високото мислење за самите себе, зависта, љубомората, озборувањето и секаков друг грев, потекнуваат од гордоста. Обземен од гордоста и сите последователни страсти кои предходно ги наброивме, тој одбил да дојде и да седне на трпезата заедно со својот брат, со татко му и со сите слуги за да се провесели и радува за неговиот брат, бидејќи беше „загубен и се најде и беше мртов и оживеа“.
Во лицето на постариот син може да се препознаат оние христијани кои одат во црква и ги исполнуваат правилата на Црквата, но тоа го прават надворешно и неправилно без внатрешно покајание и смирениe, и пак си остануваат на истото ниво, дури и паѓаат надолу зато што во христијанскиот живот нема статус кво. Искрено да внимаваме и ние да не се најдеме во оваа состојба.
Сите ние се наоѓаме да сме слични на овој блуден син кој што отпаднал од својот татко, ама се покајал и се вратил, или пак како другиот неблагодарен син, кој што останал на имотот од својот татко, ама имал високо мислење за себе и гордост и на крајот отпаднал од неговата заедница . Господ е оној кој што не мери, Господ е оној кој што постојано се дава, „се мое е твое синко“. Тој го чека нашето покајание. Од нашиот однос спрема Бог и ближниот, т.е. дали Бог ќе го прифатиме и наречеме свој татко, a нашиот ближен свој брат, зависи дали ќе бидеме Негови синови и семејство или нема. Одлуката е наша.
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија