Беседа за Божик – Отец Гаврил Галев
~+~
Како да го опееме овој празник, а да не ја спомнеме Онаа, Која што преку Неа сe случи сѐ. Пресвета Богородица, која ни го роди Спасителот. Која што целосно се даде себе си да му служи на Бога и Која што го поживеа сиот свој живот достојно без грев, за да се удостои во својата утроба и телесно да го прими Hесмесливиот, Оној кој што дојде да го спаси човекот.
Нејзината улога е незаменлива во целиот домострој на спасението Божјо за спасението наше. Без неа немаше да се случи тоа што се случи. Без неа немаше да ни се роди Спасителот. Без неа немаше да го добиеме помирувањето. Без неа немаше да изгрее вистинското сонце на просветлението. Без неа немаше да дојде спасението на светот. И затоа ние најмногу од сите, треба нејзе да и благодариме.
На овој ден Бог стана човек, за да човекот, по Неговата благодат, стане бог. Бог стана човек за да ние, преку учеството во неговата природа (благодат), се удостоиме да го добиеме царството небесно, тоа што Бог го подготвил за нас. И затоа Исус дојде на земјата, не за ништо друго, туку да ни даде можност повторно да бидеме луѓе, такви какви што Бог замислил да бидеме. Не такви како што сме сега паднати, грешни, никакви, туку едноставно свети, обожени. Затоа секогаш нашиот живот треба да го споредуваме, корегираме и да го исправуваме според животот на Христос. Христос стана човек да ни покаже како човекот треба да изгледа. И според тоа, ние колку сме слични со Христос, толку сме и луѓе, колку сме различни од Христос, толку сме нелуѓе.
На овој ден Бог се измири со човештвото и на Себе ја понесе падната човечка природа, за да ја обнови и врати во првобитие. Човекот, кој заради својата неодговорност и себељубие се откажа од Бог, cакајќи без Бога да стане бог, го изгуби дури и своето човечко достоинство. Од рајот, во местото на насладувањето, кај што владееше мир, љубов и слобода, избра да живее во овој свет на прогонство, во местото на маки и страданија и наследи немир, гнев и ропство. Затоа и ова човештво е, такво какво што е.
Меѓутоа еве, благодарение на Пречистата и секогаш Дева Марија,
Која се удостои во својата утроба да го прими Пречистиот и ни го роди, и со тоа ни се даде можност да се ослободиме од нерешливото ропство на гревот, на сатаната и на смртта. За, како што и Пречистата Марија своеволно се согласи да учествува во планот Божји, така и ние своеволно да земеме учество во Неговиот живот во Црквата за нашето спасение. Најпрво преку крштението, потоа живејќи светотаински добродетелен живот го исполниме ветувањето дека ќе се откажeме од сатаната и ќе се присоединиме со Христос.
Да се трудиме нашиот живот секогаш да биде ускладен со Христовиот живот, исполнувајќи ги Божјите заповеди перфектно и беспрекорно, за да го спознаеме, a не да бидеме како оние кои што не го примиле Богомладенецот Христос (а имале можност во своите домови да им се роди Бог Спасителот), во Витлеем. Но тие, заради својата себичност, заради својата комфорност, се затвориле и не го препознале Спасителот, па го отфрлиле. Луѓето не го познале, но затоа природата го познала и му ја отворила пештерата за таму да се роди Богомладенецот Исус Христос. Во неа, пастирите му се воодушевувале, мудреците му се поклониле и му принеле дарови, а ангелите го славословувале: “ Слава на Бога во висините, на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!”
Витлеемската пештера симболично е и нашето срце, нашата душа или нашите домови. Да му ја отворимe и ние, исто како и природата, за да се роди Христос во неа. Но, за да се роди, таа треба да биде чиста, за да има каде Он глава да потслони. Таа пештера – нашето срце, треба со пост, молитва, со покајание, со љубов и секоја добродетел да ја исполниме и да создадеме атмосфера, за да таинствено и благодатно се роди Христос во неа. Подготвувајќи се така, ние вистински го чествуваме празникот и благодарно учествуваме во него. Во секој друг случај сме само посматрачи, или во екстремна смисла и сеирџии.
Христос секогаш да ни носи мир, секогаш да ни носи љубов, секогаш да ни дарува вистинска слобода и да го примиме во наше срце и да го прославиме овој празник достојно и за многу години.
Христос се роди! За многу години!
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
07.01.2023