Беседа за богатиот млад човек – Отец Гаврил (Галев)
(Матеј 19: 16–26)
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Овај евангелски настан ни е доволно познат на сите и треба да го знаеме неговото значение и не само да го знаеме, туку и да го практикуваме, да го живееме, како што Господ вели, ако сакаме да имаме живот вечен и ако сакаме да бидеме совршени.
Овој млад човек уште на почетокот на неговиот пристап има промашување, нарекувајќи Господ Исус Христос, како “учител благ”, на што Господ му рекол дека никој не е благ, односно добар, освен единиот Бог. Така му одговорил затоа што му пристапил на погрешен начин и погрешно сметајќи го само како за учител, како за еден од многуте учители кои што се јавуваат во светот. Меѓутоа Господ Исус Христос не е само учител, Он е пред се Бог и Спасител. И затоа го насочува дека само Бог е оној кој е единствено добар, а никој човек колку да изгледа привлечен, колку да изгледа неговата наука добра, не е добар, не е совршен и не може да не’ спаси од распадливоста на падната човечка природа. Само Христос, само животот според учењето на Христос, може да не спаси.
Го прашал што треба да направи за да има живот вечен. Господ Исус Христос, знаејќи дека овој човек бил Евреин, бил раководен од десетте Божји заповеди му кажал да ги исполнува. Но како што гледаме Господ овде му го кажува само вториот дел од нив, оние кои што се однесуваат на односот кон својот ближен, затоа што Евреите, па и денешните Христијани овде најмногу грешиме и паѓаме. Вера кон Бога, каква – така имаме, меѓутоа во однос на својот ближен, тука сме слаби, само падни стани. Бидејќи нашиот однос е нездрав и затоа лесно паѓаме. Господ преку овој млад човек, на сите нас ни посочува на што треба да внимаваме.
Паѓаме и се повредуваме. А всушност што е објектот на повредата?
Тоа е нашата суета. Ништо друго освен гордоста. Но ако се смириме и се сметаме за пониски од другиот или пак како што Господ вели барем за еднакви, тука нема место за никаква суета и повреда.
Но ние паѓаме затоа што се превознесуваме и се сакаме повеќе себеси од сите другите и затоа секогаш нашиот пад се случува заради нашата гордост, суета и високо мислење за себе си. Не може некој да ме навреди или повреди или да се замрачи мојата љубов кон некого ако јас го сакам. Споредете со своите најблиски, секогаш (сакаме да) и простуваме. Меѓутоа, бидејќи јас се превознесувам над другиот, се сметам за достоен да ми се прават почести, па кога тоа наше очекување не се оствари на начин којшто ние сме го замислиле, тогаш и настанува разочарувањето, повредата и појавата на низа нечисти помисли и страсти.
Кога стоиме на земјата и уште, ако се понизуваме и се сметаме за најнедостојни, тогаш нашата состојба е стабилна и цврста. Но, кога ќе воздигнеме и кога ќе го направеме тој дисбаланс, тогаш нашата стабилност се нарушува и лесно може демонот да не сопне, да не падне. Затоа секогаш треба да се ставаме на последното место и секогаш треба да го сакаме својот ближен и само така и самите себе. Преку другиот, односно преку Христос, којшто се поистоветува со секој еден од нас.
Одговортот на Хростовите зборови на овој млад човек бил дека тој го запазил тоа од младина. Односно веќе го има исполнето тој услов и сега бара “што уште е потребно?”
Тогаш Христoc и му кажал “ако сакаш да бидеш совршен оди и продај го својот имот, раздели го на сиромаси и врви по Мене. Тоа е веќе друг степен на живот, повоВишен, совршен живот. Живот потполно предаден на Бог, слободен и без грижа за земното.
А реакцијата на тоа на овој млад човек е по малку чудна. Затоа што самиот посакал да добие одговор на прашањето што го мачело и наместо, откако го добил одговорот, да се израдува дека ја дознал вистината дека го дознал патот, и може да си ја оствари својата цел тој заминал тажен. Зошто? Затоа што повторно проблемот е во нашата суета, гордост, високото мислење за самиот себе. Затоа што тој веќе се сметал за совршен, тој веќе се сметал за достоен и очекувал Бог да го пофали пред сите и да и каже на сите колку, демек, бил тој добар. Тој не побарал некого да следи, туку да биде тој кого ќе го следат. И очигледно е дека се исполнувал од суета, а не од љубов. Затоа што, ако вистински од срце и со вера ги исполнувал, тој ќе го спознал Бог и ќе препознал уште од почетокот, затоа што исполнувањето на божјите заповеди и животот според нив носи благодат и просветление и богопознание.
Совршенството нема граница. Колку и да напредуваме, да се подвизуваме, секогаш сме на почетокот и уште многу има пред нас. Христос е совршен и според Него треба да се восовршуваме. затоа ние не треба никогаш да се сметаме себе за добри, бидејќи само едниот Бог е добар. И скогаш да се споредуваме единствено со Христос, зашто Христос е нашата цел, Христос е нашето мерило и Христос е оној кој што не спасува.
И како што се вели понатаму во Евангелието, тој си заминал натажен затоа што имал многу богатство. Ова богатство не мора да биде материјално, ова богатство може да биде од секаков карактер, некои се богати, некои се паметни, некои се убави, некои се мислат дека се нешто од овие и тоа е тоа што ни го пречи нашиот однос со Христос и ни попречува да влеземе во царството небесно и да бидеме совршени да се откажеме од самите себе.
