// Google analytics code

АКО НЕКОЈ ИСКРЕНО ТРАГА ПО ВИСТИНАТА, НЕМА ДА БИДЕ ОДВЕДЕН ДО НЕКОЈА РЕЛИГИЈА, ТУКУ ДО САМИОТ ХРИСТОС – ИНТЕРВЈУ СО АРХИМАНДРИТ ДАНИЕЛ (БАМБАНГ ДВИ) БЈАНТОРО, ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА ВО ИНДОНЕЗИЈА (3 ДЕЛ)

72952420_2652622878164208_1016336390633291776_o~+~

3 ДЕЛ

Го откривам Православието во Кореја

Да ја скратам приказната, најпосле можев да студирам на оваа евангелистичка протестантска семинарија во Сеул, Јужна Кореја. Но, прашањето околу првобитното источно христијанство на Христовите Апостоли сè уште ми се вртеше во умот. Му се молев на Бог да ме води за да ја најдам оваа првобитна Црква.

Конечно Бог одговори на мојата молитва кон крајот на моето школување во Кореја, а таму се задржав скоро пет години. Еден ден отидов во најголемата книжарница во Сеул во тоа време. Сè беше напишано на корејски, но една книга на англиски ми го привлече вниманието. Тоа беше познатата книга на Владиката Калист Вер „Православната Црква“. Не знаев што е тоа „Православна Црква“, мислев дека се работи за нов култ од Америка. Но, ја купив книгата и откако завршив со читањето, бев толку многу среќен дека конечно ја најдов Црквата за која се молев.

Подоцна разбрав дека зградата наспроти мојата спална, за која сите овие години мислев дека е исламска џамија, и која моите корејски пријатели кои живееја во околината ја нарекуваа „Црква со голем поглавар“ или „некој вид римокатоличка црква без папа“, всушност беше зграда на Православна Црква. Најпосле одлучив да ја посетам црквата, но моето минато, исламското и евангелистичко-христијанското, ме стопираше при погледот на многуте икони на ѕидот. Мислев дека Православната Црква воопшто не се разликува од римокатоличката во обожувањето идоли. Повеќе различни работи на прв поглед ми беа пречка за веднаш да го прифатам православното учење:

  1. истакнатото место на Дева Марија
  2. употребата на темјанот (кадење)
  3. употребата на пишани молитви
  4. нарекувањето на свештениците „отец“
  5. целивањето рака на свештеник, икони, мошти
  6. поклони пред иконите, крстовите и моштите
  7. молитви кон светителите и молитви за умрените

Но, истовремено бев привлечен од Богословието на Православната Црква, особено богословието за Света Троица, кое изгледаше дека е во согласност со моето откритие на оваа догма при моето обраќање во христијанство кога го читав Куранот 3, 45. Изгледаше како да има некои контрадикции меѓу прекрасното богословие на оваа вера со горенаведените практики кои ми пречеа.

Полека ми светна во умот дека во исламот Словото Божјо беше пратено да стане Книга, „Куран“, со посредство на пророкот Мухамед, така што пророкот Мухамед многу се почитува во исламот затоа што е „носител на Божјото Слово“. Славејќи го Мухамед, ниеден муслиман не мисли дека го обожува него заедно со Бог. Во христијанството Словото Божјо беше пратено да „стане Човек“ со посредство на Дева Марија, затоа Таа е исто така „носител на Божјото Слово“. Ако во исламот величањето на Мухамед како носител на Божјото Слово не е чин на идолопоклонство, зошто тогаш би било чин на идолопоклонство ако некој Ја велича Дева Марија, Која е носител на Божјото Слово во христијанството? Конечно ја видов паралелата меѓу практикувањата на овие две различни вери, и тогаш можев да согледам дека истакнатото место на Дева Марија во Православието нема допирна точка со идолопоклонството. Значи, Исус во исламот може да Го “споредиме” со Куранот, а не со Мухамед, а Дева Марија може да Ја “споредиме” со Мухамед.

Бидејќи во исламот Словото Божјо му беше пратено на пророкот Мухамед во облик на книга на арапски јазик и писмо, затоа најважниот уметнички израз на Вокниженото Слово (Словото што стана Книга) на арапски е „калиграфијата“. Додека пак, во православното христијанство Словото Божјо беше пратено во утробата на Дева Марија во облик на човек, кој може да биде насликан, и затоа најважниот уметнички израз на Воплотеното Слово е „иконографијата“. Калиграфијата не е идол и е во согласност со доктрината на Вокниженото Слово, па така ни иконографијата не е идол и е во согласност со доктрината на Воплотеното Слово.

