Апостолски Правила за Великиот Пост – Отец Гаврил
Големиот Велигденски пост започнува нa денот после Прочка, нека ни е благословен и лесен. Овој пост е посветен за подготовка и во чест и спомен на воскресението на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Христос воскресна од мртвите и со Неговата смрт ја уништи смртта, а со Него и сите ниe, кои веруваме и одиме по Него, да наследиме воскресение и живот вечен. Оваа зададеност Бог му ја дал на човекот уште во рајот за што требал да исполни само една заповед, да се воздржува, т.е. да пости. Ако постот му бил потребен на човекот во рајот за да дојде до целта тогаш уште повеќе во оваа земја на оттуѓеност и богоотстапништво.
Целта на овоземниот живот е преобразување на паднатиот човек во нас, воздигнување на обновениот и стекнувањето на благодатта на Светиот Дух. Тоа се постигнува со доброволно распнување на стариот и огревовен човек, со врздржување и бдеење над своето срце негово чистење како и ослободување од страстите кои не заробуваат и не прават робови на ѓаволот и осуденици на смртта.
Постот е едно од тие средства кои најдиректно помагаат во тој подвиг, најпрво на нивно неутрализирање, а потоа и победа над нив и ослободување. Меѓутоа, постот не треба да е сватен само како воздржување од одреден вид на храна во предходно определени денови од годината, туку севкупниот наш христијански живот и начин на постоење треба да е во непрестано бдеење и контрола над caмитe себе се до моментот на очистувањето на срцето од страстите и стекнувањето на благодатта на Светиот Дух во нас. Со постот ние се трудиме нашиот ум да го приковаме кон Господ, и во се’ што правиме, да имаме Божја благодат во нас и од неа да не отстапиме, а понатаму Самиот Свет Дух ќе не учи како таа благодат да ја запазиме во нас и дојдеме до нашата зададеност, како што спомнавме во почетокот.
Вистинскиот пост во себе ги содржи и сите добродетели: покајнието, смирението, милосрдието, телесниот подвиг итн, а пред се молитвата. Постот без молитвата и останатите добродетели е само една обична физичка дисциплина, диета па дури и суета и прелест. Постот е добродетел на Црквата па според тоа има и соборни димензии. Односно ние постиме и се подвизуваме не само за себе туку и за сите други. Постот и молитвата се голем дар Божји без кои нема обожение и спасение. Тие се наше благодарно учество во Крстот Христов, па и затоа и во Неговото воскресение. Затоа да го возљубиме постот и да се вооружиме против нашиот непријател.
Постот е и љубовно послушание кон Црквата за да не ја нарушиме соборноста на Црквата и Нејзиното устројство. Постот е многу суштествен дел, важен во нашата Црква. Светата Православна Црква уште од апостолските времиња, по примерот на Господ Исус Христос, го востановила постот, го определила времето на постот и која храна да ја јадат христијаните за време на постот.
Овој пост се пости строго без масло од понеделник до петок, освен сабота и недела кога се пости со масло. Масло се допушта во деновите кога ќе се падне голем празник, а тоа се: пронаѓањето на главата на св.Јован Крстител, св. 40 Севастијски маченици (младенци), собор на св.арх.Гаврил и св.мч. Агатангел Битолски. Заради утешение и поткрепа на оние кои присуствуваат на долготрајните и тешки богослуженија, светите отци допуштаат да се јаде масло и на денот кога ќе се чита големиот канон на св. Андреј Критски и пред Акатисната сабота. Масло се допушта и на преполовение на постот и на велики Четврток заради Тајната вечера. Два дена во текот на овој пост се јаде риба – Благовештение и Цветници и тоа во зависност кога ќе се паднат. Најчесто монасите а и оние поревносните христијани во светот првите денови држат тримир. Тоа е тридневен тотален пост во нејадење и непиење ништо и во средата на Литургијата на предходно осветените дарови се причестуваат со Телото и Крвта Христови. Првото нешто кое по три дена ке го вкусат е самиот Христос.
Ова е правилото на постот, но постои едно и традиционално правило кое во свое време и прилики во нешто e оправдано, а во нешто e неоправдано, толку длабоко има влезено меѓу нашиот народ што дури и го затскрива правилниот пост. Според него, се пости само првата и последната недела без масло (дури и се прекршува правилото за користење на масло во саботите и неделите), а потоа се пости со мало, а некои и пак воопшто не постат во тој период и неисповедани се причестуваат. Треба да се внимава, во дадени прилики и така е добро,но ако сакаме да бидеме вистински христијани и веќе го знаеме вистинското правило треба да се потрудиме и да го исполниме.
Секој пост си има своја тежина и своја суштина. Cветите отци решиле дека тој ќе трае 40 дена како што Господ постел, и уште една недела, како тажна седмица, од влегувањето на Христос во Ерусалим, се до Воскресение, а после Воскресението се веселиме и пиеме затоа што Младоженецот е со нас. После Велигден е светлата седмица и има канон дека таа седмица не треба да постиме и секој ден треба да одиме во црква и да се насладуваме со Божјите тајни. Тоа е закон кој мора да се почитува.
Треба да нагласиме дека ова е општо правило на Црквата , а на секој му се одредува неговото лично правило со согласност и благослов на духовниот Отец.
“Од постот исклучи ги најнапред болните, оти ако им се допушта риба и масло, го заслужиле тоа”. Но никому, дури и на смртниот час не му се допушта да јаде месо во среда и во петок, освен на Велигден и во другите денови кога тоа го дозволила Црквата. Исклучи ја средата и петокот кои паѓаат по Mесопусната, Cиропусната и Воскресната недела.
Оние кои никако не постат, нека почнат да постат, ако мислат да се спасат и душата да им влезе во Царството небесно. Но, тие не можат веднаш да го земат целото правило, туку најнапред нека постат во среда и петок во првата и последната недела од постот, а потоа, со текот на времето, ќе се трудат, а Господ ќе им помогне да го примат целосното правило, па така по некое време и тие ќе постат уредно.
Исто така, треба да се подготвиме за Причест со пост, со молитва и со исповед и во другите Христови и Богородични празници, за празниците на нашите големи македонски и сесловенски Светители Климен, Наум и другите, како и за храмовиот празник на црквата во која одиме на богослужение. Бидејќи само причестени, највистински и најцелосно учествуваме во настанот што го празнуваме, што е особено значајно за нашето спасение. Ова не го велам само јас, туку и Светите отци и каноните на Црквата.
Како, пак, канонот ќе се спроведе во животот на Црквата и кај секој верник поединечно одредува духовниот отец. Затоа за Причест е потребен и благослов од духовниот отец.
Кога станува збор за ова, неопходно е да се напомене дека без редовно исповедање на своите гревови и советување со духовниот отец никој не смее да пристапуа кон Светата Причест.
Исповедта е најдлабока потреба на секој човек. Затоа и во секојдневниот живот луѓето често ги кажуваат свoите ’тежини‘ на своите блиски, но тоа не е исто. Човек не може да биде спасен од обичен човек.
Говорејќи за духовниот пост, Светите отци секогаш посебна важност и придаваат на молитвата, особено на таканаречената ’Исусова молитва‘ – Господи Исусе Христе, Сине Божији, помилуј ме грешниот (грешната).
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
Photo by: Fr. Gavril Galev