Сме се острастиле на она што сметаме дека е наше, а всушност ништо не е наше, се е дар Божји. Ако Господ не сака да ни го даде, ние никогаш нема да го имаме. Меѓутоа, ете Господ ни дал се што имаме, место да му благодариме на Него, ние сме се острастиле и сме го присвоиле за наше и тоа е нешто што нас ни става пречка. Ни ја затвара вратата да влеземе во царството небесно. И затоа Господ и на други места вели треба да се откажеме од самите себе, односно од својата суета, од високото мислење за самите себе, од нашите страсти и да го земеме својот крст и да врвеме по Него, а тоа значи да ја исполнуваме Божјата волја.
Божјата волја ние и не ја знаеме, меѓутоа Бог не учи. Кога ќе се се смириме и предадеме, кога ќе се откажеме од самите себе, од својата суета, од својата пристрасност, тогаш Бог ќе не води. Ќе одеме кај што Бог ќе не однесе. А ќе не однесе онаму кај што е најпотребно за нас и тие околу нас. Затоа треба да бидеме смирени и послушни. Да не ја бараме својата волја, зашто тогаш се затвараме за Божјата волја. Да го примаме секој и се што ќе ни случи во нашиот живот со благодарност, и на тој начин ќе влеземе во царството небесно.
И затоа откако овој млад човек не можел да го исполни тоа, не можел да се откажe од своето богатство, од својата конфорна зона, тогаш не можел да се согласи со тоа и заминал тажен. Тогаш Господ им рекол на учениците полесно е на камила да влезе низ иглени уши од колку богат во царството.
И за тоа сме зборувале дека во стариот Ерусалим имало тврдина во која што се заштитувале од непријателите. Ѕидините имале четири големи порти преку кои што се влегувало внатре. Тие врати се затварале навечер за да не влезе непријателот, оној кој што случајно ќе задоцни, ќе залута, може да влезе преку дванаест тајни помали врати, процепи, кои ги нарекувале иглени уши.
Меѓутоа, преку нив можело да се влезе единствено ако се растовари камилата. Толку биле тесни. Ако некој носе товар со себе тој не можел да влезе. Тој товар всушност се нашите гревови, нашите грижи за овој свет, и затоа Господ не поучува дека треба да се ослободеме од нив. И само така слободни, чисти можеме да влеземе во Ерусалим. А Ние се бориме за горниот Ерусалим.
Христос кога зборувал, зборувал општо за сите. За цело човештво. Затоа и апостолите внимателно го слушале за се што ќе каже, се преиспитувале и размислувале за себе. Тогаш се согледале самите на кое ниво се и дошле до заклучок дека е невозможно човек до толку да се смири и откаже од се, па затоа прашале му рекле дека е тоа невозможно, кој може? Меѓутоа Бог ги утешува: “да за луѓето тоа е невозможно, но за Бог е се можно.” Нема ништо невозможно за Бог да исправи и преобрази, освен она што ние нема да му го предадеме, затоа што Бог на сила ништо не прави. Тој ја почитува нашата слобода и сака од нас соработка.
Затоа и Бог дојде на земјата, затоа и Бог прими човечко тело, затоа стана човек рамен на нас, во се освен во гревот, за да не искупи од гревовите и да ни го покаже патот. Да помине прв и ние да одиме по Него. Како што Исус Христос живеел, како Тој што мислел, како што Тој зборувал, она што Тој правел, така и ние треба да живееме, мислиме, зборуваме, и да правиме, и тоа не е невозможно, туку е возможно за секој еден од нас.
И Светиот Апостол Павле, во делот што го читавме денес, вели дека е најнедостоен од сите апостоли зашто ја гонел црквата и бил грешен човек. Меѓутоа од друга страна вели дека во неговата немоќ, Бог му ја дал Својата Благодат и таа благодат што Бог му ја дал не останала во него празна (тоа е многу битно), тој постигнал дела поголеми од другите апостоли. Таа благодат Бог ни ја дава и нам за секој наш подвиг и со една добра мисла, молитва, дело, и ние треба да ја направиме таа да не остане празна. За секој степен од духовниот живот Бог ни ја дава соодветно потребна благодат. За оние кои се на степенот на очистување им ја дава очистителната благодат, на оние што се на степенот на просветлението, просветителнато благодат и на совршените им ја дава обожувачката благодат.
За нас е битна очистителната благодат која Бог ни ја дава во подвигот на очистување на срцето од страстите. Тоа е првата светлина што Бог ни ја дава да гледаме само за нашите гревови и да плачеме за нив. Тоа е светлината на покајанието да ги видеме своите гревови и како апостолите да се смириме пред Господа и да побараме помош, а не да ги гледаме гревовите на другите и судиме и осудуваме. Во тој случај постапуваме како овој млад човек се откажуваме и заминуваме. Му вртиме грб на Бог. А колку е тоа грубо и непријатно да се размислиме самите. И да размислиме каде одиме, во спротивна насока од Бог и без Него? Да размислиме дали вреди повеќе да го сакаме своето богатство од Бог?
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
(12.09.2021 Светите Александар, Јован и Павле)