Темјанот се употребува секаде во Библијата: бил употребуван за време на богослужењето на Израилскиот народ во целиот старозаветен период, Захариј го употребувал во Новиот Завет кога архангел Гаврил му се јавил (Лука 1, 9–10), Му бил принесен на Младенецот Христос од страна на мудреците (Матеј 2, 11), се употребува во небесното богослужење (Откровение 5, 8; 8, 5). Затоа сфатив дека нема ништо небиблиско во употребата на темјанот.

Моштите се останки од личност за која е докажано дека живеела свет живот. Светоста доаѓа од Светиот Дух, Кој го осветува целото битие на личноста, и душата и телото, бидејќи телото исто така ќе биде воскреснато. Светиот целив е даден како заповед во Светото Писмо, како знак на поздрав, почит и братољубие (Рим. 16, 16; 1. Кор. 16, 20). Поклонувањето (правењето метании) не е секогаш чин на обожување, туку исто така и на обична почит, како кога Авраам им се поклони до земја на синовите на Хет (Битие 23, 7). Значи, целивањето или поклонувањето на иконите и моштите не е секогаш знак на идолопоклонство, туку може да биде и знак на почит и чествување на делото на Воплотувањето (во случајот на иконите) и на делото на Осветувањето од Светиот Дух (во случајот на моштите). Одново открив дека нема ништо небиблиско во врска со сите овие практикувања.

Светителите се „духот на восовршените праведници“ и тие се живи во Новиот Ерусалим (сп. Евр. 12, 22), бидејќи оние кои веруваат во Христос се живи иако умреле (Јован 11, 25). Тие се членови на истата Црква Христова, па така ние сме соединети со нив во Христос преку Светиот Дух. Така, ние сме браќа во верата со нив. Браќа/сестри во верата може да се молат за друг брат/сестра во верата. Одново откривам дека тука не се работи толку за „молитви кон светителите“ што се практикува од страна на Црквата, туку за молитви кон Бог заедно со светителите, бидејќи тие се сè уште живи и ние сме во единство со нив и ги молиме да Му се молат на Бог за нас. Така, воспоставено е вистинско христијанско единство меѓу членовите на едната Црква во Христос, и на небото и на земјата (Ефес. 1, 10). Повторно открив дека нема ништо идолопоклонско ниту пак небиблиско во единството со светителот во молитвата.

Исто така открив дека не постои ништо во Библијата што би му забранило на некого да Му се моли „на Бог“ за умрените како знак на пријателство и љубов; она што е забрането со Библијата е „молитви кон умрените“ и „некроманија“, „медиумство“, „спиритизам“ и сите видови на окултизам (Повторени закони 18, 9–12).

Молитвите „КОН БОГ“ за умрените во форма на помен немаат ништо заедничко со „некроманијата“, „медиумството“, „спиритизмот“ и окултизмот, туку се знак на надежта на Црквата дека починатите во Христос не се фрлени во заборав и изгубени, туку се сè уште живи во Христос.

Најпосле, свештеникот е духовен отец на својата паства преку Евангелието (1. Кор. 4, 15), и свети Павле секогаш го нарекуваше својот ученик Тимотеј „вистински син“ (1. Тим. 1, 2). Бидејќи членовите на Црквата се духовни чеда на свештеникот во Црквата, а свештеникот е духовен отец на паствата, не е правилно тој да се нарекува брат или по име, туку е логично да се нарекува „отец“. Бев задоволен што го открив ова во Библијата. А во врска со пишаната молитва, во Библијата нема ништо против оваа практика, бидејќи заповедта да се молиме „во дух и вистина“ (Јован 4, 24) не значи дека не можеме да употребуваме напишана молитва. Тоа само значи дека нашата молитва, било да е спонтана или напишана, треба да биде направена искрено и во силата на Светиот Дух.

Со сите овие откритија, јас конечно одлучив дека треба да станам православен христијанин и дека Православието е докажано Библиската Црква на Апостолите. Конечно бев примен во православната вера од свештеникот на црквата во Сеул, тогаш архимандрит а сега пензиониран Митрополит на Зелон, Сотириос (Трамбас).

 

Разговорот го водеше:

о. Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија


About The Author